Добра плата во докажана компанија што ќе ме цени - услов да не заминам во странство ако можам. Резултати од анкета
Младите би останале да работат во Македонија ако работодавците им понудат работна средина која овозможува вреднување на трудот, кариерен развој, професионален однос и тимска работа и, секако, грижа за здравјето и добра плата. Ова го покажуваат резултатите од неодамнешната анонимна интернет-анкета на Факултети.мк - „Што е тоа што би ве мотивирало да не заминете да работите во странство, доколку имате можност за тоа?“
Во анкетирањето учествуваа 682 испитаници, од кои 53,1% одговорија дека би останале во земјата доколку најдат работна средина која го поттикнува кариерниот развој. На истото прашање 48,4% од испитаниците одговорија дека добра работа со солидна плата е доволна за да ги убеди да ја продолжат кариерата во Македонија, а за 21,4% е значајна работната средина која поттикнува иновации. Речиси половина од тие испитаници ги потенцираат како услови и почитувањето на законите, функционирањето на правната држава и модернизирањето на самата држава, како и почитувањето на човековите права.
Добра плата и без политика и мобинг
На прашањето „Како треба да изгледа работна средина која го поттикнува кариерниот развој?“ одговорија 490 испитаници. Тие сметаат дека за нив добра работна средина значи место без корупција и непотизам, без непотребни притисоци и лична нетрпеливост, без мобинг и дискриминација и без политика. А за сметка на тоа, што повеќе обуки, почитување на мислењето и идеите, вреднување на трудот, тимски дух, колегијалност, бонуси, почитување на приватноста, на работното време и на идеите. Во овие рамки се движат и одговорите на 509. испитаници што одговориле на прашањето што за нив значи добра работа, па едни велат дека тоа е спој на она што си учел и добрата плата, други дека тоа е фер однос работодавец-работник, а трети дека е тоа стимулот од работодавецот или претпоставениот кој ќе те натера да му се посветиш 110% на тоа што го работиш.
За дел од испитаниците, добра работа и добра работна средина значи и повеќе слобода на работното место, флексибилно работно време, фитнес-центар, тим-билдинзи, кантина, па и рамна хиерархија.
За една четвртина од испитаниците, или поточно за 24,8% отсто од нив, пресудна е платата за да не заминат во странство. Под поимот „солидна плата“ најголемиот дел од испитаниците подразбираат износ од 40.000 до 60.000 денари месечно, но дел од нив, сепак, велат дека е потребно платата да биде уште повисока за да не ја напуштат државата. Дел од испитаниците сметаат дека солидна плата би била таа што е двојно поголема од месечната потрошувачка кошница на едно четиричлено семејство или да може да се заштедува за да не мора да се зема кредит да се појде на одмор. На ова прашање во анкетата одговориле 626 граѓани.
Има ли во Македонија компанија по ваш терк?
Помладите испитаници генерално сметаат дека во Македонија има добри работни места, но најголемиот дел од нив тие работни места ги гледаат во не така голем број компании во Македонија. На прашањето „Има ли во земјава компанија/компании во која/кои би сакале да работите?“ одговориле 504 испитаници во анкетата. Дека такви компании има во Македонија одговориле над 70 отсто.
Оние што потврдно одговориле, на прашањето која е таа компанија или фирма најчесто посочуваат на големите реномирани компании во државата, на некои од малите и средните бизниси од ИТ-секторот и на дел од странските инвестиции во државата.
Како причина зошто би сакале да работат токму во тие компании, околу 30 отсто од испитаниците ги навеле работната атмосфера, можноста за напредување во кариерата и платата.
Дел од испитаниците како добро место за работа ја посочуваат државната администрација, пред се министерствата и општините, а неколкумина како места каде што посакуваат работа напишале дел од амбасадите во Скопје.
Крајните резултати од анкетата покажуваат дека младата популација во Македонија во голема мера ја гледа перспективата надвор од границите на земјата, додека дел од нив би зеле учество во домашниот пазар на труд само ако успеат да најдат место во некоја од поголемите, поуспешни компании. Политичко-социјалните проблеми, непотизмот, условите за работа и ниската плата и понатаму остануваат главни пречки во наоѓањето работа во нашата држава и за задржување на младите во неа.
Фото: Борче Поповски