За студентите од научните и технолошките области, онлајн-часовите даваат ист резултат како часовите во училница
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Студентите на програмите од научните, технолошките, инженерските и математичките области имаат еднакви резултати од учењето онлајн и во традиционална училница, покажува ново истражување. Во истражувањето биле вклучени 300 студенти од Русија, каде што некои од најдобрите универзитети почнуваат да нудат онлајн-курсеви како дел од стандардната програма.
- Побарувачката за високо образование расте во дигиталната економија во која живееме, но цената на студирањето се зголемува, а нема доволно луѓе што би ги предавале овие курсеви, особено во руралните региони - вели Рене Кизилцец, асистент-професор по информатички науки на Универзитетот „Корнел“ и еден од авторите на истражувањето.
Фото: Pixabay
Според него, новото истражување досега нуди најдобар доказ дека онлајн-учењето може да има исти ефекти како традиционалното образование на кое сме навикнати, а за помала цена. Истражувањето посочува дека онлајн-курсевите чинат 80% помалку по студент отколку класичните предавања, додека комбинираните програми ги намалуваат трошоците за студент за речиси 20%.
Меѓутоа, истражувањето покажува и дека иако онлајн-курсевите заштедуваат пари на долг рок, универзитетите имаат трошоци поврзани со развивањето на платформите на почетокот.
Фото: Pixabay
Платформите за онлајн-учење имаат голем потенцијал, особено во периоди на пандемија, како сега. Недостигот на професионалци во научните,
технолошките, инженерските и математичките области може да ја забави глобалната економија, покажува друго истражување.
Истовремено, многу високообразовни институции се трудат да ги намалат трошоците. Земјите како Русија, Кина и Индија започнале да работат на онлајн-платформи за учење како резултат на овој проблем.
Извор:
eurekalert.org