На секој што ги примил двете дози на вакцина треба да му се врати целосната слобода
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ограничувањата на основните права треба да се повлечат по втората примена доза на вакцина против коронавирусот. Ова го бара сенаторката за економски прашања во Берлин, Рамона Поп.
- Не постои причина за понатамошно ограничување на основните права за вакцинираните лица. Овие лица треба да бидат во можност да ги живеат своите целосни слободи по втората примена доза на вакцина бидејќи повеќе не можат да го пренесат вирусот - вели Поп, која ги пренесе неодамнешните откритија на институтот „Роберт Кох“ - дека вакцинираните луѓе не само што се заштитени од Ковид-19 туку тие и не заразуваат други луѓе.
- Федералната влада и државите мора брзо да изнесат регулативи за ова - изјави таа.
Германскиот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ објави дека не постои ризик од пренесување на инфекцијата кај вакцинираните.
Минатата недела германскиот министер за здравство Јенс Шпан ги зголеми
надежите дека целосно вакцинираните луѓе, како и оние чии тестови се
негативни, може да ги вратат слободите за купување и патување - но по
третиот бран на инфекции.
- Оној што е целосно вакциниран во иднина мора да се третира исто како луѓето со негативен тест - изјави Јенс Шпан, министер за здравство на Германија.
Шпан се повикува токму на извештајот на институтот „Роберт Кох“, кој покажува дека луѓето што се целосно вакцинирани имаат помали шанси да го пренесат вирусот отколку луѓето што се негативни на ПЦР-тестот.
Според истиот институт, лицата што примиле втора доза на вакцина треба да бидат изземени од задолжителни тестови и карантин.
Фото: Freepik