Шаќири ќе скрати од парите за инвестиции за да обезбеди за наставниците

Шаќири ќе скрати од парите за инвестиции за да обезбеди за наставниците

Владата ќе достави предлог до Синдикатот кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава, вели министерот

Како министер за образование и наука, подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности што се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, за да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците кој го бара СОНК. Ова го побарав и од другите министри во Владата и во тоа гледам опција преку која би можеле да постигнеме решение во рамките на социјалниот дијалог со Синдикатот. Ова е ставот на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој го пренесе МОН.

- Штрајкот е почнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до Синдикатот кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава - рече Шаќири.

Министерот рече дека заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кое платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК, со оглед на тоа што е најавено нејзино покачување и во 2023 и 2024 година.

- Ме радува тоа што зборуваме за зголемување на платите. Оваа влада во неколку наврати им ги зголеми платите на наставниците и тоа по 5 отсто во 2018 и 2019 година и 10 отсто во 2022 година, на кои се додава и минат труд и така кумулативното зголемување е за над 21 отсто. Така што и овој пат ќе се договориме и ќе му излеземе во пресрет на наставниот кадар - рече министерот.

Заменски наставници нема да има

Според членот 50 од Законот за основно образование, во случај на прекин на воспитно-образовната работа поради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените што штрајкуваат, додека трае штрајкот. Засега, надлежните не планираат да ангажираат заменски наставници.

Во Законот, исто така, е наведено дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго).

Во членот 50 стои дека наставата во учебната година се остварува во 180 наставни дена, па најверојатно, по 10 јуни ќе треба да се одработат овие денови во кои се штрајкувало и во кои не била организирана настава.