Како Шведска стана рај за добар сон?

Како Шведска стана рај за добар сон?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Долгите, студени шведски ноќи можеби ќе ве одвратат од посета во зима освен ако не сте во потрага по најреткиот луксуз на 21 век - квалитетен сон.

Фериботот бавно сече низ замрзнатите води на Балтичкото Море, минувајќи покрај островите на стокхолмскиот архипелаг. Црвени дрвени колиби со имиња како Скарпо, Хјолмо и Јелно сведочат за традицијата и мирот на ова место.

Се симнувам на Сватсо, еден од ретките острови со сместување во зима. По снежната патека се стигнува до хотелот „Скаргард“, кој се наоѓа на работ од шумата, со поглед кон темните води на езерото Сватсфладен. Ова место изгледа како да е најоддалечното од цивилизацијата.

1

Собите се уредени според скандинавскиот минимализам: кревет, стол и малечка масичка. Без телевизор, без дигитални одвлекувања – само мир. Токму она што му е потребно на секој што сака спокој и сон.

Туризам за сон: новиот тренд на заморените патници


Во време на постојана поврзаност, спиењето стана најголемиот луксуз, а одморалиштата посветени на добриот сон – нов тренд. Сѐ повеќе патници одбираат хотели врз основа на квалитетот на перниците, а некои бараат целосно исклучување од светот во „одморалиштата за спиење“.

Шведска, пак, нуди поинаков, природен пристап кон туризмот насочен кон сонот. Оваа земја, позната по брзиот ритам на градовите како Стокхолм и Гетеборг, во зима ја прифаќа својата успиена страна и ги повикува посетителите да го направат истото.

2

- Шведска е идеална дестинација за туризам посветен на спиењето благодарение на нејзината недопрена природа, тишината, темните ноќи и културата која нагласува одмор - вели Кристијан Бенедикт, експерт за спиење од Универзитетот во Упсала.

Истражувањата покажуваат дека времето поминато во природа е поврзано со подобро ментално здравје и поквалитетен сон.

Живот и сон според ритамот на природата

Сватсо е еден од поголемите острови во архипелагот, но во текот на зимата тука живеат само 65 луѓе. Летото привлекува викендашки посетители и љубители на природата, но зимата го претвора ова место во тивок, снежен рај.

Во овој период единственото отворено сместување е хотелот „Скаргард“, каде што гостите престојуваат во колиби сместени длабоко во шумата. Оваа изолација им дава ретка можност да искусат целосна тишина, нешто што во градот ретко се случува.

Можете да ги поминете деновите шетајќи по снежните патеки, следејќи ги трагите на елени и диви зајаци. Кога сонцето полека исчезнува зад хоризонтот, шумата потонува во мир.

- Во долгите зимски ноќи огнот не е само извор на топлина, туку и дел од вечерниот ритуал - велат Швеѓаните.

Во модерниот свет се чини дека губењето на сонот е цената што ја плаќаме за дигиталниот живот. Но, во Шведска, постои свесен обид за враќање кон природниот ритам.

Тереза Сидеркројц, директорка на синџирот хотели „Скандик“, вели дека Шведска како едно од најдигитализираните општества во Европа сѐ повеќе станува свесна за опасностите од постојаната поврзаност.

5

- Затоа нудиме затемнети соби, листи со музика за подобар сон, велнес-зони каде што мобилните телефони се забранети. Ако нашите гости не спијат добро, страда не само нивното здравје, туку и нашата репутација - вели таа.

Во други делови на светот, хотелите користат технологија за подобрување на сонот – од хипнотерапија во Лондон до инфрацрвени уреди во Мајами. Но, во Шведска, природата ја има главната улога.

- Зимата ни покажува колку малку ни треба за добар сон – чист воздух, движење и тишина - вели Џени Вокер, основач на туристичка компанија специјализирана за природа.

- Целта на спиечкиот туризам не е само добар сон за време на одморот. Тоа е создавање нови навики, кои ќе донесат трајна промена - вели велнес-експертот.

Но, размислувајте за тоа откако ќе се наспиете.

Извор: BBC
Фото: Visit Sweden