Научниците треба да се шегуваат, покажува ново истражување
Хуморот никогаш не најде место во научната комуникација. Научниците честопати избегнуваат да користат лесен пристап, со образложение дека вметнувањето шеги во научната комуникација може да го поткопа нивниот авторитет или кредибилитетот на нивните наоди.
Ново истражување, сепак, го оспорува овој поим. Студијата на Александра Лин Франк, докторанд на колеџот за масовна комуникација „Грејди“ при Универзитетот во Џорџија, покажала дека соодветниот хумор може да ја подобри и допадливоста на комуникаторот и перцепцијата на публиката за легитимноста на пораката.
Студијата на Френк и нејзините колеги се надоврзува на претходните истражувања за улогата на хуморот во научната комуникација, особено во контекст на објавите на социјалните мрежи од страна на научниците. Таа има цел да го премости овој јаз, со испитување на тоа како поединците реагираат на антропоморфизмот (припишување човечки особини, емоции или намери на нечовечки ентитети) и сатирата, додека обезбедува практични сознанија за научните комуникатори.
Истражувањето, исто така, се фокусирало на содржината поврзана со вештачката интелигенција, користејќи цртани филмови објавени на „X“ од измислен научник д-р Џејми Девон. Употребениот хумор спаѓал во три категории: сатира (благ, хоратски тип), антропоморфизам (прикажува животни или предмети со човечки особини) или комбинација од двете.
Методологија
Студијата користела онлајн анкета со вграден експеримент, каде што учесниците знаеле за анкетата, но не биле свесни за експерименталниот аспект. За да се обезбеди разновиден и репрезентативен примерок, биле избрани 2.212 учесници. На секој учесник му била покажана една од осумте верзии на измислен разговор на „Х“ од страна на д-р Девон, во кој бил прикажан цртан филм за вештачката интелигенција. Хуморот варирал во четири категории: без хумор (контрола), антропоморфизам, сатира и мешавина од двете.
По прегледувањето на содржината, учесниците оцениле колку им е смешно, колку им е допадлив научникот и дали ја сметаат содржината за веродостојна форма на научна комуникација.
Резултати
Френк истакнала дека политичарите, забавувачите и огласувачите користат хумор за да се поврзат со луѓето, бидејќи пренесувањето идеи со лесен пристап има помала веројатност да предизвика расправија или отфрлање на пораката или на лицето што ја пренесува.
- Хуморот може да им помогне на научниците, но само ако луѓето мислат дека се смешни - изјавила таа.
Додала дека хуморот мора да биде ефективен и вистински да предизвикува радост кај публиката, инаку може да има спротивен ефект. Острите форми на сатира може да се сфатат како агресивни, што може да го поткопа кредибилитетот на изворот на научни информации, се истакнува во студијата.
Френк забележала дека сознанијата од студијата се важни бидејќи може да им помогнат на научниците да развијат стратегии за јавна комуникација.
Истражувањето открива и дека употребата на сарказам или директно таргетирање поединци треба да се обесхрабри. Кога се применува смислено, хуморот може да им помогне на научниците да се поврзат со јавноста, правејќи ги сложените идеи подостапни и попривлечни. Тоа не само што гради добра волја, туку може и да се бори против дезинформациите на неконфронтациски начин, како што се вели во студијата.
Дополнително, хуморот има потенцијал да предизвика љубопитност, охрабрувајќи ги луѓето да истражуваат научни теми.
Извор: interestingengimeering.com
Фото: Freepik