Што е мизофонија и дали е поврзана со анксиозноста и депресијата?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Додека повеќето луѓе чувствуваат непријатност кога некој си ги турпира ноктите, оние што страдаат од мизофонија може да имаат еднакво интензивна реакција на звуци како што се 'рчењето, дишењето или џвакањето. Истражувањата сугерираат дека мизофонијата е почеста отколку што претходно се мислело.
Истражувања спроведени низ Европа покажуваат дека мизофонијата може да има генетска поврзаност со анксиозноста, депресијата и посттрауматското стресно растројство.
Психијатарот Дирк Смит од Универзитетот во Амстердам, заедно со своите колеги, анализирал генетски податоци од Конзорциумот за психијатриска геномика „Ју-кеј биобанк“ и базата „23ендми“. Тие откриле дека луѓето што пријавиле дека имаат мизофонија имаат поголема веројатност да споделуваат генетски фактори со лица кои страдаат од психијатриски нарушувања, тинитус и посттрауматски стрес.
- Овие наоди би можеле да укажат на заеднички невробиолошки основи, што сугерира дека некои третмани што се користат за посттрауматски стрес би можеле да бидат корисни и за мизофонијата - наведуваат истражувачите.
Сепак, ова не значи дека мизофонијата и овие состојби делат идентични механизми, туку дека некои генетски фактори на ризик може да се преклопуваат. Претходни истражувања покажале дека луѓето со мизофонија почесто страдаат од анксиозност, чувство на вина, осаменост и зголемена емотивна нестабилност.
Реакциите на звуците се движат од иритација и лутина до вознемиреност што сериозно го нарушува секојдневниот живот.
Интересно е што истражувањата покажуваат дека лицата со нарушувања од аутистичниот спектар поретко страдаат од мизофонија, што е неочекувано бидејќи тие често имаат зголемена чувствителност на звуци.
- Нашите резултати покажуваат дека мизофонијата и аутизмот се релативно независни нарушувања од генетски аспект. Ова отвора можност за истражување на различни форми на мизофонија, кои се поттикнати од лутина или други негативни емоции - истакнуваат научниците.
Покрај тоа, истражувањата укажуваат дека звуците што предизвикуваат мизофонија зависат од личните особини на поединецот. Смит и неговите колеги предупредуваат дека нивните податоци се засноваат главно на европски популации, па истите генетски врски можеби нема да бидат присутни кај други народи.
И покрај тоа, ова истражување нуди вредни насоки за понатамошни научни анализи со цел откривање на биолошкиот механизам што стои зад мизофонијата.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik