Коронавирусот може да ги трансформира европските градови - повеќе место за велосипеди

Коронавирусот може да ги трансформира европските градови - повеќе место за велосипеди

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога жителите на најголемите градови во Европа конечно ќе можат да излезат од своите домови без никакви рестриктивни мерки да го ограничат нивното движење, ќе ги пречека најмалку една трајна промена од пандемијата: километри и километри нови патеки за велосипеди.

Официјалните лица низ целиот континент, од Париз до Брисел и од Лондон до Милано, се обидуваат на патниците да им обезбедат алтернативи за јавниот превоз што до пред некое време го користеле милиони луѓе.

Лидерите и урбаните планери гледаат уникатна можност за унапредување на целите на зелената политика. Резултатите може фундаментално да ги трансформираат европските градови.

- Постои позитивен аспект од овој хорор. Никогаш градот немал толку ниско ниво на загадување. Парижаните го ценат тоа и мислам дека ќе има силни промени во однесувањето на луѓето во однос на движењето - вели Жан-Луј Мисика, заменик-градоначалник на Париз.

Ова чувство го има и во другите поголеми урбани центри во Европа.

- Станува збор за чуден прозорец на можности, прозорец што секако не би го побарале доколку не ги знаевме последиците - вели Хенк Свартоу, потпретседател на Федерацијата на европски велосипедисти, група што ги застапува велосипедистите со седиште во Брисел.

- Но, кога веќе е тука, треба да ја искористиме можноста - додава тој.

1
Фото: Unsplash

Во некои делови на Европа, како Холандија, велосипедизмот одамна е начин на живот и извор на регионална гордост. Но, во земјите каде што тоа не е случај, владите ќе бараат на дел од автопатите да се постават нови велосипедски патеки. Во САД, Сиетл затвора улица од 32 километри што била за автомобили за да ослободи повеќе простор за пешаци и велосипедисти.

Промените во Европа се засноваат на постојните планови за зајакнување на велосипедската инфраструктура, дел од целите на зелената политика на многу земји насочени кон намалување на емисиите и спречување на загадувањето. Возењето велосипед е само еден аспект на поголем притисок за некои лидери, особено германската канцеларка Ангела Меркел, да инсистираат на тоа дека заштитата на климата треба да биде клучен дел од укинувањето на рестриктивните мерки.

Но, новите велосипедски патеки - и новите велосипедисти - веројатно ќе бидат највисоката промена што луѓето ќе ја видат кога ќе завршат рестрикциите, велат официјалните лица.

- Да, ќе има огромно зголемување на бројот на оние што ќе возат велосипед, како нешто добро за животната средина и добро за јавното здравје, поради страшната пандемија. Барем нешто добро може да излезе од оваа ужасна драма - вели Пјер Серне од француското министерство за транспорт за поттикнување на велосипедизам.

Во Париз, каде што проширувањето на велосипедските ленти веќе беше приоритет на градоначалничката Ен Хидалго пред пандемијата, работите се движеа побрзо поради Ковид-19 - и со многу помалку контроверзии од порано. Севкупно, француските власти планираат да направат над 600 километри велосипедски патеки низ поширокото градско подрачје во Париз.

Во Брисел властите се надеваат дека ќе ги завршат патеките долги 40 километри до крајот на рестриктивните мерки, бидејќи 1,2 милион жители се очекува да се вратат на работа и да почнат да се движат низ продавниците по 11 мај.

- Знаеме дека две третини од патувањата во Брисел се помалку од 4 километри. Затоа сакаме да ги охрабриме здравите луѓе да пешачат или да возат велосипед. А за тоа, наша одговорност е да им обезбедиме таква инфраструктура - вели Елке Ван ден Брант, министер за транспорт.

Во Милано официјалните лица планираат да одвојат 35 километри од улиците на градот за велосипедисти и пешаци. Планот исто така ќе се заснова на претходните напори на локалните власти да се намали употребата на автомобили со вклучување на други мерки, како брзина на 30 километри на час во одредени области и проширени тротоари.

velosiped
Фото: Unsplash

Исто како Франција, и поддршката на британската влада за велосипедизам е од пред пандемијата. Бирмингем, Манчестер и Ливерпул се меѓу градовите што веќе добиле средства за одвојување на велосипедските патеки од сообраќајот со автомобили, за подобрување на безбедноста. Само во Манчестер се планираат над 100 километри велосипедски патеки и пешачки патеки, а за овие проекти ќе бидат потрошени речиси 253 милиони долари.

Веќе две децении Велика Британија ги поддржува напорите за возење велосипед до работа, работејќи на програми за намалување на даноците што ги користат повеќе од 40.000 работодавци и милиони работници. Во февруари Велика Британија ја ажурира својата стратегија за велосипедска инвестиција во извештајот до Парламентот, со планови да инвестира речиси 3 милијарди долари во подобрување на патеките за пешаци и велосипеди до 2025 година.

- Потребата да се одржува социјално растојание значи дека нашиот систем на јавен превоз не може да се врати онаму каде што застанал - вели Гран Шапс, секретар за транспорт.

Премиерот Борис Џонсон во саботата најави олеснување на мерките. Во телевизиско обраќање до нацијата тој рече дека работниците што не можат да работат од дома, како оние во градежништвото или производството, ќе треба активно да бидат охрабрени да одат на работа. Но, тој додаде дека ќе треба да патуваат или со автомобил, пеш или со велосипед.

- Сакаме да бидете безбедни додека одите на работа. Затоа треба да избегнете јавен превоз доколку е тоа можно - затоа што мора да одржуваме социјално дистанцирање и затоа капацитетот ќе биде ограничен - рече тој.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, веќе се подготвува да ги олабави мерките, со што предвидува дека ќе се зголеми бројот на велосипедисти. Затоа, неговата цел е да се прошират тротоарите за пешаците и велосипедистите во 20 населби.

Отворено прашање е колку од овие нови мерки ќе траат по рестрикциите предизвикани од коронавирусот.

- Тешко е да се предвиди. Ќе има привремени мерки што подоцна ќе се укинат, но ќе има ад хок мерки што ќе се претворат во постојани мерки - вели Свартоу од Федерацијата на европски велосипедисти.

- Коронавирусот предизвика луѓето да почнат да ги користат велосипедите и да се охрабруваат да излезат надвор. Во иднина, луѓето ќе избегнуваат јавен превоз, а во поголемите градови луѓето немаат автомобили - додава тој.

Извор: Washington Post