Промовирана книгата „Преводи на литература за деца од македонски на англиски јазик“ на Педагошкиот факултет при УКЛО
Во просториите на Педагошкиот факултет во Битола вчера се одржа промоција на книгата „Преводи за литература за деца од македонски на англиски јазик“.
Книгата е авторско дело на студентите од трета година на студиската програма Англиски јазик и книжевност, под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска.
Како што вели менторката, нивната цел била да направат нешто невообичаено и да излезат од шаблонот на предавања и вежби. Така произлегла идејата да направат англиски превод на дела напишани на македонски јазик кои досега не добиле англиски превод.
Студентите избраа да работат превод на четири дела за деца, лектирни изданија со високо реноме во областа на македонската литература: „Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Сребрените снегови“ од Живко Чинго, „Девојките на Марко“ од Оливера Николова и „Втората смена“ од Велко Неделковски. Студентите направија превод на избрани извадоци од претходно споменатите дела.
На промоцијата се обрати и деканот, проф. д-р Добри Петровски, кој го поздрави проектот и ги поддржа студентите и нивната работа.
Исто така, на крајот на промоцијата им беа врачени сертификати на менторите кои беа вклучени во праксата на студентите во основните и средните училишта во Битола.
На крајот, деканот Петровски ја искористи пригодата да им честита на студентите Антонио Чоневски и Јасна Талевска од Педагошкиот факултет кои пред неколку дена освоија прво и второ место на ораторскиот УКЛО тривиум, под менторство на проф. д-р Билјана Граматкоски.