Акцент на македонски бендови на првиот дел од „Cotton Blues festival“ 2022
Скопскиот „Cotton Blues festival“ полека прераснува во традиција. Годинашното 3. издание на овој блуз-фестивал ќе биде во поинаков и посвеж формат, со тоа што ќе биде поделен во два дела. Првиот дел ќе се одржи овој четврток во клубот „Маракана“ со почеток во 20 часот. Самиот наслов на настанот, „MKD Blues night“, кажува дека станува збор за вечер посветена на македонски блуз-бендови.
- Решивме годинава да одиме со поинаков формат, а притоа да дадеме уште поголем акцент на македонските блуз-бендови, со самото тоа што ќе добијат цела фестивалска вечер посветена само на нив. Очекуваме одлична дружба, а по официјалната програма и џем-сешн помеѓу музичарите - соопштуваат организаторите, Здружението „Блуз Фамилија“ додава дека вториот дел од годинашниот фестивал ќе се одржи во ноември со бендови од странство.
Фестивалот ќе го отвори бендот "New Blue trio", кое го сочинуваат Давид Нешкоски (вокал и гитара), Ѓоле Максимовски (бас) и Дино Милосављевиќ (тапани). Нешкоски е еден од нашите најдобри млади блуз-гитаристи, но со веќе голем минат труд, додека ритам-секцијата му е составена од веќе потврдените музички мајстори Дино и Ѓоле.
По нив следува едно старо скопско блуз-име - "Wild Bunch". Станува збор за скопски блуз-бренд кој циркулира повеќе од 20 години. По пауза од неколку години, овој бенд повторно ќе настапи, но со одредени рокади во составот, но и збогатен со плус гости. Бендот ќе биде во состав: Илина Лазаревска (вокал), Нино Недевски (гитара), Горан Попоски (тапани), Петар Лукиќ (клавијатури) и Сашо Димовски (бас).
Влезот на фестивалот годинава е бесплатен.