Какви сѐ не атрибути се искажаа за универзитетските професори – „петта колона“, „конформисти“, „мрзливи и неспособни“, „одвоени од реалноста“, вели д-р Зоран Велковски, професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје
Во Македонија со децении се води скриена, а понекогаш и јавна војна за универзитетите да се стават во целосно заложништво и контрола од страна на секоја власт досега во нашата земја, без исклучок. Зошто? Многу е јасно, вели
д-р Зоран Велковски, професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој е дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како ова влијае врз рејтингот на една високообразовна институција во меѓународни рамки, што се случува со нашите универзитети и зошто нашиот најголем државен универзитет постојано паѓа на светските листи? На листата на Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR) од Обединетите Арапски Емирати за 2020/2021 година УКИМ падна за 101. место (од 1.816. на 1.917.). На Шангајската редовно сме неприсутни во најдобрите 1.000, на Вебометрикс - на 1.607. позиција.
Проф. д-р Зоран Велковски
- Историски гледано, универзитетите секогаш биле „совест“ на секое владеење, тие се најмоќната социјална сила во секоја земја, место каде што се негуваат науката, иновациите и вистината, со капацитет кој може да ја сруши секоја влада, без притоа да бидат осудени од пошироката јавност. Во оваа наша капиталистичка зора некои сметаат дека има потреба таа моќ да биде контролирана. Зошто? Затоа што не се сигурни во себе и во исправноста на постапките што ги спроведуваат. Затоа што не сакаат науката која работи со аргументи, а не со емоции, да им укажува на грешките. Затоа е најдобро да го замолчиш оној што може јавно да те посочи како виновник и јавно да ти укаже на грешките што ги правиш. Токму поради тоа, за сите овие години на независност се изнагледавме разни игри чија цел беше омаловажување на високото образование. Какви сѐ не атрибути се искажаа за универзитетските професори – „петта колона“, „конформисти“, „мрзливи и неспособни“, „одвоени од реалноста“ и слично - објаснува Велковски.
За ударите, низ шест точки
Според него, генерално гледано, ударите врз високото образование во нашата земја главно се одвивале и сѐ уште, за жал, се одвиваат на неколку начини:
1) Преку големи рестрикции во финансирањето, не само на основната дејност, туку и преку целосно задушување на научните истражувања и иновациите. Финансирањето на науката и научните истражувања во нашата земја е катастрофално во споредба со другите земји во Европа и светот. Стратегијата „Европа 2020“ усвоена во 2010 година предвиде една долгогодишна цел, т.е. земјите во ЕУ до 2020 година да постигнат одвојување од 3,00% од бруто-домашниот производ (БДП) за активности за истражувања и развој; ова е една од петте клучни цели на стратегијата „Европа 2020“. Сега сме во 2020 година, а кај нас издвојувањето за наука и научни истражувања се движи меѓу 0,1 до 0,2% од БДП. Логична последица на тоа е дека ако нема пари, тогаш нема ниту истражувања, тогаш нема ниту повисоко место на светските ранг-листи на универзитети.
„Се изнаслушавме пароли: колку работите - премногу е и ова што ве плаќаме“
2) Покрај намалувањето на финансирањето перманентно се врши и притисок и намалување на универзитетската автономија и академската слобода, особено преку државната контрола на уписите, преку донесување рестриктивни закони и селективното одобрување на нови вработувања. Универзитетот се стави во заложништво и се претвори во една од многуте јавни институции што зависат од добрата волја на „оние од горе“. Ректори и декани принудени да молат пред надлежните за нови вработувања. Голем број исплашени универзитетски професори кои се раководат според мотото „не бранувај“, фокусирани на задржување на своето работно место и плата (најниска во регионот, а мизерна во однос на поширокиот европски простор) и претворени во безгласна машинерија за гласање. Лица што се делат на „наши“ и „ваши“ при селекцијата и доделувањето на некој научноистражувачки проект. Колку пати досега се изнаслушавме инсталирани пароли од типот „колку работите - премногу е и ова што ве плаќаме “. Сето тоа е дел од еден процес фокусиран на деградација на високото образование, задушување на научната мисла и јавно искажаната критика.
3) Преку директното мешање на политиката во процесите на избори на ректори, декани, директори, раководители и што уште не. Постојано се настојува да се инсталираат послушници кои ќе го држат универзитетот во интермундија, т.е. ни на небо ни на земја, луѓе кои нема да брануваат и нема да се бунат против политиките што се спроведуваат не само во образованието, туку и пошироко. Наместо да се занимаваат со развој на науката, научната мисла и да „робуваат“ на вистината, универзитетите се трансформираа во неми следачи на општествените збиднувања.
4) Преку неконтролирано и научно неиздржано зголемување на мрежата на високообразовни институции во државата. Се формираа голем број високообразовни институции (јавни и приватни) кои, без оглед на нивниот квалитет, акумулираа голем број од завршената средношколска популација, со што предизвикаа вистинска трка по студенти од страна на високообразовните институции. Во услови на намалено финансирање од страна на државата, универзитетите лесно се фатија во замката за привлекување што е можно поголем број студенти, за да ги одржат своите финансиски капацитети. Во таа трка најголеми губитници се квалитетот на наставата и учењето, науката и иновациите.
5) Преку Законот за високото образование кој се употребува по потреба. Некогаш за некои важи, а некогаш за некои не важи. Сѐ додека е во функција да се инсталираат желбите на власта, тој се употребува. Секогаш кога треба да се исполнат одредбите што се во полза на универзитетите, законот „мирува“. За да биде успешно спроведен еден закон, потребно е доследно почитување и рамноправно извршување на обврските не само од страна на високообразовните институции, туку и од страна на власта. Поинаку не може и сè друго е само импровизација.
„Универзитетите во Европа имаат зајакната автономија во однос на државата“
6) Преку перманентна критика на постигнувањата на универзитетот. Постојано се наведуваат разноразни светски рангирања и се посочува местото на нашите универзитети на нив. Притоа, никој не го поставува прашањето што направи државата за да се подобри местото на универзитетите на овие ранг-листи, туку тоа се користи како атрибут за да се потврди тезата за слабоста на нашиот високообразовен систем и „неспособноста“ на нашите универзитети. Сето ова придонесе да се амортизира академската иницијатива, а пред сè, коректното исполнување на универзитетската мисија која по правило не е насочена само во продукцијата на експерти од разни научни полиња, туку и кон менување на општествената реалност.
Одиме спротивно од Европа
Велковски е категоричен дека за разлика од универзитетите во најголемиот број држави во Европа што имаат зајакната автономија во односот со државата, кај нас улогата на државата (од осамостојувањето до денес) станува сѐ подоминантна. Третманот на универзитетите како „една од многуте“ државни компании на отворениот пазар на услуги, во услови на ограничена слобода за слободно дејствување на финансискиот пазар, може да предизвика „задушување“ на универзитетот, научната мисла, академската слобода и забавен развој на високото образование.
- Во таа смисла, не само државата, туку и универзитетите мора да ја преиспитаат својата улога во поглед на високото образование, науката и научните истражувања и да ги користат позитивните искуства од најголемиот број држави во Европа што создадоа доволен простор за автономно дејствување на универзитетите, водејќи се пред сѐ од потребата за усогласување на развојот на високото образование со развојот на државата - дециден е Велковски.