Шефот на „Твитер“ учествува во голем експеримент. Секој месец  ќе им дава пари на одредени луѓе без услов како да ги трошат

Шефот на „Твитер“ учествува во голем експеримент. Секој месец ќе им дава пари на одредени луѓе без услов како да ги трошат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Џек Дорси, милијардерот кој е коосновач на „Твитер“, ќе потроши милиони за експеримент со универзалниот основен приход.

Дорси ќе ѝ донира 3 милиони на групата „Градоначалници за гарантиран приход“, која ја сочинуваат група градоначалници од околу 14 американски градови кои планираат да лансираат програми за приход и лобираат за национална програма.

Групата вели дека пилот-програмите ќе опфатат речиси 7 милиони Американци во градови како Лос Анџелес, Атланта, Њујорк, Њу Џерси итн.

Коалицијата вели дека давањето гарантиран приход на луѓето може да ги извлече од сиромаштија, што позитивно ќе влијае врз економијата, особено во време на корона-криза.

Групата не кажа детали за тоа кој ќе биде квалификуван за приходот и колку пари ќе добива, но рече дека го предвидува основниот приход како флексибилен додаток на постојните социјални програми.

prihod
Фото: Instagram

Најмалку два града од групата, Џексон и Стоктон, Калифорнија, веќе имаат пилот-програми за загарантиран приход, додека Чикаго, Њуарк и Атланта имаат групи што истражуваат свои програми.

Застапниците на програмите велат дека овој приход би можел да биде најдобриот начин за израмнување на поделбата меѓу најбогатите и најсиромашните Американци, јаз кој порасна уште повеќе за време на пандемијата на коронавирусот. Критичарите, пак, велат дека економските ефекти од ваквите предлози не се детално истражени и може да ги спречат да работат тие што го примаат приходот.

Дорси не е единствениот богаташ што експериментира со универзален основен приход. Ендрју Јанг, претприемач и поранешен кандидат за претседател на демократите, во мај најави дека ќе им дава по 500 долари на 20 њујорчани секој месец, во наредните 5 години, преку неговата непрофитна организација.

Извор: Business Insider