Да си ги засукаме ракавите и да не чекаме, велат наставници искусни за онлајн-учење

Да си ги засукаме ракавите и да не чекаме, велат наставници искусни за онлајн-учење

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со оглед на тоа дека немаме некои јасни насоки како ќе тераме од 1 септември, планирам да им организирам двонеделна обука на наставниците во нашето училиште за платформата што ќе ја користиме. Онлајн-наставата е изводлива, мора да размислуваме што можеме да работиме во македонски услови, а не постојано да се споредуваме со системи што ни се многу далечни, вели Димовски

Збунети родители, нервозни наставници, долги фејсбук-дискусии се секојдневие во Македонија неколку недели пред почетокот на новата учебна година. Институциите сѐ уште не се решаваат да пресечат и да донесат одлука како е најдобро да почне наставата. Комисијата за заштита од заразни болести собира дополнителни податоци од училиштата откако првично кажа дека смета оти наставата треба да се одвива онлајн, освен за првачињата, a МОН вели дека треба новото Собрание да донесе законска основа за онлајн-настава.

Како добро да се реализира функционална онлајн-настава во наши услови?

Митко Димовски

Според Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“, моделот на онлајн-настава е најсоодветен за моменталната состојба во земјава.

- Порано сметав дека треба да имаме комбинирана настава, меѓутоа, гледајќи летово што се случува и колку не се почитуваат мерките, особено од помладите, навистина сметам дека треба да се почне со онлајн-настава. Свесен сум дека нѐ гази времето и дека мора да ги засукаме ракавите, да се организираме и да не чекаме. Од Бирото за развој на образованието дури сега, 20 дена пред почетокот на учебната година, ни побараа наставници кои ќе снимаат наставни содржини за платформата „Едуино“. Но, прашање е дали таа платформа ќе се користи. Со оглед на тоа дека немаме некои јасни насоки како ќе тераме од 1 септември, јас имам идеја да им организирам двонеделна обука на наставниците во нашето училиште за платформата што ќе ја користиме. Онлајн-наставата не е неизводлива, мора да размислуваме што можеме да работиме во македонски услови, а не постојано да се споредуваме со системи што ни се многу далечни - вели Димовски.

Менаџерите на училиштата да ги подготват наставниците

На прашањето дали е подобро сите училишта да користат иста платформа, Димовски вели дека на подобро опремените училишта нема да им е проблем, меѓутоа, ќе биде проблем во училиштата во руралните средини.

- Треба да ги засукаме ракавите и секое училиште да си најде свој модел. Сметам дека со добра контрола на работата на наставниците, но и присуството на учениците и активноста, ќе имаме солидна настава. Менаџерите на училиштата треба да ги подготват наставниците. Исто така, оние наставници што немаат услови да работат од дома, можат да ги користат училишните простории, таму имаме и добар оптички интернет. Мојата идеја е да го користиме Office 365. Може да се организира цела настава, распоред на часови веќе имаме, ќе се формира онлајн-клас, секој наставник и ученик ќе знае кога треба да се вклучи. Еден час, според мене, треба да трае 30 минути - вели Димовски.

Наставникот по математика Игор Богданоски од Прилеп, кој 20 години предава во средно, а десетина години во основното училиште „Блаже Конески“, смета дека онлајн-наставата може да биде и пет пати подобра од класичен час затоа што платформите го овозможуваат тоа. Богданоски неколку години е иновативен едукатор на „Мајкрософт“. Треба само да се сака. Тој лично периодов планира да сними дури шест видеочаса за „Едуино“ за средно образование, а веќе има осум снимени за основно.


Како држава не сме спремни за никаква настава во ковид-ситуацијата

- Имаме бесплатни платформи што може да ги користиме. Сметам дека не треба да чекаме државата да ни каже што да користиме. Како држава не сме спремни да почнеме вистински онлајн од 1 септември, а мислам дека не сме спремни ни за настава во живо затоа што ниту се намалени одделенијата ниту се приспособени програмите. Од искуството што го имав од март до јуни, сметам дека можам да направам уште подобри часови во новата учебна година. Знам барем 13 училишта во земјава кои со време си ја фатија работата и инсталираа платформи за онлајн-настава, затоа што треба време за тоа. Денес, на 12 август ако седнете да инсталирате една од трите бесплатни платформи што ни се на располагање, до 1 септември нема да стигнете - вели Богданоски.

Игор Богданоски

Тој минатата година држеше онлајн-часови што можеа да ги следат и повеќе од 200 ученици и наставници. Вели дека кој сака да се потруди, може да успее и да реализира добар час затоа што требало да се искористи и летниот период за учење.

- Каде се луѓето од Бирото за развој на образованието за дигитални ресурси или од МОН? Каде ја гледаме нивната работа и заложба за образованието? Јас бев присутен на онлајн-час кај колешка од Индија. Можеме да комуницираме со цел свет и да учиме едни од други. БРО има друга платформа „Moodle“, која е многу подобра од „Едуино“, ама не се користи. Инаку, онлајн-наставата може да се одвива без проблем според распоредот на часови како на училиште - смета Богданоски.

Од БРО известија дека вчера требало да биде поставена онлајн-обука за ИТ-алатки за сите наставници.

- Во наредниот период се предвидени неколку онлајн-обуки преку акредитирани провајдери од Бирото.