Плановите за освојување на небото на „Амазон“ ги загрижуваат астрономите

Плановите за освојување на небото на „Амазон“ ги загрижуваат астрономите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Добре дојдовте во ерата на сателитските соѕвездија! Во следните неколку години огромни мрежи од стотици или илјадници уреди ќе станат дел од орбитата на Земјата. Голем број од овие сателити ќе ги стават компаниите „Спејс-Екс“ и „Уан веб“, но сега фокусот се става на компанијата „Амазон“, која е последна што најави дека ќе поставува сателити во орбитата.

Минатиот месец американските власти го одобрија барањето на компанијата да почне со својот проект „Куипер“. Целта на проектот е да понуди побрз интернет за жителите низ светот, особено за оние што живеат на изолирани локации. Се планира да се пуштат 3.236 сателити во орбитата. За споредба, во моментов околу Земјата кружат 2.600 функционални сателити.

„Спејс-Екс“ планира да има вкупно 12.000 сателити во орбитата, а веќе има ставено стотици. Професионалните и аматерски астрономи ги критикуваат овие проекти. Многу сателити пречат во правењето астрономски фотографии, а со тоа се намалува квалитетот и количеството на податоци што научниците може да ги соберат за истражувачки цели.


Фото: Freepik

„Спејс-Екс“ планира да ги намали овие ефекти во иднина, но научниците се загрижени дека нема соодветна регулатива за овие сателити. Според Мишел Банистер, планетарен астроном на Универзитетот во Кантербери, Нов Зеланд, не постојат генерални упатства или некое индустриско тело што ќе биде одговорно за компаниите кои сакаат да испратат сателити во орбитата. Ситуацијата изгледа како повеќе авиони без контрола на летање, вели таа.

Сателитите може да им предизвикаат проблеми на опсерваториите бидејќи нивното движење може да ги попречи набљудувањата или да ги уништи фотографиите. Астрономите може да користат софтвер за да отстранат дел од сателитите на фотографиите, но тие не може да ги поправат фотографиите во целост. Светлинското загадување може да им го попречи набљудувањето на научниците кога бараат нови ѕвезди и вселенски тела.


Фото: Freepik

Во моментов „Спејс-Екс“ е цел на најголем број од критиките бидејќи планира да постави најмногу сателити во орбитата. „Амазон“ ќе постави помалку сателити од „Спејс-Екс“, но тие ќе бидат поставени во три дела од орбитата и на поголема височина од мрежата на „Спејс-Екс“. Поради тоа, сателитите повисоко во орбитата може да бидат попроблематични бидејќи ќе бидат видливи подолг период.

Постои и друг проблем со сателитите. Како што се зголемува нивниот број во орбитата, така расте и ризикот од несреќи поврзани со нив. Се случуваат судири помеѓу сателитите, па на Земјата може да паднат опасни остатоци. Но и покрај сите овие грижи, нема лесен начин да се сопрат проектите за сателитите. Според Крис Њумен, професор по вселенско право на Универзитетот „Нортамбрија“ во Велика Британија, проблем е тоа што нема легална заштита за ноќното небо.

Во меѓувреме, „Спејс-Екс“ експериментира со темни обвивки за сателитите, а „Амазон“ планира да соработува со астрономи за поставувањето на своите сателити.

Автор: Беки Фереира
Извор: nytimes.com