Постојат и бумеранг-земјотреси, откриваат научниците

Постојат и бумеранг-земјотреси, откриваат научниците

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

За време на еден земјотрес во 2010 во Долна Калифорнија, Мексико, со јачина од 7,2 степени, Росасио Гарсија Гонзалез забележала нешто необично што подоцна им го опишала на научниците. Поради земјотресот се отворила земјата, а од неа излегол облак од прашина, исто како при трки на автомобили во песочни предели. Меѓутоа, се чини дека „автомобилот“ одел во спротивна насока.

Земјотресите обично создаваат пукнатини во површината додека се движат во една насока. Но, според Гонзалес, облакот од прашина од земјотресот се движел кон епицентарот на земјотресот, односно во спротивна насока. Ова ги зачудило научниците.


Фото: Freepik

Сега, меѓународен тим од истражувачи конечно забележал ваков бумеранг-земјотрес. Земјотресот со јачина од 7,1 степени почнал длабоко под површината на морското дно на Атлантскиот Океан, на околу 1.000 километри од брегот на Либерија во Западна Африка. Земјотресот се движел кон исток и нагоре, а потоа се вратил кон епицентарот.

Обично јачината на тресењето од земјотресот се поврзува со насоката во која патува тој, но во бумеранг-земјотресот, тресењето може да се почувствува пошироко од обичниот. Не е јасно колку се чести овие земјотреси, но новото истражување е чекор напред кон нивното разбирање.


Фото: Freepik

Истражувачите сè уште не знаат како земјотресот се вратил назад. Освен тоа, сметаат дека ваквите земјотреси веројатно се многу ретки.

Некои научници се сомневаат дека земјотрес со јачина од 9 степени што ја погоди Јапонија во 2011 можеби во одреден дел бил бумеранг-земјотрес. Друг земјотрес, исто така во Јапонија, од 2016 веројатно се движел на ист начин. Во него првиот потрес предизвикал два земјотреса, од кои едниот се вратил назад кон првичниот центар. Можеби овие земјотреси сепак се почести отколку што мислиме.

Автор: Маја Веј-Хас
Извор: nationalgeographic.com