Животни лекции од 102-годишна жена што ги победи Ковид-19, шпанскиот грип и два вида рак
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Не беше лошо“. Тоа го изјавила 102-годишната Милдред Џералдин Шапалс за заболувањето од Ковид-19 во старскиот дом во кој живее во Њу Хемпшир, САД. Шапалс имала умерени симптоми неколку денови и тоа не е единствената „историска“ болест што ја прележала.
Таа се родила во Масачусетс во годината кога имало пандемија на шпански грип и го прележала како бебе. Во 80-тите и 90-тите години се борела со рак на дојка, а потоа и со рак на дебелото црево. Во мај прележала Ковид-19.
Нејзината ќерка, Џулија Шапалс (68), не била изненадена од оздравувањето на мајка си од Ковид-19. Според неа, мајка ѝ секогаш гледа на хумористичната страна на она што ѝ се случува и поради тоа успева да надмине сè.
Шапалс има две деца и работела како наставник. Ѝ бил дијагностициран рак на дојката во нејзините 60-ти години и примала терапија со радијација. Следната деценија имала рак на дебелото црево, поради што ѝ била извршена
операција и примала хемотерапија.
Која е нејзината тајна за надминување на тешките времиња? Според неа, битно е да се има перспектива во секоја ситуација.
- Една работа што помага е да си кажете дека нема да се грижите - болеста уште ќе биде таму на крајот од часот - и да правите нешто во што уживате - вели таа.
Кога Шапалс имала рак, таа одела на долги прошетки со нејзиното куче и одела да пазари. Според неа, кратките паузи може да дадат нова перспектива и да потсетат дека колку и да се црни работите, има и мали светли делови.
Освен што е оптимист, Шапалс се труди да го задржи балансот во животот. Таа секогаш јадела здрава храна, но често имала скриени бонбони или колачи кои ги јадела повремено. Таа пиела чаша вино со вечера речиси секојдневно. Шапалс била и многу активна личност, иако пушела цигари во еден период.
- Таа обожаваше пливање, танцуваше додека миеше садови, свиреше пијано секој ден - беше одлична пијанистка - вели нејзината ќерка.
Додека растела, Шапалс секогаш ѝ велела на својата ќерка дека пријателите се „основни“ и ја советувала да има голема и разновидна група пријатели. Таа вели дека е важно да се биде добар слушател, но да не се дозволува туѓите проблеми да станат лични проблеми.
Шапалс ги советува младите генерации да бидат искрени со себе и да се посветат на образованието бидејќи самодисциплината влијае на работната етика до крајот на животот. Конечно, таа вели дека е важно секогаш да се разберат аргументите на оној со кој зборувате. Само на тој начин ќе се одбегнат одлуки засновани на емоции.
Автор: Џејд Скипиони
Извор:
cnbc.com