Галичник лете се претвора во културен центар, но треба повеќе за да заживее во полн сјај

Галичник лете се претвора во културен центар, но треба повеќе за да заживее во полн сјај

Подготвил: Весна Дамчевска

Во секој сектор од нашето битисување и работење, не само за Галичник, во последните децении фали комуникација. Сите се затворивме во своите мали микро наративи, обидувајќи се на секаков начин да се избориме и да опстанеме, а подзаборавивме да гледаме поглобално, да комуницираме критички и да го извизионираме големиот наратив. Токму тоа му фали и на ова култно место и на организаторите на посебните сегменти од културната програма, да заживее во полн сјај, а тоа е повеќе разговор, дискусија, размена на искуства, соработка и гледање во интерес на големиот наратив, вели Ана Франговска, организаторка на Ликовната колонија во Галичник

Галичник има невиден потенцијал. Убава е констатацијата дека лете Галичник се претвора во еден културен центар и тоа навистина радува, токму поради потенцијалот, кој е и во форма на природни ресурси, но и во интелектуални капацитети што луѓето по потекло од ова планинско место го поседуваат, вели Ана Франговска, историчарка на уметноста и кураторка во Националната галерија, која ја продолжува на организирање на Ликовната колонија во Галичник, која почнува на 15 и ќе трае до 22 август, една од најстарите во нашата земја, основана од нејзиниот татко, познатиот македонски ликовен уметник Нове Франговски.

- Тука е Галичката свадба, која е повеќе како туристичка атракција, но дава еден посебен фолклорен белег и го носи духот на традицијата како дел од тоа Галичко културно лето, потоа Книжевната колонија, Ликовната колонија и сега и Филмскиот фестивал почнува да станува традиција, одржувајќи ја својата втора сесија, тоа е една сериозна сестрана програма која придонесува кон богат културен живот на ова прекрасно место - вели Франговска.



Сепак, за Галичник да биде вистински културен центар со настани преку целата година и да заживее во својот полн сјај, според неа, треба уште работа.

- Чинам дека во секој сектор од нашето битисување и работење, не само за Галичник, во последните децении фали комуникација. Сите се затворивме во своите мали микро наративи, обидувајќи се на секаков начин да се избориме и да опстанеме, а подзаборавивме да гледаме поглобално, да комуницираме критички и да го извизионираме големиот наратив. Оттука мислам дека токму тоа му фали и на ова култно место и на организаторите на посебните сегменти од културната програма, да заживее во полн сјај, а тоа е повеќе разговор, дискусија, размена на искуства, соработка и гледање во интерес на големиот наратив - вели Франговска.

Претстојната ликовна колонија во Галичник веќе станува препознатлива манифестација, покрај за домашните, и за странските уметници. За овие 32 години, што е сериозен временски период, таа е посветена на градење на еден препознатлив бренд во визуелните уметности со високо квалитативен идентитет и локално и меѓународно.

- Целта на оваа ликовна манифестација никогаш не била популистичка, туку напротив создавање на плодна почва и тло за артикулирање, креирање и комуникација на и во современата уметност која ќе биде пример за професионално организирање и водење на ваков тип манифестации, кои ќе бидат во чекор со времето, динамиките и промените во визуелната уметност, а секако и афирмација и промоција на националните вредности и природните и културни убавини на меѓународно ниво. Годинава темата се прашањата за екологијата, заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во екосистемот - вели Франговска.



За тоа каква е состојбата на овој план во Галичник, Франговска вели дека е просечна, за среќа селото е популарно, но нема добиено многу комерцијална димензија, па оттука и нема голем проток на луѓе кои директно влијаат врз загрозување на природниот и животинскиот свет.

- Од друга страна, Галичник не е постојано населено место, па главната фреквентност е во летниот период, со што на уште еден индиректен начин е позаштитено. Но, не можеме да се пофалиме дека општата култура кај локалните луѓе, а секако и посетителите кои во голем број доаѓаат од околните места воодушевувајќи се на природните убавини, е на високо ниво и дека се грижат за отпадот што го оставаат зад себе. Оттука, интензивна работа на кампањи за подигнување на свеста, подзасилени контроли и казни, чинам дека се единствениот начин да повлијаеме за менување на востановените лоши навики кај населението генерално, кои се најминорните штетници во целата еко состојба - заклучува Франговска.

Последиците од еколошките катастофи, позицијата и надмоќта на човекот врз животната средина и неговото девастирачко влијание на рамнотежата во природниот систем стануваат секојдневно сѐ повидливи, а ние луѓето, чинам дека додека не ги видиме нештата од блику тешко се освестуваме.

- Дека работите се излезени од контрола е повеќе од очигледно и доколку не сакаме засекогаш да ја изгубиме планетата и природните ресурси крајно време е сите заедно, секој во својот домен, да се обидеме да повлијаеме врз подигнувањето на свеста. Оттука, многу очигледно е дека и во уметноста и уметничките манифестации оваа тематика станува сè подоминантна, поангажирано и поактивистички настроена кон третирање на еколошките дискурси, бидејќи уметноста отсекогаш била еден од најсуптилните медијатори во комуникацијата со публиката, па постои голема веројатност индиректно да се повлијае и да едуцира - вели кураторката за темата на годинашната колонија.



Годинава таа одново ќе има хибриден пристап, заради сè уште неизвесната состојба со корона вирусот, ќе земат физичко учество единаесетмина уметници, а други четворица ќе бидат дел од оваа исклучителна креативна визуелна резиденција со онлајн учество. На колонијата ќе партиципираат: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ - Црна Гора, Магдалена Кучко - Полска, Ана Марија Паску - Романија, Клица Антониу - Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев.

Создадените дела на колонијата, заедно со оние од минатогодинешната средба, македонската публика ќе може да ги види на биеналната изложба закажана за ноември во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Месецов во Галичник, со поддршка од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, се одржа и второто издание на Галичник филм фестивал. Амфитеатарот Упија во Галичник на 1.500 метри надморска височина беше домаќин на филмските проекции под отворено небо, а доцните часови беа резервирани за концерти со филмска музика.

- Овој млад културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко. Селекцијата вклучи 26 филмови од цел свет, во три натпреварувачки категории: игран, документарен и анимиран краткометражен филм - велат организаторите.

Годинава беа прикажани неколку европски премиери, но и филмски наслови со учества на „Оскарите“, Канскиот филмски фестивал, Санденс, ИДФА, Венецискиот филмски фестивал, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Филмскиот фестивал во Сараево. Домашните автори повторно имаа значајно место во програмата, на отворањето беше прикажан филмот „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски.