Зошто на наставна хемија годинава се запиша само еден студент?

Зошто на наставна хемија годинава се запиша само еден студент?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со овој проблем допрва ќе се соочи нашиот образовен систем. Наскоро нема да има наставници по хемија, вели проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје

Само еден средношколец во Македонија се запиша на студии по наставна хемија на Институтот за хемија во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Иако бројката на студенти може да се зголеми во останатите два уписни рока, сепак, ова е силен показател за состојбите во образованието во земјава. Никој не сака да предава хемија во училиштата и интересот за студирање на наставните програми е многу мал. Со овој проблем допрва ќе се соочи нашиот образовен систем. Наскоро нема да има наставници по хемија, вели проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

- Третманот на наставничката професија кај нас е веројатно причината за малиот интерес за студирање на наставните насоки на хемија и воопшто на Природно-математичкиот факултет во изминатите години, па и оваа. Поради тоа, состојбата со школуван кадар за реализација на настава по хемија, слично и по физика, во следните години ќе стане критична - децидна е таа.


Проф. д-р Марина Стефова (трета од лево)

Стефова вели дека еден мотив за студирање хемија (на сите насоки, наставна вклучително), како и физика и математика, може да бидат солидните стипендии што ги доделува Министерството за образование и наука во последните години, но тоа не е доволно. Проблемот со недостигот на наставници делумно се решава со можноста за педагошка доквалификација на дипломираните студенти на применетите насоки, но тоа не е соодветно решение за наставници по предмети од природните науки.

- Не попусто се осмислени студиски програми за наставници со обука за школско експериментирање и примена на специјални наставни методи. Наставниците по хемија треба да се вљубеници во хемијата, кои својата страст за осознавање на природата на материјата и нејзините промени треба вешто да им ја пренесат на учениците, а студиите на наставна насока треба токму таа умешност да ја развијат кај идните наставници и потоа во училиштата да имаат можност да ја применат - децидна е таа.

Трудот на наставниците не се вреднува

Според Стефова, мал е бројот на оние што сакаат да бидат наставници по хемија поради недоволно вреднуваниот труд на наставниците и неповолните услови за работа.
- Затоа сите заедно треба да се избориме за вистински третман на наставниците на сите нивоа во образованието. Највредното во едно општество е неговиот подмладок, а неговиот развој е во рацете на наставниците, кои треба да работат во најдобри услови за постигнување најдобри резултати - објаснува Стефова.



Сепак, интересот за студии по хемија во последните години бележи пораст. Тоа се должи на можностите за вработување во лаборатории од различни видови: биохемиски, клинички, за контрола на квалитет во прехранбена, фармацевтска, хемиска индустрија и слично, како и истражувачки лаборатории на универзитетите и во индустријата кај нас и каде било во светот. Стефова објаснува дека студентите што дипломираат на студиските програми применета хемија и аналитичка биохемија се квалификувани за влез во која било од овие лаборатории. Солидната основа од теоретски знаења, практични лабораториски вештини и способноста за решавање проблеми што се здобива на овие студии ги отвора можностите за работа во многу различни области.

- Денес хемичарите се многу важен дел од интердисциплинарните тимови во многу современи, но и веќе добро воспоставени области, како што се нови материјали, нанотехнологии, нови извори на енергија, нови биоактивни соединенија, молекуларна биологија, климатски промени, храна и исхрана и секаде каде што е потребно да се добијат и/или изолираат супстанции и материјали од различна природа и да се утврдат и/или менуваат нивните својства за да се овозможи нивна примена за дадени цели. Хемијата нема граници на можностите за примена и еден добро едуциран хемичар може да работи и да се надградува во која било лабораторија каде било во светот - вели Стефова.

На институтите нема подмладок

На прашањето какви се во моментот условите за студии на Институтот за хемија, таа вели дека не се идеални, но сè уште се одржува солидно ниво на додипломски студии. Стефова објаснува дека Институтот за хемија во изминатите децении беше предводник во научноистражувачката работа кај нас благодарение на современата лабораториска опрема и инструментација и негувањето на меѓународната соработка.


Фото: Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија

- За жал, во последните десетина години нема соодветна поддршка од нашите надлежни институции. Кубуриме, но ентузијазмот сè уште нè држи и настојуваме со постојната опрема и особено со меѓународната соработка да ја одржиме кондицијата, а паралелно да се избориме и за подобар третман на високото образование и научноистражувачката дејност. Најгорлив проблем во последните години е подмладокот, односно младите соработници-асистенти за практична настава и научноистражувачка работа бидејќи веќе осум години не е добиена согласност за вработување на асистент, а во меѓувреме се пензионирани повеќе од десет професори на Институтот за хемија. Од минатата година постои законска можност и за времено ангажирање на демонстратори за таа цел, но тоа се покажува како неефикасно кога не постои можност за вработување. Затоа најдобрите дипломирани студенти својата иднина ја бараат во странство. Неопходно е да се обезбедат услови за живот и работа на научниот подмладок, т.е. нивно вработување и подобри услови за научноистражувачка работа за да се вратиме на позицијата на најпрепознатливата високообразовна и научна институција кај нас. За оваа состојба е алармирано кај соодветните надлежни институции и се надеваме дека конечно ќе се реши овој проблем на начин кој умните одамна го применуваат: најдобрите да останат да работат на универзитетот и да продуцираат најдобри резултати и кадар во соодветни услови за тоа - вели Стефова.