„Џифони Македонија“ да биде приказна без крај

„Џифони Македонија“ да биде приказна без крај

- Ентузијазмот што го гледам ми покажува дека иницијативата да се донесе филмскиот фестивал „Џифони искуство“ во Скопје беше полн погодок. Среќни сме да гледаме како од година на година овој фестивал станува важен елемент од големото Џифони-семејство во цел свет.
На овој начин ги зајакнуваме културните врски помеѓу Италија и Северна Македонија, потврдувајќи ги врските меѓу двете земји. Повеќе од 500 тинејџери, повеќе од 50 странски гости се во Скопје, многу филмови, многу иницијативи и настани, со фокус на специфични теми – заштита на животната средина и безбедната употреба на интернет - истакна италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, синоќа на отворањето на 7. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во киното „Милениум“ во Скопје. Фестивалот почна со проекцијата на италијанскиот филм „Несовршена доба“ во режија на Улисе Лендаро.

1

Младите џифонци од Македонија му се заблагодарија на Клаудио Губитози, основачот и душата на фестивалот од пред 50 години кој, за жал, од оправдани причини не можеше да дојде во Скопје. И директорот на фестивалот, Дарко Башески, се согласи дека Губитози не е со нас, меѓутоа, неговиот дух е присутен.

- Јас се надевам дека „Џифони“ ќе биде приказна без крај - истакна Башески.

2

Гостите на отворањето ги поздрави и Пјетро Риналди, претседател на „Џифони искуство“.

- 2020 година ќе биде многу важна за нас. Ќе одбележуваме 50 години од основањето на фестивалот. Очекуваме да имаме околу 7.000 учесници и гости од повеќе од 50 земји. Со среќа на ова издание на „Џифони Македонија“ - истакна Риналди.

3

Со неколку песни публиката ја поздрави и специјалниот гостин, актерот и пејач Лука Чиковани. Тој ги убеди младите да пеат со него. Богат прв ден помина на 7. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Многу прашања, многу насмевки, дискусија за филмови, со автори и уметници, џифонци ги уживаат своите шест дена „владение“ во Младинскиот културен центар и во Кинотеката на Македонија.

На првиот фестивалски ден имаа можност да се запознаат со актерот и пејач Лука Чиковани, кој игра една од главните улоги во филмот „Среќата на Лазар“. Откако го видоа филмот, час и половина не беше доволно за љубопитните да дознаат нешто повеќе за актерот, но и за суштината на филмот.

3

Чиковани е пресреќен што е гостин во Македонија. Вели дека кога бил дете негов суперхерој бил Александар Македонски. Тој им објасни дека сосема случајно се нашол во филмот. Музиката е неговата прва љубов и окупација.

- Почнав да снимам кавери на познати песни на „Јутјуб“ и изгледаа ужасно аматерски. Но, еден од нив некако го видела режисерката Аличе, која е многу почитувана во Италија и во филмскиот свет, ми се јави и ми понуди да одам на аудиција. Кога мајка ми, која е кинематографер, слушна кој ме побарал, ми рече веднаш да ѝ се јавам. Имав многу стравови во првите денови на снимањето, меѓутоа, кога одлучив дека треба да се опуштам и да му се препуштам на искуството, тогаш победив. Филмот ме промени како личност, ме научи дека сонот за слава, убави автомобили, облека е многу минлив и не е вистинскиот. Треба да ѝ се вратиме на хуманоста. Големото его нè убива сите нас. Мора многу да учиме. Тоа го сфатив подоцна, откако завршив училиште, но секогаш можете да се посветите на тоа што сакате да го правите. Затоа сега планирам да одам во Лос Анџелес, да се запишам во актерска школа, за да научам повеќе - вели Чиковани.

3

Џифонци вчера ја имаа привилегијата први да бидат ученици во патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи, која е дел од проектот „Поврзани генерации – Безбеден интернет-центар“, што го координира министерството за образование и наука на Италија, а го реализира одделението за безбедност во комуникациите при МВР на оваа земја. Патувачката училница денеска од 16 до 19 часот ќе биде поставена пред „Скопје сити мол“ и секој може слободно да ја посети. Денеска на програмата се мастер-класови со „Fridays for Future“ и СОК Македонија – Светски обединети колеџи. Во 16 часот ќе биде прикажан филмот „Светлина“ во режија на Мартин Чичовски, по што следува средба со авторот.