Илче Ацевски, најдобар професор од средно училиште: „Врската меѓу професорот и ученикот продолжува и по матурирањето, ме бараат за помош при испити“
Наставникот мора да ги почитува родителите и учениците без разлика на нивните постигнувања и со тоа да ја заслужи нивната почит кон него, бидејќи со заемно почитување секој проблем или предизвик може да се реши на најдобар начин, вели професорот Илче Ацевски од Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, кој Сојузот на просветни работници на Македонија го прогласи за просветен работник на годината 2021/2022 за средните училишта.
Веќе 19 години работи во училиштето како професор по група предмети од електро на насоките електротехничар за компјутерска техника и автоматика и техничар за индустриска мехатроника од електротехничка струка. По професија е дипломиран електроинженер и магистер по информатика.
- Покрај стручноста, важна е посветеноста на работата, желбата учениците да постигнат подобри резултати и брзото приспособување кон технологиите, што е неминовност на денешницата. Секако, важно е поттикнување на креативноста и иновативноста кај учениците преку воннаставни активности, натпревари и проекти, на кои често учениците добиваат награди, а најголемата ја добиваат по завршувањето на средното образование со тоа што излегуваат како зрели личности, со стекнати најразлични вештини, компетенции и самодоверба - вели Ацевски.
Учениците да размислуваат критички и да решаваат логички проблеми, а не да учат напамет
Учениците велат дека тој е многу студиозен професор, кој знае да им го пренесе знаењето, да ги поттикне да размислуваат логички, а не да учат напамет. А што е најважно - не предизвикува страв кај нив додека ги испитува. Ацевски вели дека оценувањето претставува внимателно и континуирано следење на постигнувањата и напредокот на учениците преку усно проверување, стандардизирани тестови, домашни задачи, квизови, симулации, проектни задачи...
Илче Ацевски на доделувањето на признанието за најдобар просветен работник
- Според мене, наставникот во никој случај не треба намерно да предизвикува стрес кај учениците, напротив, доколку види такво нешто, може да го одложи испитувањето за нареден период. Најважно е учениците да го совладаат материјалот најдобро што можат и поради тоа јас преку учебната година барам да учат критички и да решаваат логички проблеми, што за некои ученици што учат напамет е малку попроблематично, но мислам дека и кај нив успевам да ја поттикнам креативноста. Според мене, учениците не треба да учат за оценка. Најважно е да стекнат трајно знаење кое ќе може да го применат понатаму во животот - смета Ацевски.
За него нема лоши ученици, вели дека може да има само лоши моменти. Посочува дека еден добар ученик треба да има позитивен став кон учењето, самодоверба, да верува во себе бидејќи секој ученик има свој талент. Да има работна навика и да е редовен на часовите. Добро е да поседува и одредени вештини, како што се когнитивната флексибилност за да може критички да размислува и на тој начин најлесно ќе постигне подобри резултати, треба правилно да го распореди времето и да се организира, да може правилно да расудува и да донесува одлуки, да е креативен и да може да управува со сопствените емоции и правилно да реагира на емоциите на другите.
Се надева дека државата ќе преземе нешто за да го врати образованието на местото што му припаѓа
Да се биде просветен работник, за него е големо задоволство и чест иако има голем број проблеми со кои се соочуваат во текот на работниот процес. Како еден од предизвиците го посочува големиот број на ученици во паралелка, дури 34. Во училиштето каде што предава има дуални паралелки со најмногу 25 ученици и иако и тоа е многу, во нив има многу подобри услови за работа и може преку истражувачки активности да се поттикнат креативноста и логичкото размислување речиси кај секој ученик. Моментално во државата има паралелки со по 10 ученици, а исто толку со по 34. Доколку бројот се ограничи на 20-24 ученици, овој дисбаланс ќе го снема.
Како друг проблем ги посочува постојаните реформи на секои три-четири години, кои немаат континуитет, па немањето учебници, иако секоја година се објавуваат конкурси за пишување. Го споменува и проблемот со големата административна оптовареност на просветниот работник, иако со воведувањето на е-дневникот сепак се намали, но се појавија проблеми со немање компјутери и интернет во многу училишта за да може континуирано да се внесуваат податоците. Не е решен проблемот со многу просветни работници што работат во други општини и не им е обезбеден превоз. Но, секако, најголемиот проблем за сите се малите плати.
- Кон сето ова да го додадеме и тоа што просветниот работник е сѐ помалку ценет, иако образованието треба да е столбот на секое општество, во последните години сѐ повеќе има недостиг на кадар по стручни предмети: математика, физика и слично. За жал, тоа ќе биде сѐ поочигледно во наредните години бидејќи младите стручни кадри не се нафаќаат да работат како просветни работници, или прифаќаат додека не најдат подобра, поценета и поплатена работа. Многу е намален бројот на студенти што се запишуваат на наставничките факултети. Сепак, јас сум оптимист и се надевам дека наскоро државата ќе преземе нешто што навистина ќе го врати образованието на местото што му припаѓа - додава професорот.
Изработени многу проекти со учениците и освоени многу награди
Круна на неговата просветна работа се многубројните освоени награди со ученици на кои им бил ментор на меѓународни натпревари, народна техника, меѓу стручни училишта и други. Десетина години со ред освојува награди со учениците од електро-машинските и сообраќајните училишни центри. Негови ученици освоија второто место на натпреварот „Најдобар бизнис-концепт за 2022“, кој се одржа на Машинскиот факултет во Скопје. Во рамките на проектот „3Д-технологиите, предизвик на денешницата и неопходност на иднината“, кој го работеше со тим од седум ученици, финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој во 2018/2019 година, изработија два 3Д-скенери. Со други 7 ученици лани успешно реализира уште еден проект од Предизвикот за млади истражувачи. Минатата учебна година соработуваа со Џуниор ачивмент Македонија, со чија помош Ацевски вклучи околу 50 ученици во различни проекти, како што се „Панда Лабс за праведна транзиција“, „GirlsGoCircular“, а соработката во тие проекти продолжува и оваа година, збогатена со формирање на четири ученички компании.
Доказ за неговиот успех се многубројните контакти со учениците што веќе матурирале.
„Оние што заминале од државата, најчесто ми се пријатели на социјалните мрежи и често разменуваме искуства. Има ученици кои се успешни во нашата држава, некои како ценети и успешни вработени во некои компании, а други веќе основале свои компании. Тие често ни излегуваат во пресрет и ни овозможуваат да однесеме ученици на практична обука кај нив. Бидејќи работам многу воннаставни активности и проекти со учениците, често пати знам да побарам консултативна помош од овие поранешни ученици при реализацијата на проектите.
Учениците што моментално се на студии често знаат да ме побараат за помош кога ќе заглават со некој испит и, секако, доколку сум во можност, им излегувам во пресрет - вели Ацевски.
Фото: приватна архива