Вкупно гостувале 146 професори од странство, а 150 професори од Филозофски биле на 98 на меѓународни конференции, 18 предавања на странски универзитети, 13 проектни посети, 4 предавања на европски универзитети и 17 мобилности заради иницијативи за заеднички меѓународни наставно-научни активности
Правилник за систематизација на работните места, избор на редовни и вонредни професори, доценти и наставно-научни звања. Единаесет седници на наставно-научниот совет, 16 на деканската управа, фокус на преговори за обезбедување пари за капиталните инвестиции, зголемување на меѓународната соработка и аплицирање на меѓународни проекти, но и правните пречки со кои постојано се соочувале од денот кога стапил во сила Законот за високо образование... Ова е дел од извештајот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за изминатата академска година.
Документот е претставен низ неколку подрачја - финансии, апликативна дејност, меѓународни проекти, уписна политика, простор и опрема, научна, наставна и меѓународна дејност, наставен, административен и помошно-технички кадар и поддршка на студентите.
- Најголем проблем беа правните пречки со кои постојано се соочувавме од денот кога стапи во сила Законот за високо образование (ЗВО) и немањето Статут на Универзитетот и на факултетот. Во овој период најголем дел од активностите на деканатот и комисиите беа насочени кон анализа, измени и донесување правни акти неопходни за нашето секојдневното работење - пишува во извештајот.
Формирана е Комисија за функционална анализа која изготвила Прашалник за самооцена на вработените во наставниот кадар и Прашалник за самооцена на вработените во стручната и административната служба на Филозофскиот факултет. Врз основа на извршената анализа се идентификувале функциите што треба да постојат во идната организациска структура. Новина регулирана со новиот ЗВО било определувањето на вработените на факултетот во наставен кадар. Така тие веќе не се „даватели на јавни услуги“ за кои важи Законот за административни службеници.
- Оваа новина значеше потреба од изменување на постојниот и донесување нов Правилник за систематизација на работните места на Факултетот. Затоа се формира Комисија за негова изработка под раководство на деканот. По усвојувањето на Статутот на Универзитетот, под раководство на деканот работеше и Комисијата за изработка на Статутот на Факултетот, а формирана е и Комисија за изработка на стратегија на Факултетот. За анализа на состојбите, Комисијата за настава изработи две анкети за квалитетот на студиите и за причините за избор на студиските програми на Филозофскиот факултет - се вели во документот.
Меѓународната дејност во учебната 2018/19 година бележи интензивирање во однос на претходната учебна година. Вкупно гостувале 146 професори од странство, а 150 професори од Филозофски биле на 98 на меѓународни конференции, 18 предавања на странски универзитети, 13 проектни посети, 4 предавања на европски универзитети и 17 мобилности заради иницијативи за заеднички меѓународни наставно-научни активности.
Претплата на електронски списанија
Во однос на финансиите, со оглед на падот на приливот на средства од бројот на студенти, преземени се разни мерки и активности за покривање на трошоците преку донации и средства од апликативна дејност. Преку акцијата за подигање на општествената одговорност на заедницата за образованието обезбедени се средства и за опрема, конференции, собири и студентски активности, со цел сопствените средства да се наменуваат за усовршување на наставниците, администрацијата, тековните потреби на Факултетот.
Како и изминатите години, преземени се повеќе мерки на полето на уписната политика - интензивното промовирање на активностите на Факултетот со однапред подготвена агенда на настани, трибини, собири, промоции, дебати на актуелни теми во медиумите, на веб-страницата на Факултетот, на социјалните мрежи и портали за јавноста да биде постојано информирана за обемната научна, наставна и апликативна дејност на вработените на Факултетот.
За подобрување на научната инфраструктура на студентите и вработените при Филозофскиот факултет, направена е претплата на електронската база на академски списанија JSTORE, чија основна збирка содржи клучни списанија од хуманистичките и општествените науки и опфаќа 45 научни дисциплини. Факултетот се приклучи кон електронската мрежа за библиотечни податоци - КОБИС (COBISS), со што целиот библиотечен материјал на Факултетот ќе може да се пребарува електронски.
Во академската 2018/2019 година Филозофскиот факултет бил вклучен во реализација на 22 научноистражувачки проекти, од кои 5 меѓународни, 13 национални и 4 меѓународни ЦЕЕПУС академски мрежи. Организирани се 22 научни настана, од кои 8 меѓународни и 14 од национален карактер (научни собири, трибини, дебати, промоции и слично.
Помалку студенти на УКИМ – состојба што загрижува
Одобрено е печатење на 16 учебници и монографии, 12 списанија и 3 зборници на трудови. Издадени се новите броеви на: Социолошка ревија, Жива антика, Ревија за социјална политика, Безбедносни дијалози, Дефектолошка теорија и практика, Меѓународно списание за образование, истражување и обука, Годишниот зборник на Филозофскиот факултет. За потребите на списанијата Психологија наука и практика, Folia Archaeologica Balkanica, направена e уплата за добивање дигитален идентификатор на објекти (DOI), броеви неопходни за индексација и зголемување на влијанието на статиите што се објавуваат во меѓународни списанија. Особено е значајно да се истакне објавувањето на монографијата „Скопје“. Осум милениуми живот, култура и творештво, 690 страници во колор, можеби едно од најзначајните изданија на факултетот.
Во изминатата академска година првпат првиот час беше одржан во аулата на факултетот, со почетно обраќање на ректорот на УКИМ. Филозофскиот факултет беше втор по број на запишани студенти на УКИМ.
- Вкупно запишани студенти на Филозофскиот факултет во учебната 2018/2019 година се 628, за 106 помалку во споредба со претходната учебна година. Според Заводот за статистика и бројот на матуранти за наредната година, тој број ќе се намалува и во наредната година - пишува во извештајот.
На вториот циклус на студии интересот расте.
На факултетот има недостиг од наставен кадар. Со заминување на професори во пензија, недостигот од наставен и соработнички кадар станува сè поголем проблем за развојот на наставната и научната дејност на Факултетот.
- Повторно е доставено барање до Министерството за образование и наука за нови вработувања на 23 наставници и соработници. Од познати причини, вработувањето на нови кадри е одложено за наредната година. Продолжува практиката за ангажирање надворешни наставници и стручњаци од практика, за оние студиски програми кај кои е невозможно бројот на часови да се покрие со сопствен наставен кадар - се вели во извештајот.
Во заклучокот пишува дека предизвиците се секогаш големи. Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на активностите за обезбедување финансии за клучните инфраструктурни проблеми: довршување на замена на покривот, решавање на проблемот со енергетска ефикасност и централна библиотека.
- Преку целата година фокусот ќе биде ставен на одбележување на големиот јубилеј - 100 години Филозофски факултет во Скопје, и сите активности и настани ќе бидат насочени кон негово достојно одбележување. Реализацијата на сите активности наведени во извештајот е резултат на ентузијазмот и прифаќањето на зацртаните цели од сите наставници, соработници и вработени на Факултетот - пишува во извештајот.