„Китот“ ќе биде следната неверојатна атракција на Норвешка

„Китот“ ќе биде следната неверојатна атракција на Норвешка

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Неверојатна архитектонска творба позната како „Китот“ ќе биде следната голема атракција во Норвешка, а на посетителите на Анденес на островот Андоја ќе им овозможи одблизу да ги гледаат китовите кога мигрираат.

Сместена на 300 километри северно од Арктичкиот круг, градбата исто така ќе понуди неверојатен поглед на суровиот природен пејзаж на островот, а се очекува да се отвори во 2022 година. Темните и студени води длабоки до 1.000 метри, на северозападниот брег на Андоја, привлекуваат голем број лигни, кои пак привлекуваат китови-љубители на лигни. Како резултат на тоа, гледањето китови е огромна атракција во Андени, кој веќе има 50.000 посетители годишно.

1
Фото: MIR

За да го одбележи ова, данската архитектонска фирма „Дорте Мандруп“ е избрана за изградба на зградата. Фирмата вели дека дизајнот на зградата ќе направи да изгледа како да се издигнува од драматичниот норвешки пејзаж. - Се крева природно како мек рид на карпестиот брег, како гигант да има кренато тенок слој од кора на земјата и како да создал празнина под неа - велат од архитектонската фирма.

- Посетителите и мештаните ќе може да шетаат по покривот и да имаат непречен поглед кон океанот, планините, полноќното сонце или поларната светлина - пишува фирмата.

2
Фото: MIR


Заоблениот покрив на зградата ќе биде покриен со камења што ќе ја потенцираат врската помеѓу норвешкиот пејзаж и зградата. Во него ќе бидат сместени изложбени простори, канцеларии, кафе и продавница и ќе ја раскажуваат приказната за големите жители на подводниот свет.

3
Фото: MIR


- Поетско е и едноставно, а истовремено и многу возбудливо и необично здание - вели Барер Берглунд, шеф на жирито за архитектонскиот натпревар. - Со овој фантастичен предлог го имаме она што е потребно за да се создаде атракција од светска класа.