Откриено езеро на Гренланд, старо милиони години

Откриено езеро на Гренланд, старо милиони години

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Остатоци од огромно езеро се откриени под Гренланд, закопани длабоко под ледениот слој на северозападот на земјата. Се проценува дека езерото е старо стотици илјади години, ако не и милиони, велат научниците.

Огромното „фосилно корито на езерото“ е феномен каков што научниците досега нe виделе во овој дел од светот, иако ја знаеме колосалната ледена плоча на Гренланд (втора по големина во светот, по антарктичката), таа останува полна со мистерии.

Минатата година научниците открија над 50 субглацијални езера под мразот на Гренланд.

Новото откритие е од поинаква природа: антички езерски слив, лабава карпа со дебелина до 1,2 километар, а потоа покриена со уште 1,8 километар мраз.

Кога езерото се формирало многу одамна, регионот веројатно немал мраз, велат истражувачите, а сливот поддржувал монументално езеро со огромна површина од приближно 7.100 квадратни километри. Тоа е приближно исто со големината на комбинираната област на американските држави Делавер и Род Ајленд. Ова масивно езеро имало околу 580 кубни километри вода, напојувано од мрежа од најмалку 18 потоци што некогаш постоеле северно од коритото на езерото.

ezero
Фото: (Columbia University, adapted from Paxman et al., EPSL, 2020

Иако не постои начин денес да знаеме колку е старо ова езеро (или дали било исполнето и испразнето многу пати), можеби ќе може да се открие преку анализа на лабавиот карпест материјал во сливот: џиновска временска капсула од зачуван талог што може да понуди докази за околината на Гренланд пред многу години.

- Ова би можело да биде важно складиште на информации, во пејзаж што сега е целосно скриен и недостапен - вели водечкиот истражувач и глацијален геофизичар Гај Паксман од Универзитетот во Колумбија.

- Ако можеме да дојдеме до тие седименти, тие би можеле да ни дадат информации кога бил присутен мразот, а кога го немало - додава тој.

Гигантското езерско корито било откриено преку набљудувања од мисијата на НАСА наречена „Операција Ајсбриџ“, воздушно истражување на поларните региони на светот.

За време на летовите над мразот на Гренланд, тимот ја мапирал субглацијалната геоморфологија под мразот, користејќи низа инструменти за мерење. Читањето ја открило контурата на огромната лабава маса на седиментни полнила, составена од помалку густ и помалку магнетски материјал отколку поцврстата карпа што ја опкружувала масата.

Тимот од научници смета дека е можно езерото да се формирало во потопли времиња како резултат на поместување на основата, која сега е во мирување. Алтернативно, глацијалните ерозии може да ја врежале формата на сливот со текот на времето.

И во двата случаи, истражувачите веруваат дека античкиот слив може да има важен седиментен податок. Со дупчење доволно длабоко и со анализа на сливот би можело да се откријат информации за тоа кога регионот бил без мраз или кога бил покриен со мраз.

Без оглед какви тајни се длабоко закопани во карпите, тие сигурно содржат витални информации за она што се случува сега во светот.

- Се обидуваме да сфатиме како се однесувал мразот на Гренланд во минатото. Важно е, доколку сакаме да разбереме како ќе се однесува во иднина - вели Паксман.

Извор: Science alert
Фото: NASA