Сите велат Горан Велики, а тој вели: „Јас само помогнав“. Капитенски за фудбалска историја

Сите велат Горан Велики, а тој вели: „Јас само помогнав“. Капитенски за фудбалска историја

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

На вчерашниот успех чекаше 20 години. И кога сонот се оствари, рече: „Денеска не сме свесни што ни се случи“

Триесет и седумгодишниот фудбалер беше во солзи по последниот свиреж на судијата бидејќи нему и на неговите соиграчи им се исполнија соништата, напиша британскиот „Гардијан“ по синоќешниот историски пласман на Македонија на Европското фудбалско првенство. Од Би-би-си ударно: „Фудбалска историја!“ ФФМ го нарече Бог. Селекторот Игор Ангеловски го нарече Горан Велики. За „Спортдигитал“ е Свети Горан Пандев, а навивачите вчерашниот ден го прогласија за Пандевден.
А тој, Горан Пандев, рече дека само им помогнал на соиграчите и успехот им го препиша на сите - на селекторот Мрме, Адеми, Елмас, Несторовски, Димитриевски, Барди, Тричковски, Алиоски... на Македонија.



-Многу сум среќен, сум играл многу големи натпревари во кариерата, но сега сум многу среќен. Мислам дека моето искуство му помогна на тимот да го оствариме овој успех. Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина момците го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП. Благодарност до сите што не пречекавте - рече утринава Пандев, на пречекот на репрезентативците на граничниот премин Блаце, по враќањето од Тбилиси, каде со неговиот гол беше совладана Грузија (1:0) и остварен историскиот пласман на Македонија на Европското фудбалско првенство.


Репрезентативците и селекторот Игор Ангеловски - Мрме / Фото: ФФМ

Ја освои Лигата на Шампионите со тимот на Интер предводен од Жозе Мурињо во 2010 година, Пандев сега, на залезот на кариерата, настапува во италијанскиот тим Џенова, и е рекордер по бројот на голови за македонската репрезентација.


Дочек на македонската фудбалска репрезентација / Фото: Влада

Од ФК Беласица од Струмица до ЕП

Се почна во Струмица, пред 20 години. Пандев ја започнал својата кариера во ФК Беласица од Струмица. За првиот тим на Беласица, Пандев настапувал само една сезона во рамките на Првата македонска фудбалска лига. Во 2001 година, на само 18 години, Пандев беше продаден на Интер од Милано. По потпишувањето на договорот, за сезоната 2002-2003, Пандев бил позајмен на Специја, друг италијански клуб кој во тоа време се натпреварувал во Серија Ц1. За Специја, Пандев одиграл 22 првенствени натпревари и постигнал 4 гола. Следната сезона, 2003–2004, Пандев бил повторно позајмен, овој пат на Анкона, клуб кој штотуку влегол во најсилната италијанска лига, Серија А. Во јануари 2004 година, Пандев заминал во Лацио, како дел од трансферот на српскиот фудбалер Дејан Станковиќ од Лацио во Интер. Најголемиот успех со Лацио Пандев го остварил во 2009 година, кога го освои Купот на Италија, при што со постигнатите седум голови, тој бил најдобар стрелец во ова натпреварување. За Лацио, Пандев има одиграно вкупно 159 натпревари во кои постигна 48 голови. По Дарко Панчев, кој играл во Интер, Пандев е вториот Македонец кој заиграл во Серија А.


Фото: ФФМ

На 4 јануари 2010 година, Пандев потпиша петгодишен договор со Интер, каде што го носеше дресот со број 27. Пандев го освои вниманието на италијанската фудбалска јавност во победата на Интер над градскиот противник Милан, кога му асистирал на Диего Милито при постигнувањето на првиот гол, додека пак вториот гол бил негово дело од слободен удар, како еден од најдобрите на колото. Во 2010 година, Пандев ги оствари најголемите успеси во својата фудбалска кариера, кога со Интер освои дури четири шампионски титули: првак на Италија, освојувач на купот на Италија, победник во Лигата на шампионите, и победник на Светското клупско првенство, постигнувајќи го првиот гол за Интер. беше играч и на италијанскиот Наполи, а денес е во Џенова.


Фото: ФФМ

Во националната репрезентација го направил своето деби на 21 август 2002 во натпреварот Македонија-Малта 5-0, во кој тој постигнал гол. Со оглед на тоа што е технички најнадарен играч во нашата репрезентација, тој станал капитен и неприкосновен водач, а денес е најдобриот стрелец во историјата на македонската селекција.

На вчерашниот успех чекаше 20 години. И кога сонот се оствари рече: Денеска не сме свесни што ни се случи.

-Ова е крајно емотивен момент за мене и за целата репрезентација. Пресреќен сум, одигравме одличен натпревар. Сакав само да им помогнам на моите момци, ова е фантастична група на играчи кои го заслужуваат ова. Како најискусен кој има многу важни натпревари во репрезентацијата седнав и ги советував. Да играме мирно, да не влеземе во еуфорија, и на крајот така беше - рече Пандев.


Фото: ФФМ

Честитки стасуваат од сите клубови каде играат нашите репрезентативци - за Џани од Лидс, од Рајо Ваљакано за Димитриевски, од Леванте за барди, за Пандев од Џенова, каде го нарекоа Еуро Пандев, од италијанските медиуми за Елмас...

Гранде Пандев и Мрме

Фудбалската федерација на Македонија синоќа го нарече Пандев Бог, а селекторот Игор Ангеловски го нарече Горан Велики. Во Италија го нарекуваат Гранде Пандев и Гранде Гоче.


Репрезентативците и Муамед Сејдини, претседател на ФФМ / Фото: ФФМ

-Ви благодарам на честитките, но тие треба да бидат за моите фудбалери. И не се само овие тука, едно момче денес лежи во кревет, тоа е Барди, тука не се Кире, Крсте, Буба..Сите се дел од успехот. Македонија има еден херој кој никој не може да го оспори – Александар Велики го оспоруваат, но Горан велики не може никој да го оспори - кажа Ангеловски по враќањето во Македонија.

Нека се радува Македонија, подобро од ова нема, изјави синоќа фудбалскиот тренер Југослав Тренчовски од фудбалскиот клуб Академија Пандев од Струмица, чиј сопственик е Горан Пандев. Го имаме Гранде Пандев, ги имаме сите херои. Честитки заслужуваат сите и посакувам успех на Европското првенство, рече Тренчовски.


Фото: ФФМ

Британскиот Би-Би-Си синоќа на својот Фејсбук профил сподели фотографии од историската победа на Македонија против Грузија и го истакна учинокот на капитенот: Со својот 115-ти настап за својата репрезентација, 37-годишниот Пандев го постигна голот што ја испрати Македонија на нивниот прв голем турнир. Најголемата вечер во фудбалската историја на земјата.

Познавачите на фудбалот велат дека треба да му бидеме вечно благодарни на селекторот Игор Ангеловски - Мрме. Најмногу за селекторската стратегија и истрајноста, а и за враќањето на Пандев во репрезентацијата. Кога Мрме стана селектор, велат, Горан Пандев се имаше откажано од националниот тим. И љубителите на фудбалот во земјава се откажаа од него, го обвинуваа дека за репрезентацијата не игра како за своите екипи и дека со сила е тука, а и долго време немаше постигнато репрезентативен гол. Тогаш Мрме го врати во националниот тим и резултатот о гледаме.

Надица, Филипо, Ана и Софија: Не се враќај дома без пласман

А од дома, од Џенова, сопругата Надица, со која се заедно од 2009 година, и децата Филипо, Ана и Софија, го испратиле со порака: Без пласман на Европско не се враќај дома.


Се врати со историски пласман, заедно со селекторот Мрме, со соиграчите, со управата, со цела Македонија. Честитките пристигнуваат и денес од сите страни -од неговиот клуб, од македонските фанови, од Кире Лазаров, од Стојанче Ангелов, од политичарите, музичарите, од сите...
До дебито на ЕП 2021 година има уште многу, ама тоа е незначително во споредба со тоа колку се чекаше на овој успех. 12 јуни 2021 брзо ќе дојде. Сите се надеваме дека тогаш ќе испишеме нова фудбалска историја за Македонија.