„По скалилата на успехот“ со Неби Хоџа: Од чирак во чаршија до регионален лидер во бизнисот

„По скалилата на успехот“ со Неби Хоџа: Од чирак во чаршија до регионален лидер во бизнисот

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Традиција, образование и професионализам зачинети со трпение, умност и чесност. Ова е рецептот за успех на електроинженерот кој на одбраната на магистерскиот труд со почит кон семејството, пријателите и комисијата рекол: „Го завршив моето хоби, сега сум подготвен да ѝ се посветам на мојата вистинска работа“.
Неби Хоџа деновиве ја доби довербата од своите колеги и партнери и го почнува вториот мандат како прв човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Стои цврсто на својот став дека и во оваа мала земја може да успее секој што вистински сака да работи. Ова е неговата приказна по скалилата на успехот.

Неби Хоџа

Детството му поминало со малку игра. Бил одличен ученик, пораснат во голема фамилија каде што секој требало да заработи за себе од мали години.
- Работилница-дома-школо и обратно. Тоа беше мојата релација. Се капевме на Вардар во недела на градската плажа над Камениот мост. Како што растев, можев и подобро да си го организирам времето, и тоа за викендите. Останатото време беше исто. Ако споредиме со денешното детство, сосема е различно. Децата се дружат претежно преку социјални мрежи, што е навистина загрижувачки - вели Хоџа.

Средно учел во гимназијата „Зеф Љуш Марку“. Вели дека одличните ученици што немале визија каде да ја продолжат кариерата по дифолт продолжувале на Електро, а девојчињата - на Медицина. Тој конкурирал на Електро, на Загрепскиот универзитет.
- За несреќа, возот се заглави среде пат и ми избега приемниот испит. Имав поднесено документи и во Скопје и во Приштина. Конечно го положив приемниот во Приштина, надевајќи се дека ќе се префрлам во Загреб. Но, како што поминуваа годините, останав докрај и магистрирав во Приштина. На магистерската прослава требаше да одржам говор, а не знаев што да кажам. Реков: „Почитувани професори и мои најблиски, благодарност до сите, но морам да ви објаснам дека јас факултетот го завршив од хоби. Мојата визија е да го продолжам фамилијарниот бизнис, таму сум најпотребен“. Сите се зачудија како по шестгодишен вложен напорен труд како електроинженер, дипломата ќе ми служи како украс на мојот ѕид и нема да продолжам во професијата - раскажува Хоџа.

Еснафскиот кодекс на етичко однесување

За време на студиите решил стотици илјади математички задачи. Тоа го користи и денес во секојдневието. Проблемите ги решава со математички формули.
- За успехот многу е важно и како интелектуалец да размислуваш поинаку. Да бидеш поиновативен. Тогаш немаш потреба да копираш од никого. Во комуникација со странски компании си на повисоко ниво и ја немаш помислата на инфериорност. И така си го асфалтирав својот пат на успехот со креативност и многу аналитичност. Што се однесува до етика и доверба, се водев по фамилијарниот темел - објаснува Хоџа.



Сè почнало во 1969 година кога татко му со малку заштеда-малку заем, заедно со двајцата браќа Хетем и Авдул, кои работеле како калфи, го направиле најпаметниот потег – купиле дуќан од само 6 квадратни метри во Старата скопска чаршија. Ова била стартната точка за денешниот успех на златарската работилница „Смарагд“.
- Ние не успеавме зашто бевме посилни или поумни, туку затоа што бевме заедно, посветени и со голема и добра волја - раскажува Хоџа.

Тој е седмо дете во фамилијата и го носи името на дедо си Неби. Вели дека освен семејната хиерархија, како чирак во чаршијата морал да го научи еснафскиот кодекс на етичко однесување - почит кон муштериите, особено кон постарите, послужување чај или кафе, одржување лична и амбиентална хигиена, начин на говор, квалитетна услуга, добри односи со комшиите, без разлика од која националност или вера се.



- Кога ги завршив студиите, мислев што да направам како интелектуалец за да го модернизирам традиционалниот занает во нешто поинтересно и попрофитабилно. Полека, но сигурно растевме и постигнавме успех, што тешко се постигнува во таква силна конкуренција и во вакви околности. Традиција, образование и професионализам - тоа е темелот на самодовербата како свето тројство на успехот. Реално, во секој бизнис на долги патеки мора да се почитуваат трите столба. Јас би додал за сите што сакаат да почнат или веќе се занимаваат со златарство, потребни се: трпение, умност и чесност. На крај успеав како менаџер со визија „Смарагд“ да го развијам од семејна занаетчиска дејност во меѓународна компанија - раскажува Хоџа.

Ако денес заспиеш, утре те нема


Конкуренцијата во Скопје е толку голема, што ако малку „заспиеш“, утредента си дома. Откако магистрирал, редовно ги посетувал најпознатите саеми за злато во Италија, Турција, Индија, Дубаи, Сингапур, Јужна Кореја и во Малезија - светски лидери во производството на златен накит, за да биде во тек со најновите достигнувања во оваа област. Дел од тие искуства и модели ги пренел кај нас, адаптирани на нашиот менталитет и економска моќ.
- Светот денес инвестира многу во злато и златници поради тоа што златото е во ограничена количина на Земјината топка. Од друга страна, бројот на жители во светот расте, и како резултат на пазарната економија, се разбира, цените на златото само ќе растат. Затоа бев убеден дека ќе успеам - дециден е Хоџа.



Во животот имал многу предизвици. Но најголем предизвик му бил процесот од фамилијарен традиционален занает да пораснат и тимски да се организираат во меѓународна компанија. Имало и падови во бизнис-кариерата, но вели:
- Човек што паднал еднаш во животот и се воздигнал пак, научил од сопствените грешки. Во 2008 година поради светската криза, цената на златото се покачи толку многу, што целиот бизнис застана. И во тој тежок момент направив најголем пресврт во мојата кариера, кој беше клучен. Инвестирав во недвижности и така вредноста на инвестицијата ја мултиплицирав. Денес имаме успешни бизниси во градежништво, хотелиерство, производство (фабрика за мебел), отворивме училишта и уште повеќе ќе се шириме. Последната инвестиција е и шопинг-центарот во Косово, Ferizaj Retail Village, како еден од најиновативните на Балканот. Сите овие компании се дел од групацијата OXA-Group, а повеќето од нив се семејни компании. Во животот, и кога ти е најтешко, снаодливоста може да донесе позитивен исход.

Мораме да ги стимулираме младите


Како претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија има многу обврски - поддршка, промовирање, вмрежување на бизнис-заедницата не само во нашата земја, туку и пошироко. Тоа подразбира добро организирање на целиот тим и раководството на Комората за да бидат секогаш, секаде присутни, кога е најпотребно.
- Ние треба да бидеме партнери, коректори и креатори на економските политики во државата. Владата треба да биде многу внимателна со нашите препораки и насоките што ги предлагаме, сè со интерес за раст и развој на економијата, а со тоа и општата благосостојба на граѓаните. Во одлична комуникација сме со коморите од регионот со кои заеднички ги решаваме проблемите со кои се соочуваат компаниите кои увезуваат и извезуваат во тие држави. Целта ни е да се движиме со помалку бариери за да створиме поголем и побрз профит и со тоа преку даноци и царински плаќања да придонесеме во економскиот раст на државата - објаснува Хоџа.



На прашањето како ја коментира бизнис-климата во Македонија, тој вели дека на нашата економија ѝ треба трансформација која со иновации и високи капацитети на претпријатијата би можела да ја движи економијата во нагорна линија. Мора да се подобри пристапот до финансии за домашните мали и средни компании преку пониски каматни стапки и да се искористат различните грантови за нашите бизниси да напредуваат и да бидат поконкурентни на регионалните и глобалните пазари. Потребна ни е програма за претприемништвото на жените. На младите им требаат средства за почнување нови бизниси - категоричен е Хоџа.

Кина ни е пример што треба да правиме


Тој на младите им препорачува да напредуваат со иновативни и креативни работи зашто таму е иднината. Вели дека државата треба да инвестира многу повеќе во оваа област за младите талентирани кадри, кои имаат амбиции и кои на најдобар начин ќе го покажат личниот успех. Од тоа ќе зависат и иднината и општата благосостојба на граѓаните на оваа држава.



- Ние сме мала држава и ако добро се организираме, можеме многу брзо да го подигнеме економскиот стандард. Има многу талентирани млади што треба да се стимулираат, да се поддржат и охрабрат за да придонесат за подобра иднина. Лесна е помислата за странство, но и таму не е ништо едноставно и полесно за заработка. Тој што сака да работи и заработи, може да се снајде и тука. Треба сериозно да се размисли на долгорочен план за поголема поддршка на младите, со разни форми на стимулирање. Образованието мора да се реформира од корен. Ако се постапува по таков стратешки план, тогаш иднината ни е обезбедена. Кина е свеж пример. Пред 20 години никој не можеше да замисли дека Кина ќе има ваков економски раст. А тој раст е само резултат на инвестирање и реформи во образовниот систем - вели Хоџа.



Професионалните височини ги достигнал, сега нештата веќе природно се развиваат. Здравјето го служи, се чувствува добро, а неодамна станал дедо. Сега пред себе ги поставува желбите што треба да ги исполни додека е жив.
- Но, за да ги исполнам, треба да работам без да размислувам за годините што поминуваат, а да доживувам како да ми е последниот ден од животот. Следен предизвик ми е да докторирам. Лични желби ми се да ги искачам седумте светски врвови, да се спуштам со падобран, да го посетам бразилскиот карневал, да ги посетам старите цивилизации на Андите во Јужна Америка, Чиле, Мачу Пикчу, да го посетам ледениот Антарктик. Се надевам дека до крајот на животот овие желби ќе ми се остварат – вели Хоџа.