Помалку болки и пократко лежење во болница. Нова метода за оперирање камен во бубрег во „8 Септември“

Помалку болки и пократко лежење во болница. Нова метода за оперирање камен во бубрег во „8 Септември“

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Операциите се на државен трошок, т.е. се прават на товар на Фондот за здравствено осигурување и отсега редовно ќе се применуваат

Наместо со отворена операција, камења во бубрег уролозите-хирурзи во скопската градска болница „8 Септември“ почнуваат да вадат ендоскопски, без класични хируршки резови. Со ваквите интервенции, перкутани нефролитотрипсии (PCNL), пациентите во болница лежат пократко, имаат помалку болки, а намалена е можноста и за компликации. Во петокот наши хирурзи заедно со колеги од Бугарија успешно оперирале шестмина пациенти, при што биле извадени камења од бубрезите долги од 2 до 5 сантиметри.



Интервенциите – на државен трошок

Операциите се на државен трошок, т.е. се прават на товар на Фондот за здравствено осигурување и оваа метода отсега редовно ќе се применува.
Хирурзите објаснуваат дека при интервенцијата се прават мали резови на грбот, под ребрата, се интервенира преку нив, а вшмукувањето на камењата и постапката се следат со посебна камера.

- Станува збор за минимално инванзивна техника за отстранување калкули од бубрег, за што вообичаено беше потребен отворен оперативен третман. Со воведувањето на оваа метода, која првпат се работи во нашата болница, ја заокруживме идејата за воведување на минимално инванзивниот пристап во лекувањето на бубрежните калкули. Воведувањето е континуитет во нашите заложби за имплементирање на минимално-инванзивните техники во секојдневната практика, со што отворените оперативни процедури во најголем дел би станале историја. Како што знаете, пред една година почнавме со лапараскопските уролошки интервенции во лекувањето на поголемиот дел од малигните заболувања - објаснува д-р Ивица Стојаноски, хирург-уролог во „8 Септември“.



Чест здравствен проблем

Гости во „8 Септември“, со чија помош се направени операциите, биле едни од најеминентните стручњаци од областа на уролитијазата во Европа - проф. д-р Илија Салтиров и асс. д-р Кремена Петкова од Воено-медицинската академија во Софија.

- За остварувањето на нашите идеи голем придонес има и доц. д-р Сотир Ставридис од Универзитетската клиника за урологија, со кој имаме долготрајна соработка и кој е вклучен во имплементирањето на овие минимално инванзивни процедури. Со сите овие чекори што ги презедовме, а и со плановите што ги имаме се надевам дека најголема корист ќе имаат нашите пациенти, кои ќе добијат современ хируршки третман - вели д-р Стојановски.

Дел од хируршкиот тим што ги направи шесте операции во петокот

Камења во бубрег се чест здравствен проблем на нашите граѓани. Тие се создаваат кога одредени соли во урина се кристализираат и тие се таложат. Малите камења може да спонтано да излезат од телото заедно со урината. Поголем камен го надразнува и го притиска мочниот канал кога се движи до мочниот меур, предизвикувајќи исклучително силни болки и спречувајќи го протокот на урината, па потребна е интервенција.