Додаток на свидетелство, јасни и однапред дадени критериуми за оценување за секој предмет... Како ќе се ставаат оценки според новата Концепција

Додаток на свидетелство, јасни и однапред дадени критериуми за оценување за секој предмет... Како ќе се ставаат оценки според новата Концепција

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мотивацијата на учениците што и како да учат ќе зависи од тоа каков систем на оценување ќе постои. Во оваа фаза кога се консултира јавноста, работната група смета дека треба да има додаток на свидетелство во кој секој наставник ќе оценува за секој предмет во кој се интегрирани научни области, вели Барбареев

Оценувањето на учениците е посебен сегмент од наставниот процес кој е многу важно да биде правилно осмислен за да функционира како што треба. Експертите низ годините предупредуваа дека досегашниот систем не чини и дека треба да претрпи промени, а согласно новата Концепција за основно образование, се предвидува да има измени во процесот на оценување.
Во овој период членовите на работната група, формирана од Министерството за образование и наука, разгледуваат можности како тоа да изгледа. Мотивацијата на учениците што и како да учат ќе зависи од тоа каков систем на оценување ќе постои.

Додека надлежните подготвуваат план за оценувањето, поразговаравме со проф. д-р Кирил Барбареев на оваа тема, според кого, оценувањето какво што е не чини и треба да се менува. Но тоа треба да се прави внимателно.

- Не е едноставно да се напишат оценките во еден клас од 24 ученици, тие треба да бидат точни и вистинити, но и напишани со висок јазичен стил кој ќе мотивира. Оценувањето ја надминува формалната процена бидејќи на ученикот му овозможува и позитивни импулси за следната учебна година и ги охрабрува неговите скриени развојни потенцијали. Концепцијата поаѓа од стандарди и политики на оценување, предлогот е да се користи широк дијапазон на методи. Критериуми за оценување ќе има за секој наставен предмет. Ќе се изготвуваат на ниво на држава и/или на ниво на училиште, а во нивното изготвување помагаат нивоата на постигнувања што се поставени на државните тестирања, како и задачите што се користени на државните и меѓународните тестирања. За секоја конкретна задача, за секој тест и за секој одговор што се оценува, се воспоставуваат јасни и однапред познати критериуми за оценување - вели Барбареев.




Како критериуми во описното оценување, додава тој, се користат клучните постигнувања од стандардите за оценување, при што односот кон работата и учењето се зема предвид како посебен елемент на описната оценка. Во оваа фаза кога се консултира јавноста, Барбареев вели дека работната група смета дека треба да има додаток на свидетелство во кој секој наставник ќе оценува за секој предмет во кој се интегрирани научни области.

- Иако не влегува во бројчената оценка за конкретен предмет, односот кон работата и учењето се вклучува како дел од информациите за поведението на учениците. Посебен предизвик е сумативното (бројчено) оценување во наставните предмети во кои се интегрирани повеќе научни области, како природни науки и општествени науки. Кога заедно ги реализираат повеќе наставници, заедно ги планираат очекуваните резултати за определен период/тема, се договараат околу содржината за сумативните проверки (тестови, есејски задачи, усни презентации, проекти....) и секој наставник дава сумативна оценка за нивото на постигнување на определен стандард на оценување - појаснува Барбареев.

Оценувањето нема да се доживува како нешто страшно

Критериумите за оценување ќе ги изготвуваат лица од Државниот испитен центар и од Бирото за развој на образованието, како и други експерти за оваа проблематика.
Митко Чешларов од Бирото за развој на образованието, за Факултети.мк вели дека се стремат кон што пообјективно оценување, воспоставување стандарди кои произлегуваат од резултатите за учење во наставната програма.

- Ќе инсистираме повеќе на формативното оценување, односно перманентно оценување низ целата учебна година, при што се користат различни техники и се прибираат податоци за постигнувањата на ученикот. Оценувањето не е процес кој се сфаќа како она што е сега практика - прво децата учат, па потоа ќе бидат оценети. На секој час, за секоја наставна содржина наставникот ќе бара начини како да провери колку учениците ја совладале таа содржина. Оценувањето започнува од планирање до реализација на наставата. Оценувањето нема да биде посебен сегмент од наставата. Тоа е процес кој вклучува и давање насоки како учениците да ги подобрат постигнувањата. Учениците, пак, нема да го доживуваат тоа како нешто што е страшно, туку како нешто што е составен дел на наставата - појаснува Чешларов.

Надлежните планираат да им се даваат на учениците свидетелство и додаток на свидетелството. Планирано е тие документи да бидат меѓународно признати. Ако по предметот природни науки оценката е впишана во свидетелството, оценките по наставните дисциплини што го сочинуваат тој предмет (биологија, физика, хемија) ќе бидат поединечно впишани во додатокот на свидетелството. Сепак, околу овие детали и за точната содржина во додатокот надлежните допрва ќе одлучуваат.

Јавната расправа за Концепцијата е во тек


Од Министерството за образование и наука засега не информираат за детали за процесот на оценување. Оттаму потенцираат дека нацрт-верзијата на Концепцијата за основно образование е јавно објавена https://mon.gov.mk/stored/document/Koncepcija%20-%20makedonski%20jazik.pdf.

- Во моментов предмет на консултација со многу засегнати страни и воопшто со јавноста е посебно поглавје (точка 7 од документот) посветено исклучиво на начинот на оценување на учениците кое е предвидено да биде повеќе формативно, наспроти сумативното оценување. Јавната расправа за Концепцијата е во тек и рокот за доставување забелешки, коментари и предлози истекува на 20 овој месец - потенцираат во МОН.