Казна од 50.000 долари за неносење маска на аеродром во Австралија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Секој што нема да носи маска на аеродромите во Западна Австралија ќе плати казна до 32.000 евра (50.000 австралиски долари) според новите, драстични мерки со цел да се спречи ширењето на мутираниот, високозаразен вид коронавирус.
Минатата недела премиерите на австралиските држави се договорија носењето маска да биде задолжително на летовите низ Австралија.
Премиерот на Западна Австралија, Марк Макгауан, ги прошири мерките што ги договори со колегите-премиери велејќи дека маските во оваа австралиска држава се задолжителни не само во авионите, туку и на аеродромите.
Новите мерки беа воведени за да се запре ширењето на мутираниот вид на Ковид-19, кој во Велика Британија предизвика трето заклучување на земјата.
Чистачка во хотелот „Гранд Чанселор“ во Бризбејн минатата недела беше позитивна на новиот вид вирус.
И покрај ризикот од казните, десетици патници на аеродромот во Перт не носеле маски. Новите правила важат за сите лица над 12 години, иако на луѓето им е дозволено да ги извадат маските додека јадат, пијат и додека седат.
Маските не мора да се носат кога некој комуницира со луѓе со оштетен слух или кога видливоста на устата е неопходна за комуникација. Освен тоа, маска не мора да носат и луѓето што работат сами во канцеларии или се единствените патници во возилата во рамките на аеродромите.
Извор:
Dailymail.co.uk
Фото: Freepik