Билазора е најголемата светиниколска атракција
Зградата во која е сместен Народниот музеј - Свети Николе е споменик на културата, изграден во периодот од 1924 до 1926 година. Автор на проектот е арх. проф. Сотир Томовски, еден од првите академски образовани архитекти во Македонија. Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани, додека движните материјални добра кои не се изложени, се сместени во депоата на установата
Наоѓалиштето, кај селото Кнежје, нашироко се смета од страна на модерните археолози дека е легендарниот град Билазора, главниот град на Паjонците, луѓе кои ја населиле античка Македонија пред доаѓањето на Македонците.
Според археолозите, ова е град кој опстојувал од 7 до 2 век пред нашата ера. Според наодите што можат да се видат, станува збор за античка македонска метропола која се простира на површина од 20 хектари, која содржи влезни порти со големи димензии и столбови карактеристични исклучиво за овој период, светилиште и ѕидови со фрески.
Ова е еден од најзнаменитите и најрепрезентативни локалитети во околината на Свети Николе.
Музејската зграда е споменик на културата
Следејќи ги минатото и сегашноста, Музејот во Свети Николе го чува, изучува и го презентира културното богатство на Овчеполието, ни сподели директорот на Музејот, Александар Нацев.
- Зградата во која е сместен Народниот музеј - Свети Николе е споменик на културата, изграден во периодот од 1924 до 1926 година. Објектот е изграден за потребите на тогашната општинска администрација, па затоа и долго време го носи називот стара општинска зграда. Автор на проектот е арх. проф. Сотир Томовски, еден од првите академски образовани архитекти од Македонија - ни изјави Нацев.
Зградата е изградена во неокласичен стил, распространет во овој период на овие простори со цел што поголемо доближување до европските традиции и интензивирање на комуникациите со европските земји. Проектот говори за добро обмислен функционален објект за потребите на тоа време, а со својата архитектура станува знак и репер на централното градско подрачје. Во текот на експлоатацијата, како објект служи за сместување на општинските административни единици, подрачна единица на Министерството за труд и социјална политика и седиште на други општествени организации.
- Формирањето на Општинската музејска збирка е во 1981 година и се должи на селектираниот и презентиран археолошки материјал. Музејската збирка, со зголемувањето на прибраниот материјал и фундус на предмети, прерасна во Народен музеј - Свети Николе во 1994 год. Со Одлука на Собранието на Општина Свети Николе, од октомври 1991 година објектот е доделен на користење на тогашната музејска збирка, а сега Народен музеј - Свети Николе. За таа цел, во септември 1994 година изработен е проект за реконструкција и адаптација на просторот од страна на РЗЗСК на РМ. Целосно реновираниот и заштитен како споменик на културата на Р. Македонија, музејот е свечено пуштен на употреба на 25 август 2002 год. Тој има вкупна површина од 464 квадратни метри корисен простор - вели Нацев.
Археолошка, етнолошка, историска поставка
Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани, додека движните материјални добра кои не се изложени, се сместени во депоата на установата.
Севкупното движно материјално добро и научните трудови се производ на долгогодишната работа на вработените стручни лица и надворешни стручни соработници на проекти поддржани од Министерството за култура и надлежни институции, а во соработка со научни установи, универзитети, фондации од земјава и странство, на полето на истражувањата, заштитата и презентацијата на културните добра, кои оставиле свој белег на овие простори од праисторијата до денес.
Во постојаната археолошка поставка се изложени артефакти од 5-4 в. пр.н.е, кои произлегуваат од истражувањата на археолошкиот локалитет Градиште Славков Дол, с. Кнежје, познат како Билазора, како и диорама на акрополот (макета изработена во размер 1:100 на акрополот во Билазора на која се претставени неколку периоди од пајонскиот континиум, со палатата која е врвно архитектонско решение).
Во постојаната етнолошка поставка се изложени предмети кои ја дефинираат материјалната и духовната култура на Овчеполскиот Регион, а која го дефинира социјалниот живот на населението во период од два века, преку народната архитектура, традиционалната покуќнина, носиите, предметите од селското стопанство, занаетчиството и сл.
- Во историската поставка, со изложените предметни добра ги доловуваме османлискиот период, Балканските војни и Втората светска војна, користејќи картографски мапи кои ги дефинираат просторот и границите и историските настани поврзани со територијата на Македонија, со акцент на воено-политичките премрежиња на Балканскиот Полуостров за периодот од 1560 година до Втората светска војна - нѐ информира Нацев.
Фото: приватна архива