Македонци станувале Албанци и Турци за да добијат работа во Музејот во Струга
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Kандидати што се пријавиле на огласот реагираат дека се изиграни поради неправилно спроведениот конкурс
Македонци што се потпишале како Албанци и Турци се избрани на конкурсот за вработување во струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“, објавен пред два месеца. За позицијата кустос-археолог во огласот е нагласено дека е за Албанец (според Рамковниот договор). Зa оваа позиција избрана е кандидатката Светлана Наумоска. За огласот биолог-зоолог наменет за Турчин(ка) е избрана Ангела Тасеска. Kандидати што се пријавиле на огласот реагираат дека се изиграни поради неправилно спроведениот конкурс. Според пропозициите, огласот за националности се објавува двапати. Ако не се избере соодветен кандидат, местата се пополнуваат со третиот објавен конкурс, на кој може да се пријави секој. Овие кандидати се избрани по првото објавување на огласот.
На интернет-страницата на струшкиот музеј јавно се објавени и
огласот и
резултатите. Повикот за вработување на неопределено време е објавен на 19 декември 2019 година, а одлуката за избрани кандидати е донесена на 29 јануари.
Археологот Валентина Тодороска е еден од кандидатите за вработување. Родена е во Струга, 20 години е активна во оваа професија и веќе пет години работела по договор на дело во „Д-р Никола Незлобински“ како кустос-археолог. Таа е единствената жена-археолог од земјава со сертификати за подводни археолошки истражувања. На огласот се изјаснила според нејзината вистинска националност – Македонка.
- Од август се знаеше дека позицијата археолог е предвидена за вработување припадник на албанската заедница. Од за мене непознати причини се објави дури во декември. Во неколку наврати, во разговори со релевантни претставници од институции, бев ставена во позиција дека пресудна за моето вработување е промената на припадноста од Македонка во Албанка. Ме убедуваа дека тоа е само формалност која не ми го менува идентитетот, туку само ми го решава проблемот со вработувањето, односно животното прашање - објаснува Тодороска.
Поднесени се жалби
Таа од септември 2015 до крајот на 2019 година работела во струшкиот музеј како кустос-aрхеолог, повременo и во делот од историја на уметност бидејќи нема ангажирано стручно лице на таа позиција во музејот.
- Нашата соработка е започната во 2001 година, кога учествував на подводните истражувања на локалитетот Врбник, кои музејот ги реализираше во соработка со колегите од тогашниот Музеј на Македонија, денес Археолошки музеј. Следуваа истражувањата на локалитетите Голача во с. Ташмаруништа, Црквени ливади во с. Враништа. Раководев со истражувањата на подводниот локалитет Врбник во последните години, како единствена жена-подводен археолог во Македонија - објаснува таа.
На огласот за вработување уредно ја поднела комплетната документација. Тодороска вели дека комисијата од неа дополнително побарала извештај од ПИОМ за остварен стаж.
- Им одговорив дека не поднесов таков документ зашто немам ниту еден работен ден стаж. Не бев повикана на интервју, иако разбрав дека другите кандидати биле повикани. Побарав објаснување, па ми рекоа дека дошло до недоразбирање и дека ќе ме повикаат дополнително. Интервјуто се одржа на 24 јануари, а пет дена подоцна на веб-страницата на музејот беа објавени резултатите од изборот - раскажува Тодороска.
Зградата каде што е изложена природонаучната поставка, една од најстарите на Балканот / Фото: Wikimedia Commons
Таа веднаш поднела жалба во која го навела нејзиното долгогодишно искуство во областа на археологијата, залагањето за подобрување на работата на музејот, претставувајќи го на национално и меѓународно ниво, вмрежувајќи го во соработки со значајни институции од земјата и од странство.
- Поради носење одлуки врз основа на национална, партиска и роднинска припадност, сметам дека изборот на кандидат е неетички. Секакво избирање кандидати по слични основи, ако не се земе предвид професионалноста на кандидатот, е дискриминација која оди на штета на квалитетот и работата на институциите, музејската дејност и културата на нашата држава - децидна е Тодороска.
Работи 20 години, а сè уште е невработена
Таа повеќе од 20 години е активна на археолошките ископувања во земјава и во странство, со многубројни успешно реализирани домашни и меѓународни проекти. Таа е единствена во Македонија со специјализација во областа на подводната археологија со сертификат ЕСД (European scientific diver), кој е доказ за големо искуство и познавање на дејноста од стручен аспект. Истакнат член е на Македонскиот национален комитет на ИКОМ и добитник на наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за 2017 година во категоријата надворешен музејски соработник и координатор на активностите и членството за Охридско-струшкиот регион. Членува во Балканската мрежа на музеи БМН и во Македонското археолошко научно друштво (МАНД). Одржала предавања во престижниот музеј „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Русија, на Катедрата за археологија на Универзитет во Берн, Швајцарија, и многу презентации во земјава и во странство.
Валентина Тодороска, археолог
Иако повеќе од 20 години активно работи како археолог, таа сè уште е невработена, иако во меѓувреме беа отворени и реализирани многу конкурси. Тодороска вели дека сето ова го доживува како една иронија.
- Од друга страна, и како одговор на прашањето зошто луѓето заминуваат од земјава. По вакви одлуки секој би се запрашал кому му вреди знаењето, искуството и соработките, кога на крај луѓе со истакнати резимеа се турнати на маргините за сметка на националната и партиската припадност - вели Тодороска.