Шведската тинејџерка Грета Тунберг номинирана за Нобелова награда за мир
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Грета Тунберг, организатор на младинскиот штрајк за климатски промени, е номинирана за Нобелова награда за мир.
Таа сама почна да протестира во Шведска во август, но оттогаш ги инспирира учениците од целиот свет. Се очекува утре да се штрајкува во 1.659 града во 105 земји, а стотици илјади млади луѓе ќе бидат дел од овие протести.
- Ја предложив Грета Тунберг затоа што ако не направиме ништо за да ги запреме климатските промени, тие ќе бидат причина за војни, конфликти и бегалци. Грета започна масовно движење што јас го гледам како голем придонес за мир - изјави норвешкиот социјалист и пратеник Фреди Андре Овстегард.
- Почестена сум и благодарна за номинацијата. Утре ќе штрајкуваме за нашата иднина, а тоа ќе продолжиме да го правиме онолку долго колку што е потребно - изјави Грета. Таа лично ги предизвика лидерите на климатскиот самит на ОН кон крајот на 2018 година и во Давос во јануари.
Фото: Reuters
- Промените доаѓаат, без оглед дали ви се допаѓаат или не - рече таа.
Националните политичари и некои универзитетски професори може да номинираат кандидати за Нобелова награда за мир. Номинирани се 301 кандидат за наградата за 2019 година: 223 индивидуалци и 78 организации.
Во 2014 година Нобеловата награда за мир ја доби 17-годишната Малала Јусуфзаи за борбата и за правото на сите деца да имаат пристап до образование. Во 2012 година таа преживеа обид за атентат од талибанците.
Додека некои политичари се спротивставија на училишните штрајкови, многумина ги поддржаа, како германската канцеларка Ангела Меркел и ирскиот политичар Лео Варадкар. И градоначалниците на Париз, Милано, Сиднеј, Остин, Филаделфија, Портланд, Осло, Барселона и Монтреал ја дадоа својата поддршка.
- Навистина е
инспиративно да се видат младите луѓе, предводени од брилијантни млади девојки, како го тераат светот да ги слушне нивните гласови, барајќи итна акција. Тие се во право дека нашите акции денес ќе ја одредат нивната иднина. Мојата порака до младите граѓани е јасна: наша е одговорноста како возрасни и како политички лидери да учиме од вас и да ви овозможиме иднина каква што вие сакате - изјави Ана Хидалго, градоначалничка на Париз.