Поради коронавирусот, ФИНКИ продолжува со телеконференциска настава
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Според анкетата на крајот од часот, 90% од студентите генерално се изјасниле како задоволни
Систем за учење на далечина имплементира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) за да може непрекинато и безбедно да ја продолжи наставата и да ги испочитува препораките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев, на веб-страницата на факултетот вчера ја најави новината во наставата. Во интервјуто за Факултети.мк тој подетаљно објаснува за имплементацијата на телеконференциската настава.
Вчера на ФИНКИ се случи еден голем чекор напред во наставата. За што станува збор?
- Деновиве почнавме да ја користиме надградбата за далечинско учење инсталирана на нашите системи за менаџирање со учењето. Вчера го одржавме првиот експериментален час со студенти и ја одржавме и првата седница на наставно-научниот совет на ФИНКИ преку платформата за телеконференции. На седницата имаше околу 80 онлајн-корисници и резултатот на повеќечасовниот состанок беше повеќе од задоволувачки.
Проф. д-р Иван Чорбев
Темата на седницата беше токму воспоставувањето на системот за далечинско учење, практичните аспекти на пренесување презентации, видеолекции, решавање програмерски, како и математички задачи во реално време преку видеостриминг, аспектите на заштита на лични податоци итн. Го меревме мрежното оптоварување, оптоварувањето на процесорите на серверите на ФИНКИ итн.
Споменавте дека имало и прв далечински час?
- Првиот час вчера го одржа продеканот за настава, доц. д-р Петре Ламески, и резултатите се задоволувачки, но и научивме некои насоки за подобрување за следната недела. Според анкетата на крајот од часот, 90% од студентите генерално се изјасниле како задоволни. Меѓу коментарите од студентите имаше и такви што го сметаат приодот за подобар од настава во предавални или некој студент часот го следел од мобилен телефон. Првите резултати покажуваат дека ефектот од ваквата настава е задоволителен, но уште поважно, во овие околности овој приод е и единствено можен. Дополнително, организирањето ваква настава ќе им обезбеди обврски на студентите и активности што ќе им го исполнат времето дома. Ќе создадеме дополнителен мотив да останат дома наместо надвор и со тоа можеби и ќе помогнеме да не се шири коронавирусот.
Дали веќе планиравте ваков вид настава или актуелната состојба со коронавирусот Ве поттикна на ваков чекор?
- ФИНКИ досега бил дел од повеќе научноистражувачки проекти што вклучувале далечинско учење, со кои сме ја истражувале областа, сме набавувале телеконференциска опрема и сме правеле експериментална настава, сме објавувале трудови. Но, сега под притисок на вонредните околности со ширењето на пандемијата од Ковид-19 моравме да ги искористиме искуствата за да воспоставиме систем за далечинска настава во обем и предизвици многукратно поголем од академските обиди досега. Надградбата на системот за далечинско учење почнавме да ја инсталираме на почетокот од неделава, во очекување на вонредните мерки за спречување на ширење на вирусот кои беа извесни.
Тимот од Компјутерскиот центар на ФИНКИ под раководство на продеканот и вонреден проф. д-р Боро Јакимовски мораше да димензионира соодветни виртуелни сервери и мрежни врски, да избере соодветен софтвер, да го инсталира и да го адаптира за да се обезбеди квалитет со поголем број разнородни и специфични курсеви, голем број корисници и најважно, да се обезбеди интерактивност со наставата, односно можност за двонасочна комуникација и прашања и консултации. Логистиката на целата операција е обемна и има многу аспекти што треба да се адресираат. Конкретно за решавање математички задачи набавувавме посебни таблети за пишување со притисок на посебно пенкало. Продолжуваме со експериментални часови во разни околности и обем, оптимизации на платформата, усовршување на упатствата и очекуваме формално со сите часови да почнеме од вторник, точно една недела по прекинот на наставата поради епидемијата на коронавирусот Ковид-19.
Се покажа дека во вакви вонредни состојби неопходен е алтернативен начин на настава. Со оглед дека наставата на ФИНКИ ќе ја следат над 4.000 активни студенти, може ли истото решение да се адаптира за настава и во средното образование?
- ФИНКИ соработува со Министерството за образование и наука за воведување и одржување електронски сервиси во образованието уште од своето формирање. Во координација сме за планирање неколку проекти за воспоставување системи за менаџирање со учењето на национално ниво. Очекувам дека, со оглед на ситуацијата, ќе се забрза реализацијата на проектите.