Злосторства што ја инспирирале Маргарет Атвуд да ги напише „Приказната на робинката“ и „Сведоштва“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сигурно ви е позната книгата „Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд, по која е снимена истоимената серија во продукција на „Хулу“. Минатата година Атвуд ја освои Букеровата награда за продолжението на оваа книга наречено „Сведоштва“.
Но, романот не претставува фикција во вистинска смисла на зборот. Мизогената држава Гилеад во која се случува дејствието на книгата не постои, но тоа е Америка. Или барем она што останало од неа по фиктивната граѓанска војна што почнала поради чумата на нераѓање деца. За да може новата влада да се избори со демографското проклетство, одлучила да донесе целосно тоталитарни закони. Неплодните жени и лезбијките се испратени во логори, а плодните им се слугинки на угледни политичари на кои мора да им родат дете, да го остават во семејството и да го напуштат засекогаш.
Во Гилеад нема сонце, во книжарниците нема книги бидејќи на жените им е забрането да читаат, во рестораните нема музика. Всушност, нема ресторани. Ни кина, ни школи, ни насмевки. Нема ништо освен страв и надеж дека еден ден луѓето ќе успеат да побегнат во Канада. Луѓето се плашат од сопствените мисли. На улиците владее вонредна состојба, никој не смее да зборува и сите се облечени во една боја, онака како што е пропишано по сталежи. Ако мислите дека овој грозен дистописки свет не може да ни се случи еден ден, продолжете со читање.
Во раните 80-ти години, писателката Маргарет Атвуд наишла на една необична статија. Станува збор за текстот на фундаменталистичката група свештеници „Народ на надежта“ од Њу Џерси, кои секој збор од Библијата го сфаќале како крајна вистина. Од 1975 година тие почнале да го шират нивното влијание. Жените ги нарекувале божји слугинки. Иако подоцна биле откриени и казнети, оваа католичка група постои и денес. На тој начин Маргарет станала опседната со приказната за потчинетоста на жената кон мажите.
Инспирација пронашла и во Романија. Во тогаш несреќната земја, во 1967 година бил издаден Декретот 770. Накратко: абортусот бил прогласен за незаконски. Владата на Чаушеску претходно ги оданочувала брачните парови што немале деца, а биле на возраст помеѓу 25 и 50 години. Сето тоа почнало кога жените станале работна сила, па често се одлучувале за контрацепција и абортус, а владата сакала нагло да го зголеми бројот на жители од 23 на 30 милиони. Декретот ги присилувал жените редовно да одат на гинеколог придружувани од полиција. Оние што сами дома се обидувале да извршат абортус, умирале. Декретот важел до крајот на 80-тите години.
Во
Гилеад на слугинките не им е дозволено да ги задржат имињата од „претходниот живот“, од времето на денешна Америка. Дадено им е ново име, исто како што им било правено на робовите што од Африка ги носеле во Америка.
Киднапираните деца ги одгледувале семејствата на командантите или врвните политичари на Гилеад. Тоа е и судбината на главниот лик Офред. Не треба да се заборави дека ваквите злосторства се случувале во Америка во 1958 година. Извесната „Лига за благосостојба на децата“ проценувала дека некои деца не живееле по американските стандарди, што и да значи тоа. Овие деца биле киднапирани од индијански семејства и им биле давани на белци, а новинарите пишувале во стилот: „Овие деца се спасени, а не киднапирани“.