Колкава е киријата на становите во европските земји? Во Даблин цените достигнуваат до 2.700 евра

Колкава е киријата на становите во европските земји? Во Даблин цените достигнуваат до 2.700 евра

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Недостигот на станови претставува голем проблем во Европската Унија. Што преземаат европските влади по тоа прашање и каква улога има Европската комисија?

- Речиси 900.000 луѓе во Европа во моментот се без дом. Секоја вечер во Европа население со големина на Марсеј или Торино нема каде да живее - рече европскиот комесар за енергетика и домување Дан Јоргенсен на првиот состанок на Специјалниот комитет за криза во домувањето во Европскиот парламент.

Според Јоргенсен, речиси 10 отсто од населението на Европската Унија троши 40 отсто или повеќе од своите приходи на кирија и поврзани трошоци.

Тој додава дека во изминатите 15 години кириите во ЕУ реално се зголемиле за околу една четвртина, а цените на становите пораснале за околу половина.

- Овие бројки, и луѓето зад нив, се суштината на кризата со домувањето во Европа. И верувам дека ќе се согласите со мене - овие бројки се едноставно неприфатливи - истакна тој.

Данскиот комесар ги претстави своите планови за помош на ЕУ во решавањето на еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат земјите членки - кризата со домувањето.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го назначи поранешниот дански министер за енергетика за прв комесар за домување, област во која ЕУ има малку директни надлежности - за да ја обезбеди поддршката од социјалистите во Европскиот парламент за нејзиниот реизбор.

Иако признава дека главната одговорност за домувањето лежи кај земјите членки и локалните власти, Јоргенсен нагласува дека има простор и за ЕУ на таа маса и дека многу може и треба да се направи.

Европски план за пристапно домување

Јоргенсен најави дека Комисијата ќе го објави првиот Европски план за пристапно домување, кој ќе нуди техничка помош за градовите и државите членки, а ќе се фокусира на инвестиции и градежни вештини.

Целта е и да се решат системските проблеми поврзани со краткорочното изнајмување станови, да се предложат мерки за поефикасно користење на празните станбени единици и да се ревидираат правилата за државна помош, со цел поддршка на домувањето, особено во делот на енергетската ефикасност и социјалното домување.

Кризата со домувањето не може да чека

Јоргенсен потенцираше дека Европската Унија нема директна надлежност над станбената политика. Сепак, локалните власти во европските градови бараат повеќе акции на ниво на ЕУ.

Градоначалниците на 12 европски градови - Рим, Болоња, Амстердам, Атина, Барселона, Будимпешта, Париз, Варшава, Лисабон, Лион, Гент и Лајпциг - се обединија и повикаа најдоцна до 2027 година да се донесе итен план за решавање на кризата со домувањето. Тие бараат средствата за домување да бидат изземени од европските фискални правила што ја ограничуваат јавната потрошувачка. Дополнително, сакаат средствата што не се искористени за закрепнување од ковид-пандемијата да бидат пренаменети.

Покрај тоа, градоначалниците се состанаа со Јоргенсен во Брисел, нагласувајќи дека проблемот не може да чека до следниот буџет на ЕУ за да се преземат мерки.

Кириите во Даблин речиси недостижни

Во Данска, како и во многу други земји, цените на становите и кириите продолжуваат да растат.

Во 2024 година се зголемија цените на недвижностите, а се очекува истиот тренд да продолжи и во 2025. Според една од водечките дански банки, „Никредит“, просечните цени на становите во Данска оваа година ќе се зголемат за 4,4 отсто. Во Копенхаген растот е уште поголем – 6,2 отсто.

И Ирска се соочува со драматично зголемување на цените. Така, просечната месечна кирија во Даблин во третиот квартал од 2024 година се движеше од 2.294 до 2.704 евра, во зависност од локацијата. Националниот просек изнесува 1.955 евра.

Шпанија, Австрија, Словенија и Хрватска во борба со кризата

Австрија, која важи за пример за квалитетни социјални станови, не е имуна на проблемите. Новата австриска влада планира постепено да ги ограничи кириите во регулираниот сектор, а од 2028 година порастот на кириите во целиот станбен сектор ќе биде ограничен на најмногу 3 отсто.

Шпанија презема драстични мерки – премиерот Педро Санчес предложи да се забрани купување недвижности од страна на граѓани надвор од ЕУ, како дел од напорите за решавање на кризата со домувањето.

Во Словенија, туристичкото изнајмување е една од причините за кризата со станови, особено во Љубљана и другите големи урбани центри.

Во Хрватска, многу млади луѓе се принудени да емигрираат затоа што не можат да си дозволат сопствен дом. Повеќето станови на јадранското крајбрежје и во Загреб се наменети за краткорочно туристичко изнајмување, што ги прави недостапни за долгорочен престој.

Бугарија забележа едно од најголемите зголемувања на цените на станбените единици во ЕУ од 2010 до 2024 година. Според „Евростат“, цените во земјата во тој период се зголемија повеќе од двојно, пораснувајќи за 110 отсто.

Извор: n1info.hr
Фото: Unsplash