Пет одлични серии што беа предвреме откажани
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Откажувањето на сериите пред нивниот завршеток станува сè почеста појава, а дури и одличните серии што им се допаднаа на многу гледачи понекогаш не го добиваат заслужениот крај. Некои серии, иако пофалени од критичарите и обожавани од публиката, немаа среќа да останат на малите екрани подолго од една или две сезони.
Причините се различни: од ниска гледаност и високи трошоци за продукција до промени во стратегиите на телевизиските куќи и стриминг-платформите. Сепак, иако никогаш не добија шанса да ја раскажат својата приказна докрај, многу од овие серии останаа запаметени како неправедно откажани.
„Ловец на умови“ (Mindhunter) – IMDb 8,8
Криминалистичка драма на Дејвид Финчер што го следи развојот на профилирањето сериски убијци од страна на ФБИ во 70-тите. И покрај одличните критики, серијата беше ставена на пауза по две сезони, а подоцна и официјално откажана поради високите трошоци за продукција.
„Ханибал“ (Hannibal) – IMDb 8,5
Импресивна адаптација на романите за Ханибал Лектор, која го истражува сложениот однос меѓу Вил Греам и генијалниот, но опасен д-р Ханибал Лектор. Иако имаше силна база на обожаватели и позитивни критики, Ен-би-си ја откажа по три сезони поради ниска гледаност.
„ОА“ (The OA) – IMDb 7,8
Мистична и филозофска научнофантастична серија за млада жена што се враќа по седум години отсуство, но повеќе не е слепа. Таа тврди дека била заробена и стекнала натприродни способности, а нејзината приказна ги отвора вратите кон паралелни димензии. Иако обожавателите покренаа петиција за нејзино продолжување, „Нетфликс“ ја откажа по само две сезони.
„Осмо сетило“ (Sense8) – IMDb 8,2
Научнофантастична драма на сестрите Вачовски за осум луѓе од различни краеви на светот кои откриваат дека се телепатски поврзани. Додека се обидуваат да ја сфатат својата врска, стануваат цел на тајна организација. Поради високите трошоци за продукција, серијата беше откажана по две сезони, но по реакцијата на обожавателите, „Нетфликс“ дозволи да се сними двочасовно финале.
„Дедвуд“ (Deadwood) – IMDb 8,6
Историска драма за животот во Дивиот Запад во 70-тите години на 19 век, која ја прикажува трансформацијата на вистинскиот град Дедвуд од хаотична населба во организирана заедница. Серијата беше прекината по три сезони поради несогласувања во продукцијата, но подоцна, во 2019 година, беше снимен филм што донекаде ја заокружи приказната.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube