Професор кој им ги освои срцата на учениците: Часовите започнуваат со музички хитови
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Првите пет минути од часот по историја кај професорот Даниел Мрвељ се резервирани за легендарни музички хитови. Тие може, но и не мора да се поврзани со темата на часот. Оваа идеја ја развил размислувајќи за сопственото детство и студентските денови, кога музиката му била важен дел од животот. Неговите поранешни ученици со восхит зборуваат за оваа практика, а дури и споделиле некои омилени песни од „историската плејлиста на Мрвељ“, на која може да се најдат имиња како „Битлси“, „Ролинг sтоунс“, Чак Бери, „Дорс“, но и „Прљаво казалиште“ и Бранимир Штулиќ.
Историјата и музиката – совршен спој за мотивација
Професорот Мрвељ, кој предава историја во познатата загрепска XV гимназија (МИОЦ), верува дека културниот аспект на историјата не е доволно застапен во учебниците. Затоа, тој најчесто пушта музика на почетокот од часовите во четврта година.
Иако денес музичкиот дел од часовите го применува кај матурантите, првично оваа идеја ја тестирал со основците. Вели дека неговото гледиште за историјата често било поблиско до оние на експерти од други дисциплини отколку до класичните историчари.
- Моето мало музичко „наставно јадро“ е резултат на искуствата од студиите и моето лично истражување за развојот на популарната култура на 20 век и нејзиното влијание врз општеството. Сепак, целата моја досегашна работа во наставата по историја е еден вид „работа во тек“, бидејќи постојано го усовршувам пристапот - објаснува Мрвељ.
Тој истакнува дека најголем предизвик билo усогласувањето на музиката со наставните теми, бидејќи програмите најчесто се фокусираат на политичката историја, додека музичкиот курикулум е насочен кон втората половина на 20 век.
- Одлучив музичките примери понекогаш да бидат директно поврзани со темата на часот, но најчесто музиката и историјата ќе течат паралелно, независно една од друга. Верувам дека оваа практика ги мотивира учениците и им дава подлабоко разбирање за општествените околности на одредени периоди - додава тој.
Сѐ помалку ученици ги препознаваат старите музички легенди
Мрвељ забележал дека низ годините сѐ помалку ученици ги препознаваат класичните рок и поп-изведувачи.
- Кога првпат почнав да пуштам музика, многумина веќе ги познаваа тие песни и беа заинтересирани за контекстот во кој настанале. Денес, бројот на ученици што ги препознаваат изведувачите е значително помал, но музиката сепак им е интересна - вели професорот.
Некои ученици, како Томислав, уште од мали нозе слушале музика од 20 век, но благодарение на часовите кај Мрвељ откриле нови изведувачи, како што се „Кинкс“ и Нил Јанг. Неговите поранешни ученици го пофалиле ваквиот пристап велејќи дека музиката внела динамика во нивните училишни денови.
- Секојпат кога ќе влезев во училницата и ќе ги видев звучниците, веднаш се прашував која песна ќе биде пуштена тој ден - раскажува Томислав.
Историја, музика и натпревар во погодување песни
Учениците понекогаш дури и се обложувале која песна ќе биде пуштена на одредена тема.
- Се сеќавам кога на часот за падот на Берлинскиот ѕид очекував да ја чујам „Wind of Change“ од „Скорпионс“. Мојот другар беше сигурен дека ќе ја пушти „Пољска у мом срцу“ од „Азра“ кога ќе го обработуваме штрајкот во Гдањск. На крајот, и двајцата погодивме со оглед на тоа што и двете песни беа пуштени истиот час - се присетува Томислав.
Некои ученици, како Карла, сметаат дека професорите играат клучна улога во заинтересираноста за одреден предмет.
- Историјата многумина ја гледаат како предмет каде што се учат само војни и револуции, но музиката е мост што нѐ поврзува со минатите генерации. Ако ја разбереме музиката од одредено време, подобро ќе го разбереме и начинот на размислување на луѓето во тој период - вели таа.
„Историската плеј-листа на Мрвељ“ – музички времеплов
Професорот Мрвељ низ годините создал своја музичка листа со песни што ги користел на часовите. Некои од нив се:
„Johnny B. Goode“ – Чак Бери
„She Loves You“ – „Битлси“
„I Just Want to Make Love to You“ – „Ролинг стоунс“
„You Really Got Me“ – „Кинкс“
„Wind of Change“ – „Скорпионс“
„Пољска у мом срцу“ – „Азра“
„Love and War“ – Нил Јанг
„White Rabbit“ – Џеферсон Ерплејн
„Rock Around the Clock“ – Бил Хејли
„Хаиле Селасије“ - „Забрањено пушење“
Новите времиња бараат нови пристапи, па можеби примерот на професорот Мрвељ ќе ги инспирира и другите наставници да внесат креативност во својата настава и да станат, барем накратко, „професори-диџеи“.