„Златниот медал навистина е мотивација“: Петар Мирчески од Прилеп по третпат ќе ја претставува Македонија на Хемиската олимпијада
Прилепскиот гимназијалец Петар Мирчески ѝ го донесе на Македонија сребрениот медал од Олимпијадата по хемија што се одржа лани во Саудиска Арабија, освојувајќи го во конкуренција на 330 натпреварувачи од 84 земји, а една година претходно се закити со бронзата.
Петар ќе има нова шанса да атакува на златото на светскиот собир на најдобрите хемичари откако по третпат победи на Македонската хемиска олимпијада.
- Веќе сум учествувал на олимпијадите по хемија, така што оваа година се надевам дека искуството и вежбањето ќе ми донесат големи успеси. Златниот медал навистина е мотивација и моја амбиција, се надевам дека вложениот труд ќе се исплати и ќе покажам добри резултати, било тоа да е златен медал или не. Учеството на олимпијади е навистина неверојатно доживување, особено ако се придружени со медали - изјави Петар за „Факултети.мк“.
Петар ја избрал хемијата поради нејзината необјаснива привлечност и поради фактот што светот не би бил таков каков што го знаеме без примената на природните науки во секојдневието.
- Хемијата е природна наука, како таква, таа и другите природни науки најдобро го објаснуваат она околу нас, природата и вселената. Како и секој друг, не можам да кажам зошто баш оваа наука, секој има некоја необјаснива привлечност кон нешто. Можам, сепак, со сигурност да кажам дека без примената на природните науки во секојдневието, светот не би бил таков како што го знаеме сега – објаснува Петар.
Запрашан дали хемијата може да одговори на многу прашања кои си ги поставуваме од мали нозе, Петар вели дека за ова е многу важен контекстот на прашањата, но ако нѐ интересира природата, кој друг би одговорил подобро од природните науки. Но, како и секоја наука што постои, не може да даде одговор за коренот на универзумот или други најфундаментални поими, или пак не е уште откриен, потенцира Петар.
Матурантот во прилепската гимназија се присети дека неговиот научнички дух се разбранувал уште во детството кога пробувал сам да ја испита теоријата на природните науки. Петар смета дека знаењето е најдобро да се добие од проблемите со кои се соочуваме.
- Се разбира, имам мемории од детството каде што пробувам самиот да направам нешта кои сум ги видел во книгите и енциклопедиите, така поблиските секогаш ме збогатуваа со повеќе книги и го поддржуваа мојот научнички дух. Најдобро е знаењето да се добие од проблемите со кои се соочуваме, така ќе знаеме и како да го примениме нареден пат. Не може сè да се учи напамет и слепо да се верува во тоа, затоа што науката често има навика да докаже дека веќе постојни правила и закони не се веродостојни - истакна средношколецот Мирчески.
Иако е премногу зафатен со учењето и натпреварите по хемија, Петар не го запоставува социјалниот живот и другарувањето со врсниците.
- Клучно за овој проблем е доброто планирање. Знам кога можам да се дружам со пријателите, а кога треба да се подготвувам за натпревар. Многу пријатели стекнав на подготовките за олимпијади, така покрај дружбата имаме моменти кога се прашуваме меѓусебно, разјаснуваме проблеми и учиме заедно - потенцира Петар.
Освен за хемија, тој се интересира и за други предмети кои ќе влијаат врз неговиот избор на студии. Токму уписот на посакуваниот факултет му е најголема желба.
- Покрај хемијата ги почитувам и другите природни науки и математиката, и науките што произлегуваат од нив. Се разбира, тие влијаат врз изборот на мојата идна професија, па би сакал да се ориентирам кон применетата хемија и хемиското инженерство. Иднината е многу широка за да можам да ја испланирам и да очекувам нешто. Сега дефинитивно најмногу размислувам и посакувам да бидам примен на посакуваниот факултет, да бидам успешен во моето поле, да бидам успешен хемичар и во меѓувреме да уживам во процесот на созревање и усовршување - додаде нашиот наградуван ученик Петар Мирчески.
Фото: приватна архива