ФЕИТ отвори Центар за трансфер на технологии и иновации

ФЕИТ отвори Центар за трансфер на технологии и иновации

14.04.2018, Скопје – Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска, ги отвори вратите на новиот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. На свеченото отворање присуствуваа вицепремиерот во Владата на Република Македонија и министер за одбрана, Радмила Шеќеринска, министерот за образование и наука, професор д-р Рената Дескоска, ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски и многу други професори, претставници на институции, студенти и вработени лица на ФЕИТ.

Основна цел на ИНОФЕИТ, според деканот на Факулетот, професор д-р Димитар Ташковски е да се надмине јазот меѓу академијата и индустријата.

„Наша идеја е компаниите, професорите и студентите во овој Центар да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик. На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот“, рече деканот Ташковски.



Министерката за образование и наука, професор д-р Рената Дескоска, својот говор го почна со две приказни на задржување и враќање на успешни доктори на науки кои дипломирале на ФЕИТ.

„Минатото лето, неполн месец по моето влегување во Министерството за образование и наука, добив покана да присуствувам на доделување дипломи на студенти кои дипломирале и магистрирале на ФЕИТ. Отидов и бев импресионирана од резултатите кои ги слушнав, но поразена од фактот што дел од нив и не беа во Македонија, туку дипломите ги земаше некој од нивното семејство. Тогаш пред тие студенти ветив дека ќе направам се што е во моја моќ да придонесам во остварување на стратешката цел на Владата, а тоа е задржување на младите во Македонија и враќање на нашите млади научници дома. И тоа ветување и стратешка цел на новата Влада ја остваруваме. Денес, Даниел Денковски и Христијан Ѓорески се дел од образовниот кадар на ФЕИТ. Отворањето на овој Центар, исто така, претставува продолжение на оваа успешна приказна и ИНОФЕИТ претставува место каде што се спојуваат теоријата и праксата, место за трансфер на технологии и иновации. Уште повеќе ме радува фактот што стопанството го препозна и поддржа овој Центар и се надевам дека овој пример ќе го следат и останатите факултети, Универзитети и компании“, рече Дескоска.

Ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски, рече дека Универзитетот секогаш ќе ги поддржува храбрите и иновативните.

„ИНОФЕИТ, креиран од ФЕИТ, но поддржан од стопанството и од МОН и од УКИМ, претставува практичен момент за функционална соработка меѓу теоријата и науката, од една страна и стопанството и праксата, од друга страна. Затоа, како најстара високо-образовна институција во Македонија ќе ги поддржуваме образовните програми и процеси кои се во согласност со потребите на стопанството“, објасни Јанкуловски.

Отворањето на Центарот е во согласност со напорите на ФЕИТ да ги приближи академското образование и практичната експертиза и да ги подготови студентите за подобро справување со предизвиците во индустријата. ИНОФЕИТ е место за интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, студентите на ФЕИТ и индустриските партнери што треба да овозможи конекции и трансфер на технологии и на нови иновативни. Негови цели се подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија, обезбедување извонредно знаење во обласите на информациско-комуникациските технологии и обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, валоризација на истражувачки резултати преку создавање колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите заради надминување на јазот меѓу академската средина и индустријата и зајакнување на потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постоечки и нови, иновативни, високо-технолошко ориентирани мали и средни претпријатија.