Алергија или Ковид-19? Како да ги разликувате симптомите?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Денес, секој што ќе почувствува гребење на грлото веднаш помислува дека има Ковид-19. Но ситуацијата е многу покомплицирана за оние со алергии. Докторката Сара Нарајан од болницата „Емерсон“ во Масачусетс, САД, открива како да препознаете дали имате алергија или треба да се тестирате за Ковид-19.
Алергии
Симптомите на алергии може да бидат слаби или силни и може да се појават сезонски или да бидат присутни во текот на целата година. Кај пациентите со астма, алергиите може да предизвикаат кашлица или отежнато дишење. Алергиите се предизвикани од реакција на имунолошкиот систем на нешта во околината, како полен, прашина, мувла итн.
Најчести симптоми за алергија се кивање, течење на носот, чешање на очите или насолзени очи, чешање на носот или ушите, слевање слуз од носот во грлото (што може да предизвика слаба болка во грлото) и слаб умор.
Ковид-19
Ковид-19 е болест предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2 кој се пренесува преку капки во воздухот при кивање, кашлање или близок контакт. Симптомите може да почнат од вториот до 14. ден по заразувањето и може да бидат слаби, умерени или силни.
Најчести симптоми на Ковид-19 се температура, сува кашлица, недостиг на воздух, интензивен умор и болки во телото, губење на мирис и вкус.
Фото: Freepik
Како да заклучите дали имате алергија или Ковид-19?
Според Нарајан, најчесто луѓето со алергии имале симптоми и претходните години. Освен тоа, симптомите за алергија се подолготрајни во споредба со симптомите за Ковид-19. Симптомите за алергија исчезнуваат со лекови за алергија и најчесто предизвикуваат чешање, додека ова не е симптом на вирусна болест. Пациентите со алергии немаат висока температура, додека лицата со Ковид-19 имаат.
„Емерсон“ објави и табела со симптоми на алергии, настинка, грип и Ковид-19 што може да ви помогне во дијагнозата. Табелата може да ја најдете
овде.
Секако, без разлика на симптомите, најдобро е да се консултирате со медицинско лице.
Автор: Сара Нарајан
Извор:
emersonhospital.org