„Целта е основната храна да ја обезбедиме дома“: Разговор со професорот Зоран Димов од Катедрата за специјално полјоделство

„Целта е основната храна да ја обезбедиме дома“: Разговор со професорот Зоран Димов од Катедрата за специјално полјоделство

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќе од 150 добитници на Нобеловата награда и Светската награда за храна во отворено писмо истакнаа дека се потребни многу поголеми инвестиции во истражувањето, производството и дистрибуцијата на храната за да се спречи глобалната криза со храна во наредните децении. Тие велат дека светот не е на пат да ги задоволи идните потреби за храна, а на тој пат не е ниту Македонија.

Повеќе од две децении македонското земјоделство се соочува со недостигот на млади земјоделци, со скапи материјали, недостиг на доследна стратегија за поддршка на земјоделството поради што во континуитет се намалуваат земјоделските површини што се обработуваат во Македонија, па поради тоа се зголемува увозот на земјоделски производи.

Во 2024 година се регистрирани 506.586 хектари обработлива површина, соопшти Државниот завод за статистика. Кај обработливата површина е забележано намалување кај ораниците и бавчите за 2 отсто и кај лозјата за 1,7 отсто, а зголемување кај овоштарниците за 3,1 отсто. Во истиот период, регистрирано е зголемување на производството кај компирот за 9 отсто и кај краставиците за 3,6 отсто. Кај преостанатите култури поголемо намалување е забележано кај оризот за 6,9 отсто, сончогледот за 10,2 отсто и луцерката за 6,7 отсто.



Суровината се обезбедува главно од увоз

Професор д-р Зоран Димов од Катедрата за специјално полјоделство на Институтот за растително производство при Факултетот за земјоделски науки и храна, во разговор за „Факултети.мк“ вели дека Македонија има многу објавени документи кои се однесуваат на земјоделскиот сектор генерално, а Националната стратегија за земјоделството и рурален развој 2021-2027 е само една од нив, многу работи во теорија се добро осмислени и напишани, но во практика потешко се реализираат.

- Земјоделското производство, а со тоа и производството на храна во светски рамки, во моментов но и во иднина ќе се соочува со сериозни предизвици. Според проекциите на многу релевантни институции и универзитети, до 2050 година бројот на човечката популација би достигнал близу 10 милијарди, што ќе изискува зголемување на земјоделското производство за 50-70 отсто од постојното. Организацијата на Обединетите нации во своите 17 цели што ги има поставено (образование, здравство, социјална заштита, климатски промени итн.), една од приоритетните е да нема глад до 2030 година. И покрај огромниот технолошки напредок за кој сме сведоци речиси на дневно ниво, во моментот над 730 милиони луѓе гладуваат, а околу 2 милијарди немаат редовен пристап до безбедна и доволна храна. Дел од целите во насока на надминување на постојното и она што нѐ очекува е спречување на деградација и намалување на обработливите површини, удвојување на продуктивноста од единица површина и обезбедување одржливи системи и земјоделски практики кои ги зголемуваат продуктивноста и производството, помагаат во зачувување на екосистемите и кои прогресивно го подобруваат квалитетот на земјиштето и почвата. И во својот завршен документ „Заедничка перспектива за земјоделството и храната во Европа“ од 2024 година Европската Унија си поставува слични цели до 2050, меѓу другото и зголемување на обработливите површини за 7 милиони хектари. РС Македонија е мала држава, со мали земјоделски и обработливи површини и кога станува збор конкретно за поледелското производство, имам чувство дека подолг период тапкаме в место, а за најважните култури драстично назадуваме. На пример, ако го земеме периодот 1999-2000 година, ние сме имале околу 120 илјади хектари под пченица, сега тие површини се помеѓу 60 и 70.000 хектари со продукција која е речиси за 100.000 тони помала од онаа од пред 25 години. Дури некои предвидувања се овој континуитет на намалување на површините да продолжи и во иднина. Со сончоглед, шеќерна репка, афион..., состојбата е покатастрофална. Со години се зборува за стратешките култури и плановите да се намали увозот, но тој постојано се зголемува и во моментов се увезуваат 70.000-80.000 тони брашно, односно пченично зрно за храна. Од сончоглед, само за масло за јадење и семе околу 30 милиони евра издвојуваме за увоз. За шеќер и производи од шеќер - 60 милиони евра. Парадоксот е тука: имаме преработувачки капацитети како шеќерана, фабрика за масло, кои може да го апсорбираат целото домашно производство, а за жал, суровината се обезбедува главно од увоз - објаснува Димов.



Имаме 4 земјоделски факултети, 3 земјоделски институти, успешни земјоделски производители

- Да не се разбереме погрешно. Паметиме далеку поголема застапеност на наведените култури години наназад, но во некој подруг систем и со многу поразлична организираност на земјоделското производство, главно преку земјоделските комбинати. Тоа време нема да се врати. Приватизацијата си го зема својот данок и сега секој фармер работи по пазарни услови и одгледува култури од кои има економска добивка. Но моето размислување можеби за многумина е утопистичко и е во насока: да си поставиме цел и да видиме дали во некој период од 10 години како држава, наука, производители, министерство сме кадарни да произведеме пченица која целосно ќе го задоволи домашните потреби, 50 отсто од потребите за сончоглед, или 10 отсто од потребите за шеќер, афион итн. Ние имаме 4 земјоделски факултети, 3 земјоделски институти, успешни земјоделски производители, необработени површини и можеби ќе се дојде до одговор и практични решенија, можеби не. Но цел мора да се има. На пример, Кина ја имаше најголемата револуција во 80-тите кога потребите од ориз за цело население успеа да ги обезбеди од сопствено производство. Неоспорно, тоа не било одлучено за еден ден и преку ноќ – вели Димов.

Како да се поттикне производство на храна?

- Реално, кризата кај нас е во полјоделското производство. Винарници се отвораат, лозови насади се подигнуваат, овоштарството е горе-долу стабилно. Кај полјоделското производство единствено кај тутунот како култура регулирана со закон имаме стабилно производство, без големи осцилации. Доколку и тие површини се намалат поттикнати од некои регулативи во ЕУ (помалку од 5 отсто од населението во ЕУ да се пушачи до 2040 година), а од друга страна, земајќи го значењето на тутунот за државата, кој учествува со 3,8 отсто во бруто-домашниот производ, 18 отсто во домашниот извоз и ангажира 20.000 семејства, состојбата би била повеќе од загрижувачка – потенцира тој.

Професорот вели дека во Македонија речиси никој или многу ретко кој размислува за одгледување втори култури.

- Ние имаме едно 100 илјади хектари од кога ќе се приберат пченица и јачмен и никој речиси не размислува за втори култури. Пченка со кратка вегетација, соја со кратка вегетација, некои сидерати... Дури не се одгледуваат и за зелено ѓубре и се чека следната пролет да се одгледува некоја пролетна култура. Тоа се огромни површини кои, за жал, не се искористени. Сега има такви сорти со кратка вегетација од кои може да се оствари солиден принос. Да, понизок во споредба кога истиот вид се одгледува во периодот кога реално се одгледува и размножува, но има многу рационално искористување на површините. Во дефицит на сончоглед, зошто да не се одгледува сончоглед со кратка вегетација? – прашува Димов.

Модерното земјоделство бара вложување. Факултетот за земјоделски науки и храна, како водечка наставно-научна институција во државата, во делот на земјоделските науки настојува да ги следи новите технологии. Мора да се одговори на предизвиците наметнати, пред сѐ, од соседните земји кои имаат големи и сериозни инвестиции во земјоделството, ги следат новите технологии и во голема мера стануваат и се сериозна конкуренција на производи по кои бевме препознатливи. И да не нѐ чуди кога пазарите се преплавени со градинарски производи од Албанија, Турција, Србија. Од друга страна, Македонија е 
потписник на разни трговски договори и нема начин како да им се забрани на овие земји да увезуваат земјоделски производи во државата.



Селекција на семе

Според Димов, круна на земјоделската наука во растителното производство е селекцијата: да создадете сорта или хибрид и таа да има комерцијална употреба.

- Во моментот 70 отсто од светскиот пазар со семе го држат четири компании со буџети изразени во милијарди долари. Експерти кои се навлезени во оваа проблематика многу подлабоко од мене, но со кои го делам мислењето, е дека за површини кои ги имаме ние, нешто над 400.000 хектари, работата на полето на селекцијата е со многу прашалници. Затоа што е скапа и неизвесна и бара големи тимови. Постојат национални институти со завидни селекциски резултати (тука мислам на Србија), но повторувам, сигурно пола од произведеното семе од конкретна сорта или хибрид се извезува. Во Македонија во моментот со селекција се занимава Институтот за тутун во Прилеп, скромно Институтот за ориз во Кочани и една-две приватни компании. Да, ги поддржувам оние што работат на селекција (затоа што еден период додека работев во Земјоделскиот институт во Скопје бев дел од таков тим, но пак ќе повторам, зборуваме за време пред 35 години кога и овој дел беше поразлично организиран), но за македонски услови сметам дека фокусот треба да биде насочен во друг дел. Тука, пред сѐ, мислам на полски сортни испитувања каде што по период од две или три години испитување на два до три локалитети со голема сигурност може да препорачате која сорта или сорти се најподобни за конкретен локалитет (притоа применувајќи најразлични агротехнички мерки), што за земјоделските производители би било од голема корист. Во моментот за сеидба треба да се користи сертифициран семенски материјал кој се наоѓа на нашата листа на сорти или доколку ја нема на нашата, да е на европската сортна листа. Е сега замислете, дел од тие увезени сорти да ги испитувате во домашни услови во еден повеќегодишен период. објаснува Димов

Каква е состојбата со органското производство?

Иако првите активности во органскиот сектор датираат од 1997 година, органското производство во РС Македонија е сѐ уште во својата пионерска фаза. Од вкупните површини со конвенционално земјоделско производство во државата, органското производство учествува со 1,2 отсто, со што сè уште не е достигната една од конкретните цели наведени во Стратегијата за земјоделство и рурален развој (2021 – 2027) - учеството на вкупната органска површина во вкупното обработливо земјиште да изнесува 2 отсто. Колку за споредба, плановите на ЕУ до 2030 година се површините со органско производство да учествуваат со 25 отсто кај секоја од земјите членки. Областите кои заслужуваат внимание вклучуваат подобрување на квалитетот во земјоделското производство, воспоставување одржливи односи добавувач-купувач, поддршка на локалната продажба на органски производи, професионалност и пренесување на научните сознанија во практика. Земјоделските производители и преработувачи на органска храна треба да станат почитувани носители преку имплементирање напредни технологии и еколошки стандарди. Тој се осврна и на новел-храната, таканаречената иновативна храна според директивите на ЕУ велејќи дека таа е интересна, но тоа го гледа само како збогатување на понудата на разноликост.

- Новел-храната е регулирана како со европското така и со нашето законодавство. Сѐ што е таков тип производи е позитивно, но тоа е за одредена група на луѓе кои тоа можат да си го дозволат. Тоа нема да нѐ нахрани – порача Димов.

Фото: приватна архива