Холандија ги забранува огнометите и петардите

Холандија ги забранува огнометите и петардите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Од 2026 година прославите на Нова година во Холандија нема да бидат исти.

Холандскиот парламент донесе одлука со која се забранува продажбата и употребата на огномет, со што жителите на оваа земја повеќе нема да смеат да купуваат пиротехника.

Иако мнозинството пратеници ја поддржаа забраната, беше донесен и дополнителен предлог мерката да не стапи веднаш во сила, поради стравувања од потенцијално огромни побарувања за отштета од страна на добавувачите на пиротехника.

Пукањето огномет на Нова година е децениска традиција во Холандија, но последниве години расте бројот на повредени во текот на празничната ноќ.

За време на прославата на Новата 2025 година загинаа две лица, а 1.162 беа повредени, најчесто со изгореници и повреди на очите.

Новогодишните прослави во неколку холандски градови се претворија во симбол на асоцијално однесување, а поради растечката поддршка од јавноста за забрана на пиротехниката, политичарите решија да ја променат својата позиција.

Истражување на јавното мислење покажува дека три четвртини од граѓаните ја поддржуваат забраната на огнометот.

Либералната десноцентристичка Народна партија за слобода и демократија, која е дел од владината коалиција, во март започна поинтензивна кампања за забрана, а наскоро ѝ се приклучи и новата коалициска партија Нов општествен договор.

Сепак, две други владејачки партии се спротивставија на забраната, тврдејќи дека поголем дел од проблемите ги предизвикува нелегално набавената пиротехника, а не онаа што се купува легално.

Можно е огнометот да биде дозволен во некои општини, но за тоа допрва ќе се разговара.

Компромисот, односно забраната да се одложи до 2026 година, предизвика загриженост бидејќи траумата од последната прослава сè уште не е надмината.

Станува збор не само за стандардното испукување огномет по улиците, туку и за неговите последици како запалени автомобили, скутери и згради, како и напади врз возила на итни служби со пиротехника.

Во 2024 година беа приведени 200 лица, а штетата предизвикана од пиротехника беше проценета на 16 милиони евра.

19 општини и градови веќе воведоа целосна забрана за огномет, додека во некои региони се воспоставени зони без пиротехника.

Сепак, овие мерки најчесто беа игнорирани, а градоначалникот на Амстердам изјави дека сè ќе остане безнадежно додека владата не ѝ стави крај на комерцијалната продажба.

Најн Којмен, претседателка на синдикатот на холандската полиција, изјави дека полицајците имаат чувство како да работат во воена зона.

Истражување спроведено меѓу членовите на синдикатот покажало дека четворица од десет полицајци не сакаат да работат на новогодишната ноќ поради сериозни ризици за безбедноста.
Многу активистички групи ја поддржаа забраната, но добавувачите на пиротехника бараат отштета од околу 895 милиони евра поради резервите што веќе ги набавиле за наредната година.

Владата проценува дека ако забраната стапи во сила уште во 2025 година, надоместот би изнесувал меѓу 100 и 150 милиони евра. Ако почне да се применува од 2026 година, трошоците би биле околу 50 милиони евра.

Извор: BBC
Фото: Freepik