Како настанал најпрепознатливиот сообраќаен знак во светот?

Како настанал најпрепознатливиот сообраќаен знак во светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Црвениот осумаголен знак кој нè предупредува на задолжително запирање на крстосниците не постоел отсекогаш. Неговото појавување е приказна за обидот да се воведе ред во хаотичниот свет на раниот автомобилизам, за инженерската логика и технолошкиот напредок кој го овозможил неговиот денешен изглед.

Замислете ги улиците на преминот од 19 во 20 век. Автомобилите биле новост, правила речиси и да немало, а патиштата биле сцена на целосна анархија. Во тоа време немало возачки дозволи, ограничувања на брзината, јасни сообраќајни ленти, па дури ни патокази, освен некои што на возачите им покажувале колку е оддалечен следниот град.

Вилијам Ено - таткото на сообраќајната безбедност

Среде целиот тој хаос се појавила идеја што засекогаш ќе го промени начинот на кој се движиме. Заслугите за концептот на знакот „Стоп“ најчесто му се припишуваат на Вилијам Фелпс Ено, наследник на богато семејство од Нова Англија кој, иронично, никогаш не научил да вози. Ено, кого денес многумина го сметаат за „татко на сообраќајната безбедност“, бил пионер во регулирањето на сообраќајот. Тој е заслужен и за идеи како еднонасочни улици, кружни текови и такси-станици.

Во напис од 1900 година во списанието „Рајдер енд драјвер“ со наслов „Итна потреба од реформа во уличниот сообраќај“, Ено предложил поставување знаци за запирање на крстосниците.

Иако Ено го осмислил концептот, постојат тврдења дека првиот физички знак „Стоп“ го направил полицаецот Харолд Хари Џексон од Детроит во 1914 година. Загрижен за безбедноста на пешаците и возачите на една фреквентна раскрсница, Џексон наводно изработил знак од шперплоча. Сепак, првите официјални поставувања на знакот „Стоп“ се поврзуваат со Детроит, Мичиген, некаде помеѓу 1914 и 1915 година. Тие први знаци не наликувале на денешните, биле квадратни, со димензии приближно 60 x 60 сантиметри, со црни букви на бела подлога.

Препознатливиот осумаголен знак го добил обликот благодарение на Здружението на државни оддели за автопати од долината на Мисисипи. Во 1923 година ова здружение развило сет на препораки за обликот на сообраќајните знаци, чие влијание се чувствува и денес. Нивната идеја била едноставна, иако не сосема интуитивна: колку повеќе страни (или агли) има знакот, толку повисоко ниво на опасност сигнализира.

Од жолта до црвена - бојата што стана симбол

Додека обликот бил дефиниран релативно рано, бојата на знакот „Стоп“ поминала низ еволуција. Првите стандарди за сообраќајни знаци во САД биле донесени дури во 1935 година, во документ познат како „Прирачник за униформна контрола на сообраќајот“. Тој прирачник од 166 страници препорачувал знакот „Стоп“ да биде жолт со црни букви. Во тоа време жолтата се сметала за највидлива боја, особено во услови на слаба осветленост.

Сепак, ревизијата на прирачникот од 1954 година донела промена што го дефинирала денешниот изглед на знакот: црвена подлога со бели букви. Оваа промена го усогласила знакот „Стоп“ со системот на бои што веќе се користел во железничкиот сообраќај и на семафорите.

Улогата на овој прирачник била клучна за стандардизацијата на знакот „Стоп“ во рамките на САД, пропишувајќи ги неговиот облик, боја, рефлектирачки својства и правила за поставување. Глобалната стандардизација била зацврстена со Виенската конвенција за патни знаци и сигнали во 1968 година, со што осумаголниот црвен знак „Стоп“ станал меѓународно признат симбол.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Freepik