Земја од соништата за нов почеток - просечна плата од 4.500 евра и неверојатен квалитет на живот

Земја од соништата за нов почеток - просечна плата од 4.500 евра и неверојатен квалитет на живот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во потрага по совршена дестинација за нов живот, сè повеќе луѓе се насочуваат кон север, поточно кон Исланд. Според неодамнешно истражување на компанијата „Ремитли“, која анализирала дури 82 земји од целиот свет според 24 клучни критериуми (меѓу кои се јавниот превоз, вработеноста, трошоците за живот и задоволството на граѓаните), овој живописен северен остров се најде на првото место како најпосакувана земја за преселување во 2025 година.

Исланд доби вкупна оцена од 58,4 поени од можни 100, оставајќи ја конкуренцијата далеку зад себе благодарение на извонредниот квалитет на живот, безбедноста, одлично организираниот јавен превоз, нискиот степен на криминал и високото ниво на општа среќа и задоволство кај населението. Оваа позиција не е изненадување со оглед на тоа што Исланд со години наназад важи за земја што поставува стандарди за стабилност и благосостојба.

Безбедна, среќна и опуштена земја

Исланд не е само фасцинантен пејзаж со гејзери, водопади и поларната светлина. Тој неодамна беше прогласен и за најбезбедна земја на светот, а се наоѓа и на високо трето место на листата со најсреќни и најопуштени земји.

Иако главниот град Рејкјавик има околу 140.000 жители, нуди сѐ што се очекува од една модерна метропола - од шармантни кафулиња и ресторани до богат културен живот. Речиси сите атракции во градот се во близина, што го прави градот исклучително пристапен. И покрај урбаниот дух, Рејкјавик успева да го задржи чувството на близина и топлина, нешто што сè поретко се среќава во поголемите градови.

Високи плати и квалитетен живот


Покрај сето наведено, просечната плата на Исланд дополнително ја зголемува неговата привлечност. Земјата и понатаму се наоѓа на врвот на листите според најдобрите услови за живот и работа, а просечната месечна плата изнесува околу 4.500 евра.

Природа што го одзема здивот

Природата на Исланд е приказна сама по себе. Од геотермални извори, водопади и гејзери, секој дел од овој остров е рај за љубителите на природата. Без разлика дали сакате да избегате од градската врева или секојдневно да уживате во спектакуларни пејзажи, Исланд нуди искуство кое не се заборава.

Кои земји се најдоа на листата?


Иако Исланд го зазеде првото место, листата на „Ремитли“ открива и други интересни дестинации за преселување. На второ место е Швајцарија (со 55,8 поени), потоа следува Луксембург (55,7), а по нив Норвешка. Меѓу првите десет се најдоа и Обединетите Арапски Емирати, Ирска, САД, Данска, Холандија и Австралија.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik