„Фејсбук“ ќе им исплати 52 милиони долари на модераторите поради психолошки оштетувања
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Фејсбук“ се согласил да им плати вкупно 52 милиони долари на модераторите кои поради работата морале да гледаат вознемирувачки објави и видеа на платформите на компанијата.
Во судски случај од 2018, модераторите што работеле за компанијата тврделе дека „Фејсбук“ не им обезбедил соодветна заштита од потенцијалните психолошки оштетувања кои може да бидат последица на постојаното гледање вознемирувачка содржина, како сексуално вознемирување на деца, обезглавувања, тероризам, малтретирање на животни и слично.
Фото: Pixabay
Судот пресудил во полза на модераторите, а компанијата мора да им плати по 1.000 долари за штетата што ја претрпеле. Оние што подоцна добиле дијагноза за психолошка состојба како последица од нивната работа ќе добијат медицински третман и до 50.000 долари.
Во известување за јавноста, од „Фејсбук“ изјавиле дека им се благодарни на луѓето што помагаат компанијата да нуди безбедна околина за сите.
Извор:
time.com