Што се здравствените пасоши и дали ќе ни помогнат повторно да патуваме?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Властите во Грција велат дека може да ги отворат границите на земјата за туристите што ќе имаат здравствени пасоши: електронски документи со кои се потврдува здравствениот статус на поединецот и потврдуваат дека тестот за Ковид-19 им е негативен.
Патниците ќе го презентираат документот на нивните паметни телефони пред да се качат на авион или ферибот, а потоа ќе се проверува нивната температура кога ќе слетаат. Популарни туристички дестинации како Сардинија, Капри и Ишија во Италија и Балеарските Острови во Шпанија размислуваат за слични мерки.
Владите во Германија, Франција и во Велика Британија продолжуваат со дискусиите со истражувачите и технолошките фирми за можноста за развивање на овие здравствени пасоши за да им се овозможи на луѓето слободно да се движат низ земјите, додека смислуваат и стратегии за олабавување на мерките. Слично на здравствениот систем „Кју-ар“ на Кина со шифрирање во боја, кој потврдува дали некоја личност претставува ризик од зараза, пасошите би користеле податоци од тестовите за антитела специфични за Ковид-19 за да утврди дали луѓето во моментот го имаат вирусот или не. Но, постои загриженост за ефикасноста на овие документи доколку се воведат.
Фото: Unsplash
Тоа е така затоа што Светската здравствена организација соопшти дека во моментов нема докази дека луѓето што развиваат антитела по закрепнувањето од Ковид-19 се имуни на втора инфекција. Во извештајот објавен на 24 април СЗО забележа:
- Во овој момент од пандемијата нема доволно докази за ефективноста на имунитетот поврзан со антитела за да се гарантира точноста на „пасош за имунитет“ или „сертификат без ризик“. Луѓето што претпоставуваат дека се имуни на втора инфекција затоа што добиле позитивен резултат од тестот може да го игнорираат советот за јавно здравје.
Некои медицински експерти велат дека сертификатите можат да имаат придобивки доколку науката може да докаже имунитет.
- Сертификатите засновани врз имунитет имаат потенцијал да помогнат во реализирање на важни вредности, вклучително и зајакнување на слободата на лицата што биле заразени без да ја влошат состојбата на оние што не биле заразени - пишува во статијата од д-р Говинд Персад, професор на Универзитетот во Денвер, и д-р Езекиел Емануел, претседател на Одделот за медицинска етика и здравствена политика на Универзитетот во Пенсилванија.
Според нивниот извештај, пасошите за имунитет би можеле да имаат општествена корист, додека сертификатите засновани на имунитет бараат внимателно спроведување и научна поддршка.
Потребни се повеќе истражувања. Но, голема е веројатноста тестирањето да стане норма при летање. Во април Емиратите станаа првата земја што спроведе брзо тестирање на аеродромот. Работејќи со здравствените органи од Дубаи, беа тестирани патниците што патувале од Дубаи во Тунис, користејќи тестови на крв што дале резултати во рок од 10 минути. Авиокомпанијата соопшти дека постои можност податоците од овие тестови да се користат за издавање здравствени сертификати.