Советници за поддршка на ученици од НОВА: Родителите треба да ѝ веруваат на својата интуиција дали на детето му е неопходна помош

Советници за поддршка на ученици од НОВА: Родителите треба да ѝ веруваат на својата интуиција дали на детето му е неопходна помош

Како  влијае пандемијата врз менталното здравје на учениците и нивните родители?

Пандемијата на ковид-19, помалку или повеќе, влијае врз менталното здравје на сите. Од оваа состојба не се исклучени ниту децата и адолесцентите, кои повеќе од една година се соочуваат со големи промени во нивните животи, наставата, дружењето со врсниците. Нивните родители балансираат со предизвикот да ја зачуваат безбедноста на семејството, а истовремено да им бидат цврста поддршка на своите деца, што честопати е навистина тешко да го направат сами.

Во неделата посветена на подигнување на свесноста за менталното здравје важно е да се истакне дека на децата и на нивните родители во ваквата состојба на пандемија им е неопходна и дополнителна помош која може да ја добијат преку соработката со стручните служби во училиштата. Тимот на Службата за поддршка на ученици во меѓународното училиште НОВА изминатиов период активно презема најразлични дополнителни активности со цел да обезбеди безбеден физички и психолошки развој на учениците, но и на нивните родители во време на пандемија. Досегашното искуство на луѓето од оваа служба покажува дека со различен интензитет, пандемијата влијае врз менталното здравје на децата и адолесцентите, поради што социо-емоционалното здравје на учениците станува сѐ позначаен приоритет во пристапот на училиштето кон нивното образование.

Координаторката на Службата за поддршка на ученици во НОВА, Јана Шишковска, и Мери Плац, советнички за поддршка на ученици во НОВА, велат дека за справување со трауматските искуства од пандемијата, најважно е прво да се разбере видот на траума со која се соочува ученикот.

- Од огромно значење е да се разберат двата вида траума, „Tраума со голема Т“ што е последица од некоја ситуација која е опасна за живот. За многумина стравот од загуба или загуба на најблиските за време на пандемијата предизвика ваков вид значајна траума. Вториот вид траума се нарекува „траума со мала т“, која е резултат на околности кои го менуваат животот. За повеќето од нас, околностите како што се социјалната изолација, неизвесноста и вознемиреноста, предизвикаа ваков вид траума – објаснува Шишковска.


Јана Шишковска

Замор, намален фокус, раздразливост, зголемена емоционална чувствителност, тешкотии со одржување на мотивацијата за извршување на задачите, сето тоа се вообичаени реакции на „траума со мала т“. На тие што ја преживуваат, многу од деновите им се чинат премногу тешки и тогаш може да се чувствуваат несоодветно или да си препишуваат вина.

- Треба да ги прифатиме овие чувства како нормален одговор на промените. Чувствуваме дека е тешко затоа што навистина ни е тешко. Од особено значење за учениците и родителите е да знаат дека овие се клинички изучувани, природни реакции на вознемирувачки промени, а не последица на луѓе кои се мрзливи, премногу чувствителни или слаби. Кога се ослободуваме од овие етикети, го враќаме драгоцениот ресурс на емоционална енергија која се губи со чувството на вина која со себе ја носат овие етикети. Оваа енергија ни е потребна сега повеќе од кога и да е, па да не ја трошиме бесполезно – вели Плац.

Искуството на училишните советници покажа дека психо-социјалното влијание на пандемијата е поврзано со појава на проблеми со менталното здравје кај некои деца или адолесценти или со влошување на веќе постојните слични проблеми. За некои ученици, на пример, оние со социјална анксиозност, учењето на далечина им овозможи одредено олеснување. Но, токму ним ќе им треба соодветна поддршка кога ќе треба да се вратат на настава со физичко присуство и да продолжат со секојдневните активности бидејќи тогаш може да се соочат со поголема вознемиреност од претходно. За повеќето млади луѓе, анксиозноста, осаменоста и непријатните чувства се тековна криза, при што анксиозноста и депресијата проследени со самоубиствени мисли и идеи се сè пораспространети.
Во ваквата ситуација се отвора прашањето кога родителите треба навистина да се загрижени за своите деца и да побараат помош?


Мери Плац

- Родителите треба да ѝ веруваат на својата интуиција доколку сметаат дека нивното дете се бори до степен на вознемиреност или на начин кој ја става под знак прашалник неговата безбедност. Некои индикации за ова може да бидат значителна промена во однесувањето и расположението на вашето дете и дали оваа промена опстојува подолго од една недела или влијае врз неговата способност да функционира и да биде успешно дома или на училиште. Дополнително, ако расположението или однесувањето на вашето дете започне да влијае врз неговата способност да оформува или одржува пријателства, да функционира за време на секојдневните активности, веројатно е време да се обратите за поддршка или да соберете повеќе информации – советува Шишковска.
Таа и нејзината колешка сметаат дека раната идентификација на проблемите со менталното здравје е клучна за нивното надминување, така што родителите треба да ги искористат сите јавни ресурси што им се на располагање, почнувајќи од училишните служби и советници, групите за поддршка и приватните и јавните здравствени установи за поддршка на менталното здравје.

Со цел полесно да го пребродиме ова искуство и да извлечеме корисни поуки од него, Плац смета дека најпрво треба да се изнајдат механизми за регулирање на структурата и предвидливоста во животот на децата и адолесцентите. Според неа, оваа млада генерација дури и пред пандемијата беше генерација со најголем недостиг на сон во историјата поради паметните телефони и другите електронски уреди.

- Сега многу тинејџери остануваат будни до доцна во ноќта и тоа влијае не само врз нивните академски навики, туку и врз нивото на депресија и анксиозност. Нередовниот и намалениот сон е храна за чувство на депресија и анксиозност. За време на оваа ера на пандемија, тоа може да биде вредна лекција: спиењето, здравата исхрана, физичката активност, времето во природа и времето поминато со семејството и дружењето не треба да бидат активности на кои им даваме приоритет само за време на празници или кога имаме повеќе слободно време, напротив, тие се дел од формулата за одржување континуирана добросостојба кога се вклучени во нашето секојдневие што е можно повеќе – вели Плац.

Училишните советнички од НОВА го поддржуваат тврдењето дека ова не е изгубена година, ниту дека децата значително заостануваат во својот академски развој и се согласуваат со истражувањата кои потврдија дека вештините за емоционално регулирање, заедно со издржливоста и истрајноста, подобро ја предвидуваат способноста за остварување долгорочен успех отколку оценките. Тие велат дека целта на напорите не е постојано да бидеме среќни или постојано да ги „развеселуваме“ децата, туку да си дадеме време и можност да ги прифатиме и изразиме емоциите што ни предизвикуваат стрес и да продолжиме со „нормализирање“ на оваа тема. За време на овој несигурен период, важно е да го прифатиме она врз кое немаме контрола и да се фокусираме на времето поминато со семејството, безбедните начини на кои можеме да ги одржуваме социјалните контакти и она што го правиме за да придонесеме кон нашата физичка и емоционална добросостојба. Сето тоа, сметаат Шишковска и Плац, ќе ни помогне да останеме фокусирани и да продолжиме да растеме.

*Текстот е изработен од Факултети.мк во соработка со Меѓународното училиште НОВА
Фото: НОВА