Многумина љубители на спортот беа шокирани од настанот на фудбалскиот натпревар меѓу Данска и Финска, кога данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен пред крајот на првото полувреме падна и се онесвести.
На директниот пренос на натпреварот можеше да се види како Ериксен паѓа и како соиграчите и лекарите веднаш се обидуваат да му помогнат и се борат за неговиот живот. За среќа, ситуацијата имаше добар исход. Медицинскиот тим реагираше навреме и УЕФА подоцна соопшти дека Ериксен е добро.
Но, до вакви ситуации, во кои е неопходно итно укажување помош, може да дојде и кога во близина нема лекари. На некого може одеднаш да му се слоши и таквите ситуации се многу чести со доаѓањето на жешките денови, кога на постарите и на болните им е уште потешко. Затоа, добро е да се знаат основните правила на укажување итна помош бидејќи на тој начин буквално можете да спасите нечиј живот, односно да го одржите во доволно стабилна состојба за да преживее додека да дојде брзата помош.
Што прво треба да се направи?
Во овој текст има неколку снимки со упатства за укажување прва помош во различни ситуации, но добро е и детално да се наведе што треба да се направи ако на некој покрај вас му се слоши или ако некој изгуби свест или се повреди.
Прво што морате да направите е да го осигурите местото на несреќата, односно да го заштитите лицето од дополнително страдање. Потоа треба да повикате брза помош. Во случај да морате да му укажете прва помош на лицето (кое не дише, чие срце не чука), можете да замолите некој случаен минувач да ги повика надлежните служби.
Ако некое друго лице ја повикало итната помош, побарајте од него да ви потврди дека повикот е примен и дека брзата помош ќе стигне набрзо. При повикувањето итна помош треба да се напомене дека вие сте лицето кое укажува помош на местото на несреќата и да му кажете на лицето од итната помош точно каде се наоѓате, точно што се случило и за какви повреди станува збор, како и да ги кажете полот и приближната старост на повреденото лице.
Потоа почекајте дали ќе има дополнителни прашања или насоки и потврдете дали сте разбрале. Ако поради некоја причина итната помош не може да дојде, побарајте организиран превоз до најблиската здравствена установа и обидете се на повреденото лице да му дадете емоционална поддршка - охрабрете го и бидете до него што е можно подолго.
Азбука на укажувањето итна помош
На прво место на оваа азбука е осигурувањето дека дишните патишта се проодни.
- Ако повреденото лице не може да дише поради попречено минување на воздухот, сите други дејства мора да причекаат. Ако дишните патишта се блокирани, повреденото лице се задушува и не може да добие кислород. На повреденото лице му остануваат уште само неколку минути живот. Попречениот премин на воздухот се препознава со шумење при дишењето, задишаноста или отежнатото дишење и по појавувањето пена на устата или носот. Во некои случаи, повреденото лице треба да се стави на грб и главата да му се навали наназад за дишните патишта да бидат што е можно порамни и со прсти треба да се извади сè што го спречува поминувањето на воздухот. Лицето што кашла може автоматски да ја исфрли содржината што го блокира минувањето на воздухот, па затоа не треба да се поместува. Ако телото не добива доволно кислород, кожата на жртвата станува сина или виолетово-црвена, што е особено забележливо кај областа околу усните. Доенче или мало дете кое се задушува, односно веќе не кашла и почнува да ја менува бојата, треба да се преврти наопаку. Предметот кој го попречува минувањето на воздухот може да се исфрли со лесен удар во подрачјето меѓу плешката - советуваат хрватските експерти.
Вештачко дишење
На второ место на азбуката за прва помош е дишењето. Лицето мора да покажува знаци на активно дишење, во спротивно воздухот во белите дробови ќе се истроши. Лицето кое престанало да дише може да живее само уште четири до шест минути.
Од хрватската кампања „Оживеј ме“ наведуваат дека во случај на прекин на дишењето, лицето треба да го свртиме на грб, нежно да му ја зафрлиме главата и да му ја кренеме брадата, бидејќи на овој начин ги отвораме дишните патишта. Оттаму додаваат дека треба да продолжиме да ја држиме главата во таа положба и да го проверуваме дишењето 10 секунди (да видиме дали градниот кош се крева, дали се чувствува здив итн.).
Во случај на прекин на дишењето, треба што е можно поскоро да започнете со постапката на вештачко дишење, односно давање воздух уста на уста.
- Лицето кое укажува прва помош го положува другото лице на грб, главата му ја зафрлува нанадвор и му дува воздух во белите дробови (иако издишаниот воздух содржи помалку кислород од свежиот воздух, таа количина во итни случаи е доволна). Ова се изведува 10 до 15 пати во минута, сè додека повреденото лице не почне само правилно да дише - објаснуваат хрватските експерти.
На третото место на азбуката за прва помош е проверката на протокот на крв. Ако запре работата на срцето, веќе не се испумпува крв во телото и некои делови наскоро ќе останат без кислород.
- Знаците на запрена работа на срцето вклучуваат изостанување на дишењето, нечувствување болка на вообичаени места - на зглобот или вратот - и проширени зеници. Искусен давател на прва помош ќе биде во состојба да го одржува текот на крвта со масажа на срцето. Оваа метода вклучува поставување на лицето на грб на тврда подлога и ритмичко притискање на долниот дел од градната коска. Притисокот предизвикува истискување крв од срцето. Кога притисокот ќе попушти, срцето повторно се исполнува со крв - стои во упатствата на хрватските стручњаци.
Од „Оживej ме“ наведуваат дека во случај на застој на срцето, средината на градната коска треба да се притиска брзо (100-120 пати во минута) и силно (5-6 сантиметри во длабочина).
- Притиснете 30 пати, потоа 2 пати дајте му воздух - отворете ги дишните патишта на жртвата и затнете ѝ го носот. Издишете нормална количина на воздух, залепете ги вашите усни на усните на жртвата и издувајте воздух во белите дробови на жртвата во траење од една секунда. Држејќи ги дишните патишта отворени, оддалечете се од усните на жртвата и овозможете спуштање на градниот кош при излегувањето на воздухот. Повторете го давањето воздух уште еднаш. Продолжете со 30 притискања, 2 давања на воздух - пишуваат од „Оживеј ме“.
Запирање крвавење
Во случај повреденото лице да крвави, тоа треба да се забави со ставање, на пример, чиста ткаенина на повредата со лесен притисок. Сето тоа треба да се зацврсти со завој, шал или каков било друг материјал додека не стаса итната помош.
Студот поттикнува згрутчување на крвта, па вреќичка со лед може да биде од голема корист. Снаодливите даватели на прва помош ќе употребат ќеса со грашок од замрзнувач. Имајте на ум дека повредениот дел од телото треба да се крене над висината на срцето на повредениот - истекувањето на крвта нема да биде поттикнато од гравитацијата. Во случај на крвавење од носот, повредениот мора да седне со главата нанапред, со прсти да го притисне носот и така да држи десетина минути. Треба да дише на уста и да ја исплука насобраната крв. Ако сè уште крвави, повторете ја постапката. Исто така, вреќичка со лед може да биде од голема помош. Таа треба да се стави на горниот дел од носот.
Скршеници, изгореници и труење
Со оглед на тоа дека е потешко да се забележи скршена коска, освен во екстремни случаи, секое сериозно повредено лице може да се поместува само во околности кои му го загрозуваат животот, на пример, пожар. Во повеќето случаи, најдобро ќе му помогнете на повредениот така што ќе го потпрете на перници или јакни и ќе му ја одржувате телесната топлина до доаѓањето на лекарите.
Во случај на изгореници, ако тие не продреле низ кожата, најважно е што поскоро да се излади изгореното место и да не се фаќаат ткаенините кои се на кожата.
Труењето е многу незгодна ситуација бидејќи оној што дава помош често не знае за кој отров и за колкава количина станува збор. Затоа, во тој случај е многу важно да се повика итна помош, да се побара совет преку телефон и да се спречи можноста од задушување поради повраќање.
Насловна фотографија: Pixabay