Живеете со лице со депресија? Психолозите имаат совети како да му помогнете
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пандемијата на коронавирусот значеше и ненадејна промена во нашите секојдневни животи, заедно со рестрикции на движење, изолации и дистанцирање. Многу од овие мерки му наштетија на менталното здравје на луѓето.
Промените ја зголемија нашата изложеност на познати ризични фактори за развивање депресија, како што се физичка неактивност, недостиг на структура и рутина, недостиг на социјална поддршка, осаменост и ограничена можност за вршење интересни активности.
Исто така, докази од претходни пандемии, како оние на САРС или свински грип, посочуваат дека мерки за запирање на ширењето на болестите, како карантини и социјални изолации, може да се штетни за менталното здравје. Има и сè повеќе докази дека ефектот на овие промени врз менталното здравје на луѓето е значителен, особено за помладите.
Стапките на депресија кај возрасните и помладите лица веќе се загрижувачки, а од Светската здравствена организација (СЗО) предвидуваат дека тие ќе растат.
Па, иако првичниот фокус за време на пандемијата разбирливо беше на физичкото здравје, клучно е да посветиме внимание и на менталното здравје, особено затоа што двете се тесно поврзани.
Многу совети се наменети за лицата со депресија, но ние имаме неколку совети што да правите ако живеете со некој што има депресија.
Знаци во нивното однесување
На многу луѓе им е тешко да побараат помош и да им дадат до знаење на другите како се чувствуваат. Не претпоставувајте дека некој е во ред зашто така рекол. Подобро е да поставите повеќе прашања и да ризикувате да бидете досадни отколку да испуштите нешто важно, како што се симптоми на депресија. Ако не сакаат да ви кажат, набљудувајте го нивното однесување и забележете што е невообичаено, како што е спиење до многу подоцна, нејадење, зјапање подолго време, откажување и избегнување на многу нешта.
Чувствата на луѓето често се поврзани со нивните мисли и однесувањето и тоа се демонстрира во моделот на когнитивно-бихевиорална терапија. Кога луѓето се чувствуваат депресивно, тие често искажуваат повторувачки текови на негативни мисли.
Може да биде од помош да охрабрите некој што размислува на овој начин да се обиде да гледа на различни страни од ситуацијата. Корисни прашања би биле: Кој совет би му го дал ти на пријател во ваква ситуација? или Кој би бил подобар начин на размислување за ова?
Фото: Pixabay
Депресијата ги зголемува самокритичните мисли, како „Не сум добро“, „Не треба да се чувствувам вака“. Не е изненадување што овие мисли дополнително ја поттикнуваат депресијата.
Корисно е да му дадете до знаење на депресивно лице дека можете да видите како се чувствува и дека неговите чувства се разбирливи и ќе поминат со тек на време. Овој вид потврдување може да му помогне на некој депресивен да се воздржи од критикување на самиот себе затоа што има тешки чувства и да развие поголемо себесожалување.
Луѓето што се депресивни често се повлекуваат од други луѓе и активности. Извршувањето помалку забавни активности може да ја влоши депресијата на лицето. Пробајте да се спротивставите на тоа така што ќе му помогнете на лицето одново да се вклучи во нешта што му се важни. Почнете со мали нешта, како што се воспоставување на некоја дневна структура, можеби зголемување на вежбите или ако е можно, зголемете го времето поминато во природа.
Помогнете му на лицето постепено одново да се вклучи во активности и социјални контакти што му се важни. Направете некои мали планови заедно за иднината (кратки, средни и долготрајни).
На лице со депресија често може да му е тешко да решава проблеми, а дневните активности и прашања брзо може да му се чинат неиздржливи. Корисно е да останете смирени и да ги одржите конфликтите и стресот во домот на минимум.
Поддржете го лицето да генерира едноставни решенија на проблеми и охрабрете го да ги стави тие решенија и идеи во акција наместо да избегнува нешта.
Барајте помош однадвор
Има голем број други ефективни терапии за депресија.
Охрабрете го лицето што го поддржувате да побара и дополнителна помош ако е потребно. Тоа може да биде во форма на онлајн-информирање и онлајн-курсеви за возрасни и млади лица, потоа книги за самопомош и контактирање со локални здравствени работници или служби за ментално здравје во вашето место.
Запомнете, вашата благосостојба е екстремно важна кога поддржувате некој со депресија. Одвојте време за нега на себеси за да можете да покажете позитивно однесување и да бидете доволно полни за да ја обезбедите оваа клучна поддршка.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay