Дали носите маска? На анкетата одговорија 3.409 читатели, еве како се однесуваат
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Половината носат заштитни маски, а повеќе од половина ја одржуваат препорачаната дистанца. Речиси е изедначен бројот на тие што се плашат и тие што не се плашат од коронавирусот. Ова се одговорите на нашите читатели кои анонимно одговараа на анкетата „Дали носите маска?“ На прашањата одговорија дури 3.409 читатели.
Вкупно 1.662 испитаници (48,9%) одговорија афирмативно на прашањето „Дали носите маска за заштита од коронавирус?“ Негативно одговориле 1.051 анкетиран (30,9%), а останатите 20,2% испитаници носат маска само таму каде што мора.
На прашањето „Дали ја одржувате препорачаната дистанца за заштита од коронавирус?“ 55,9% (1.899) одговориле дека го прават тоа, 32,6% (1.108) не одржуваат дистанца, а 11,5% (391) само доколку мора.
Фото: Борче Поповски
Вкупно 1.683 испитаници (50,3%) одговориле дека не се плашат од коронавирусот. Од зараза се плашат 1.568 (46,9%) анкетирани читатели, а 2,8% одговориле дека се внимателни, се грижат за своите семејства и слично. Дел од коментарите се дека се плашат повеќе за здравјето на повозрасните што ги познаваат отколку за себе, како и поради луѓе кои не ги почитуваат мерките за заштита.
Од испитаниците 81% биле од женски, а 19% од машки пол. Вкупно 676 (19,9%) од анкетираните се на возраст од 18 до 24 години, 22,4% имаат меѓу 25 и 34 години, 553 (16,3%) се помеѓу 35 и 45 години, 8,3% се од 46 до 55-годишна возраст, 3,1% се од 56 до 67 години, а 30% односно 1,020 испитаници одговориле дека имаат повеќе од 67 години.
Министерството за здравство деновиве информира дека трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје - ИЈЗ за периодот од 3 до 9 август 2020 година. Во овој период, според податоците на ИЈЗ, новозаболени се регистрирани во 26 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4%), во Штип (11,3%) и во Гостивар (10,4%). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.