Проф. д-р Миле Маркоски: Неопходно е да се обезбедат поволни услови за работа што ќе ги мотивираат младите да останат да работат и да се надградуваат во матичната земја

Проф. д-р Миле Маркоски: Неопходно е да се обезбедат поволни услови за работа што ќе ги мотивираат младите да останат да работат и да се надградуваат во матичната земја

„Иновацискиот капацитет на една земја во голема мера е детерминиран од способностите на работната сила да креира нови знаења, како и да ги усвојува, адаптира и применува постојните знаења и техонологии. Таа способност превенствено зависи од степенот на образование и стручните компетенции на работната сила, како и од интересот на компаниите за поддржување на овој сегмент“



Проф. д-р Миле Маркоски – продекан за наука, соработка со стопанството и развој на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје

Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје претставува еден од основоположниците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој податок ја потенцира важноста на земјоделството за нашата држава и развојот на нашата економија со формирањето на една ваква високообразовна институција. Од тогаш до денес, огромно е значењето на Факултетот за земјоделски науки и храна во делот на високообразовната наставна дејност како основна дејност, но, исто така, уште поголема е улогата и значењето на оваа нституција кога станува збор за развојот на земјоделскиот сектор во државата и пошироко, што секако е резултат на долгогодишната континуирана научно-истражувачка и апикативна работа. Наша мисија е пред сè да им се обезбеди на студентите врвно образование во областа на земјоделските науки, притоа поттикнувајќи ја нивната креативност, истражувачки дух и спремноста за одговорна тимска работа. Исто така, преку креирање на стуручни кадри да им обезбедиме на стопанството, како и на нестопанските дејности квалитетни земјоделски инженери, кои ќе бидат подготвени да се соочат со предизвиците на терен и да ја зголемат нивната продуктивност, иновативност и конкурентност на пазарот во земјата и надвор од неа. Преку својата научно-истражувачка работа Факултетот за земјоделски науки и храна ја реализира обврската да биде носител на постојан техничко-технолошки напредок во земјоделскиот и преработувачкит сектор и на севкупниот развој на земјата.

Која е вашата визија како најстара високообразовна институција и основна цел на овие простори?

Низ своето постоење и посветена работа, факултетот развива студиски програми со кои се едуцираат студентите според перцепираните потреби на економското опкружување, како и според тековните потреби на општеството. Освен посветеноста на нашиот кадар на наставно-образовниот процес во високото образование, секако дека факултетот многу вложува во научните истражувања и трансферот на знаење во економијата. Значи, истовремено сме насочени кон подобрување на образовните програми на сите три нивоа на образование, кон подигнување на квалитетот на работниот процес и човечките и материјалните ресурси, а со една единствена цел: достигнување на највисоките стандарди. На овој начин, покрај што ги обезбедуваме образовните потреби на нашите студенти, научните исто така, се грижиме и за професионалните потреби на стопанството и материјалните потреби на нашите вработени.

Квалитетно и ефикасно образование на сите 3 циклуси (додипломски, постдипломски и докторски студии) базирано на современи студиски програми....

Се стремиме кон константно осовременување на студиските програми на сите нивоа на прв, втор и трет циклус академски студии http://www.fznh.ukim.edu.mk/mk/doktorski-studii/ и воведување на систем за евалуација на квалитетот на наставните програми и работата на наставниците, развој и унапредување на наставните простории (амфитеатри, предавални), лаборатории за студенти, лаборатории за научно-истражувачка дејност, вклучување на студентите во програми за соработка со стопанството преку изработка на завршни и дипломски, магистерски работи. Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје поседува и свои обработливи површини во Опитно поле - Долно Лисиче. На овие површини наставно-научниот кадар заедно со студентите ги изведуваат сите практични задачи, ова е место каде теоријата се преточува во пракса. Во состав на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје денес функционираат неколку акредитирани лаборатории според ISO 17025 стандардот, како: Лабораторија за храна за животни, Лабораторија за испитување на квалитет на семиња од земјоделски растенија, Лабораторија за анализа на почви и ѓубрива и Лабораторија за тутун и тутунска суровина. Сите овие акредитирани лаборатории се ставени во фукција и на располагање на стопанството, на голем број приватни и државни институции со кои факултетот има долгорочна плодна соработка и остварени резултати во облста на земјоделството и преработувачката индустрија..

Научно-истражувачка дејност на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје – основен двигател на земјоделскиот и биотехничкиот развој во регионот

За реализација на оваа стратешка цел Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје се залага за зголемување на бројот на запишани студенти на постдипломски-магистерски студии и бројот на докторанди, преку создавање услови за квалитетна менторска работа и истовремено вклучување на странски научници во наставниот процес и процесот на менторирање. Исто така, сè повеќе е зголемено присуството на стопанството, преку нивни активности за поддршка на факултетот (преку опремување лаборатории за изведување на истражувања, стипендирање на студенти и др. активности). Во континуитет се стремиме кон што поголема мобилност, постдокторски студии, зголемување на бројот на објавени трудови во референтни научни публикации, зголемување на бројот на научно-истражувачки проекти (домашни и меѓународни) и вклучување на студентите од додипломските и постдипломските студии во научно-истражувачката работа. Исто така, главен акцент е даден и на меѓународната соработка и зајакнување на професионалните врски со колеги ширум светот преку организирање на меѓународни и домашни научни собири за популаризација на науката. Факултетот издава и свое списание во кое уредувачкиот одбор го сочинуваат еминетни научници во својата област од нашата држава и странство (Journal of Agricultural, Food and Environmental Sciences).



На кое ниво е соработката на Факултетот за земјоделски науки и храна со стопанството?

Како институција со стручњаци од областа на земјоделските и биотехничките науки, Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје има за цел да ги следи потребите на стопанството за да го задржи чекорот со брзиот напредок на технологијата. Задоволни сме што имаме остварено соработка со над 200 различни приватни компании, голем број државни институции и невладини организации. За одржување на ваквата соработка во континуитет е неопходна комуникација за воспоставување на долгорочни програми и соработка со стратешки партнери, зголемување на бројот на стручни студии, подготовка на елаборати и вршење експертиза за потребите на стопанството, и секако она најважното - вклучување на студентите во специјални (Internship Program) програми за соработка со стопанството, каде ќе се здобијат со професионално искуство, стекнување на способности на минимум средно професионално ниво, како и зголемување на комплексноста на одговорностите во различните етапи од праксата. На овој начин, работејќи како стажанти, ќе имаат прилика да се запознаат со производните процеси во компаниите и по дипломирањто ќе влезат спремни на одредени работни места. Научно-истражувачката дејност треба да се разгледува не само како придобивка за научни цели, туку истите тие резултати да бидат ставени во функција за развој на стопанството во државата. Со изнаоѓање заеднички решенија, треба да се понуди нова перспектива во решавање на проблемите во земјоделскиот сектор и во производството на здрава и безбедна храна за населението.

Што, според Вас, е неопходно за да ги здржиме своите млади стручни кадри во границите на државата?

Иновацискиот капацитет на една земја во голема мера е детерминиран од способностите на работната сила да креира нови знаења, како и да ги усвојува, адаптира и да ги применува постојните знаења и техонологии. Таа способност, превенствено, зависи од степенот на образование и стручните компетенции на работната сила, како и од интересот на компаниите за поддржување на овој сегмент. Сметам дека поседуваме сè, но, за жал, сепак имаме одлив на стручна работна рака. Затоа е важен моментот на соработката меѓу институциите, за заедничко справување со предизвиците, нудење можност младите да се стекнат со чувството на припадност, дека може да делуваат и преземат одговорности, за што, секако, нивниот труд треба да биде соодветно валоризиран. Неопходно е да се обезбедат поволни услови за работа што ќе ги мотивираат младите да останат да работат и се надградуваат во матичната земја. Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје работи на имплементирање на европските тенденции на развој во научно-истражувачката, стручната и образовната дејност. Имплементирањето на модерните тенденции се спроведува во сите области на делување: организација и изведување на студиските програми, зголемување на ефикасноста во образовниот и научно-истражувачкиот процес, поврзување на образовната, научно-истражувачката и стручната дејност, како и градење и унапредување на внатрешната организација. Притоа факултетот активно соработува со научните, високообразовните и стопанските партнери во земјата и странство. Се залагаме за зголемување на мобилноста на студентите и наставниците, рационално користење на човечките и материјалните ресурси и развој на научно-наставните дејности и стручната работа. Целта е на студентите да им овозможиме квалитетно образование и научно-истражувачка дејност и да ги поттикнеме за активно вклучување во европскиот високообразовен и истражувачки простор. Наставниот кадар на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје се залага за поврзување на образовниот процес со научно-истражувачката работа и стопанството преку активно вклучување во научни и технолошки проекти и соработка со други образовни установи, институти и експерти од практиката. Факултетот преку свои програми наменети за возрасни се залага и во делот на „Доживотното учење“ (Lifelong Learning) како облик на континуирано учење во текот на целиот живот заради усовршување, дополнување, продлабочување и осовременување на нивното знаење. Исто така, посветуваме големо внимание на „неформалното учење“ преку спроведување на активности и програми за учење и оспособување, со цел унапредување на знаењето, вештините и компетенциите за лични, општествени и професионални потреби на сите категории заинтересирани учесници.